Приказна за двата чувари

Некогаш одамна, децата ги чуваа ангели. Внимаваа да не паднат од дрво, да не нагазат трнче, да не се сопнат во потокот, да не заталкаат по шумата… Кога ангелот чувар малку повеќе ќе се занесеше од песната на птиците и од убавината на цвеќињата, се случуваа и мали незгоди. Но, тоа беше ретко. Децата, благодарни, постојано копнееја да Го гушнат Бога, па скокаа да Го дофатат. А, бидејќи имаше многу нешта за благодарење, децата скокаа по цел ден и нивниот весел џагор се слушаше дури до седмото небо.

А, потоа… е потоа нивните родители ја продадоа куќата и си купија станче во градот. Добриот ангел и понатаму ги учеше децата за сè, а особено за тоа дека треба да Му благодарат на Бога, но на соседите тоа некако не им се допадна…

Тато бараше да биде тивко кога ќе се врати од работа, а мама многу се грижеше заради новиот мебел. Но, деца како деца, чисти душички – по цел ден благодареа на Бога. Така ги учеше ангелот.

Се налутија мама и тато, му дадоа отказ на ангелот! Им требаше подобар чувар – некој кој ќе може да ги смири децата. Не помина многу, вработија друг на служба.

Дека е црн – црн е, дека е грд – грд е, ни рогови не му фалат, а и опаш. Од полицата ја тргна „здодевната“ семејна икона и наместо неа тука постави магична кутија.

А, кутијата пее, свири, се менува во сите бои! Ќе притиснеш на едно копче – ете ги слоновите во Африка, на друго – веќе си на дното на морето, на трето, некој трча по топката, на четврто известуваат за цените на пазарот…

Децата седат здрвени како кипови, не вреват, не дишат, прескокнуваат оброци (или домашни), но сега барем не скокаат преку новите скапоцени столици. Сите се мирни и задоволни – и децата и родителите и соседите.

Црниот чувар како да нема мана. Но, сепак, има – многу се плаши од крстот! А неговиот бел претходник ги имаше научено децата да се крстат. Што ако некој од нив ги состави трите прста и… не, тоа не смее да се случи!

Затоа тој им постави уште една магична кутија, во спалната и уште пикна мала телефонска кутија во џебот, сè копче до копче, за трите прста никогаш да не бидат слободни за крст!

А, белиот ангел уште лета околу куќата. Зашто многу ги љуби децата. Дури успеа да се прикраде и на магичната кутија за замрзнување на децата да ѝ додаде едно свое копче. Па ако некое дете случајно го притисне, ќе се одмрзне и ќе може повторно да се крсти, да трча, да работи, да љуби, да Му пее на Бога, со молитва да летне до самото небо!

На тоа копче пишува – исклучи.