Божјата и човечката праведност II дел

Човекот понекогаш Му префрла на Бога за своите страдања. Бара рамноправност и праведност. Гледајќи дека владее нееднаквост и неправда, го обвинува Бога дека Он е причина за тоа. Во непосредна врска со ова е и признатиот проблем на оправдување на Бога (теодицеја) кој е сумиран во прашањето: како е можно, пред праведниот Бог, во светот повеќе да преовладува злото отколку доброто? Овој проблем надвор од христијанството останува суштински нерешен.
Христос покажува една потполно поинаква позиција, која одново ја воспоставува праведноста, и тоа во два правци. Најпрвин Го оправдува Бога, зашто Он се жртвува за човекот и кон него покажува љубов што не може да се опише. А потоа го оправдува и човекот, со својата апсолутна послушност кон Бога Отецот. Така, од човечки аспект, ако Бог е таков каков што Христос ни Го објави, Нему Му приличи секаква слава и благодарност. Но, исто така и од аспект на Бога Отецот, доколку човекот е таков каков што бил Христос, тогаш за Отецот, како рамноправен Нему, тој е достоен да седи „оддесно Нему на небесата“.
Божјата праведност не се поистоветува ниту со еден облик на општественото постоење. Таа е непомирлива со било која востановена ситуација. Ова, во конечна анализа, значи дека секој облик на човечка правда е револуционерен и превратнички. Меѓутоа, истовремено и секоја револуционерна правда е превратничка. Божјата праведност не тежнее да се оправда себеси во светот, ниту да достигне до некое надворешно укинување на неправдата. Нејзина мера е личноста на Богочовекот Христос. Па затоа и нејзиниот критериум е ипостасен. Не постои праведност, но ниту неправда, таму каде што не постои ипостас, т.е. личност.
Спротивно на ова, човечката правда секогаш пројавува одреден облик на социјално постоење. Повикувајќи се на природното или религиско право, обичајното предание или духот на народот, идеализмот или материјализмот, релативизмот или хаотизмот, таа прифаќа некаков правен облик, или, пак, го доведува во знак прашање. Тоа е правда која дејствува релативно и во временска минливост. Не се ипостазира во одредена личност, туку природно и законски се оддалечува од неа и останува безличносна. Во согласност со тоа, нејзините критеруими не се ипостасни туку се субјективни. Може да се смета објективно добра или лоша, но нејзиниот квалитет конечно се одредува од страна на оној кој ја применува. Тоа важи не само за човечката овосветска правда, туку и за религиозната праведност, доколку не е личносно втемелена, односно доколку не е објавена од Христа и Неговото Евангелие.
Верата во личносната праведност Христова вклучува и обид за нејзино личносно доживување од страна на верниците. Неправдата не се наоѓа во другите, што верникот треба да ги поправи, туку во него самиот. Исто така, на макроскопско ниво, неправдата не се наоѓа во заедницата, ниту во некои безлични системи, кои би требало да се поправат. Таквото сфаќање на праведноста не само што не ја погаѓа неправдата во нејзиниот корен, кој е во нас самите, туку и ја проширува под изговор на борба против неа во празниот простор или во другите.
Најпосле, Христовата праведност го повикува човекот да се уподоби на Божјата праведност и да ги сака сите луѓе, дури и своите непријатели, поднесувајќи ја неправдата што му ја прават во сета нејзина тежина. Со љубовта кон непријателите христијанинот на своите плеќи го носи злото на другите, следејќи го слободно Христовиот пример и спречувајќи го неговото понатамошно ширење и таложење во светот. Ова неправедно страдање може да се живее како дар од Бога. Тоа не подразбира милост кон злото, ниту рамнодушност кон неговото присуство во животот на заедницата, туку жртва и чекорење по Христовиот пат, со цел ограничување на злото и негово поништување.
Во рамките на таквата перспектива верникот е повикан да ја примени таканаречената дистрибутивна праведност, возвраќајќи секому праведно со страв Божји. Така, ап. Павле често им пишува на оние за кои ги наменил своите Посланија дека се должни на сите да им укажуваат правда и еднаквост. Овде, повторно, толкувањето на правдата и еднаквоста не може да биде одвоено од љубовта. Поради тоа ап. Павле ги советува верниците никогаш да не возвраќаат со зло. Освен тоа, св. Василиј Велики ја смета за подвиг големата мудрост на познавањето на вистинската праведност. Оној кој ја познава вистинската праведност и од неа учи секому да му го додели она што му е потребно, тој може да суди правилно, а оној кој суди правилно не е непристрасен ниту делува согласно со своето расположение, туку суди чесно и објективно.
Божјата праведност, која човекот е повикан да ја подражава, не е само едно обично толкување на правдата или пасивна непристрасност, туку објава на светоста и љубовта. Заради тоа и се остварува со делување во правец на укинување на неправдата и со давање поддршка на оној кому му е нанесена неправда, или со интервенција заради одбрана на слабиот и немоќниот и заштита на неговата немоќ. Најпосле, Христовата праведност може да достигне до неискажлива толеранција кон слабостите на другиот, воедно почитувајќи го и посакувајќи го неговото поправање. Така станува очигледно дека полнотата на законот е љубовта. Со ова се остварува и истовремено открива вистинската смисла на Божјиот закон во неговата севкупност.