Божјата и човечката праведност I дел

Праведноста не е само една од многуте добродетели – таа е севкупна добродетел. Согласно со тоа праведникот не е оној кој избегнува да им прави неправда на другите, туку оној кој во својата личност ги содржи сите добродетели. Совршениот праведник е Бог, и Божјата правда е начин на кој се објавува и изразува Неговата светост и љубов. Човекот станува праведен преку својата преданост кон волјата Божја и придржување кон Неговите заповеди. Од оваа највоопштена смисла на праведноста произлегува и нејзината најограничена смисла со дистрибутивно значење.

Човечката праведност својата содржина ја црпи од Божјата праведност, која во човековата свест се втиснува и изразува преку Божјиот закон. Божјиот закон е „закон на праведноста“, а оној кој го држи овој закон е праведник. Вистинскиот праведник не го држи Божјиот закон за да стане праведен, туку за да се усогласи со Божјата праведност: да го прими воспитувањето со кое Бог го поучува човекот. Преку делата на законот се пројавува човековата верност кон Бога и Неговиот Завет, која го прави пријател Божји и учесник во Божјата праведност. На тој начин праведникот се спасува преку својата вера. Автономното толкување на делата на законот како и нивното практикување независно од довербата во Божјата праведност, не само што не ја одржува заедницата со Бога, туку и уште повеќе го заострува овој нивен однос, влијаејќи притоа и на заедницата со ближните.

Божјиот закон е духовен закон и треба во секој облик духовно да се толкува. „Завршницата“ (совршенството) на овој закон е Христос. Постепеното, пак, објавување на Божјата праведност во Стариот Завет се заокружува и достигнува свој врв во личноста на Христа, Кој Себеси се жртвува за грешниците. Христос е Божја праведност, и Христовото Евангелие е Откровение на Божјата праведност, што неправдата во која се најде човекот заедно со целиот космос после гревот ја враќа во првобитната состојба.

Бог ја сака праведноста и ја мрази неправдата. Ни во едно Божјо дело не отсуствува праведноста и ниедно Божјо дело не содржи неправда. Така, Бог праведно делува, не само кога го остава човекот да ги ожнее последиците од своите дела или своите одлуки, туку и кога интервенира за да го искупи од ѓаволот, кому човекот своеволно му се покорил. Најпосле, Бог ја извршува праведноста не само во нејзиното разделувачко, туку и во нејзиното собирно значење. И човекот е повикан да ја научи и практикува таквата праведност.

Човечката праведност се исправа преку држењето на Божјите заповеди. Но ни ова не претставува ништо повеќе од неговата елементарна должност. Човековата обврска е повторно да се воспостави на местото што природно му припаѓа. Освен тоа, како што праведноста Божја го покрива и Неговото човекољубиво посредување за човекот, така и човековата праведност се усовршува со неговото човекољубиво посредување за ближните. Делата на праведноста, како дела на верата, а не на самоправедноста, за праведниците претставуваат природно знаење.

Во рамките на оваа перспектива праведноста е таа која го подготвува човекот за примање на Месијата, Кој ни Го открива Бог на љубовта. Праведноста на Јосиф, Богородичниот обручник, не била посветена на вообичаеното држење на законот, туку се припишувала на неговиот човекољубив дух: „А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи праведен не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја отпушти“ (Матеј, 1, 19).

Човечката неправда претставува предизвик за Божјата праведност. Оваа неправда или зема законски облик и станува присутна како општествена неправда, или, пак, се пројавува на лично ниво и изразува како индиферентност за правда, т.е. лицемерие. Божјата праведност не доаѓа како казна за човечката неправда, туку како благодат која ја поништува неправдата (прави таа да исчезне), за потоа во човекот да изгради сила на праведноста.

Карактеристично обележје на Божјата праведност, како што таа е прикажана во Христовата личност, е фактот дека таа не се одредува со сила. Божјата сила во човековото праведно дело не ѝ претходи на праведноста туку ја последува. Ова е совршен поредок на кој се придржува Бог во Своето дело и луѓето се повикани дејствително да се поучуваат на овој поредок во својата смртност, за да би се придржувале постојано кон него и во времето на бесмртноста, кога ќе здобијат сила.

Божјата праведност го оправдува човекот, бидејќи тој е огревовен. Очигледно е дека ова е спротивно на праведноста која има дистрибутивно, односно законско значење. Па така таа се претставува како дело на милосрдието, и навидум како неправедна. Но токму во тоа е специфичноста која Божјата праведност ја прави поинаква. На злото не се возвраќа со зло, зашто така злото само би се удвоило. Злото дури и не се смета за настан; тоа е нешто што праведноста го презира. Самиот Бог ја зеде на Себе тежината на гревот и ги поднесе неговите последици, во Христа Кој е праведност и осветување на сите луѓе. Така откривањето на Божјата праведност е истовремено и осуда на неправдата и оправдување на човекот; тоа е објавување на неискажливата Божја љубов и Неговата изобилна милост.

Продолжува