Ноќта одново ја распосла својата ѕвездена покривка. На една од Витлеемските полјанки десет годишното овчарче Самуил гледаше како изгреваат ѕвездите. Секоја вечер тој ноќеваше тука и го чуваше стадото, како што правеа и другите пастири. Денес една од овчичките му се загуби. Самуил долго ја бараше додека најпосле не ја пронајде, заглавена во еден даб. Радосно ја извлече и ја прегрна.
Потоа момчето цело време размислуваше за тоа – има ли Бог. Од пред неколку месеци сестричката му беше болна и лекарите не можеа да ѝ помогнат. Самуил многу страдаше за неа. Тој се молеше, доколку има Бог, Он да ја излекува. Сепак тоа не се случуваше и момчето беше збунето. Си мислеше дека Оној Кој ги создал ѕвездите да изгреваат со такво великолепие, мора да е многу мудар и силен. Сигурно може да ѝ помогне на неговата сестричка. Толку многу посакуваше, доколку има Бог, Он да ѝ помогне во оваа тешка ситуација, исто онака како што денес тој ѝ помогна на изгубената овчичка. Солзи течеа од очите на овчарчето. Утредента замоли еден од пастирите да му го варди стадото и си тргна кон дома. Кога пристигна го здогледа загриженото лице на својата мајка. Здравјето на девојчето се беше влошило. Веќе не можеше ни да прима храна. Наликуваше на свеќичка која полека гасне. И покрај тоа, таа не престануваше да верува дека има Бог Кој се грижи за сите. Нивната баба, пред една година, кога беше жива, често им велеше: „Молитвата која излегува од срцето е налик на ѕвездичка што се пали на небото“. Оттогаш, девојчето секоја вечер ја издигнуваше својата молитвена ѕвездичка кон небесата.
За разлика од неа, во душата на Самуил беснееше бура од гнев и неверие. Тој реши дека Бог не постои. Тргна кон полјанката потонат во очај. И оваа вечер, како и обично, тој го набљудуваше ѕвезденото небо. Така неусетно заспа и сони чудесен сон: На небото изгреа ѕвезда многу поголема и посветла од останатите. Од неа излегуваше некаква светла патека. Самуил реши да провери што е тоа. Со поглед проследи до местото каде што почнуваше ѕвездената патека и се упати по неа. Во далечината, пред себе, забележа три мудреци. Веројатно доаѓаа од далеку, бидејќи носеа тешки дисаги. По кратко време мажите застанаа пред една пештера и влегоа внатре. Самуил тајно ги набљудуваше. Внатре една млада жена држеше бебе повиено во пелени. Тројцата мудреци се поклонија пред нив и принесоа различни дарови. Момчето кое гореше од љубопитност реши да влезе и внимателно се сокри зад магаренцето во јаслите.
Се загледа во Младенецот и целиот се растрепери од необична сила. Лицето на детето зрачеше од чудесна светлина. Самуил веднаш сфати дека тоа е Бог. Малку се нажали, гледајќи дека мудреците му принесоа на Бога скапоцени дарови, а тој немаше подарок. Затоа се помоли: „Господи, немам што да Ти подарам. Ти го принесувам своето покајание заради тоа што згрешив, велејќи дека не постоиш. Те молам прости ми! Сакам да Те следам!“
Рано в зори Самуил се разбуди. Тој набрзина се упати накај дома. Сакаше што поскоро да им каже на своите блиски дека Го сонуваше Богомладенецот. Во далечината забележа една кревка фигура, која трчајќи се приближуваше кон него. Запрепастен од чудо, тој ја препозна својата мала сестричка, која таа ноќ беше оздравела. Светла надеж му го исполни срцето. Веќе знаеше дека Бог постои и дека после страдањата, Он секогаш ни ја дава својата утеха. Сфати исто така и дека не треба да очајуваме, па колку и да ни е тешко. Бидејќи безброј се Божикните чудеса по земјата.