Христијаните во светот – V дел

Користење на цивилизацијата, а не злоупотреба

Христијаните, вели посланието кон Диогнет, „како граѓани споделуваат сè со останатите, а сепак сè примаат како туѓинци“; односно Христијаните, како граѓани на еден град, учествуваат во сè што тој град го предлага, а истовремено поднесуваат сè како да не се граѓани на тој град. Кога Христијанинот, како граѓанин на еден град, учествува во она што градот го предлага, тоа значи дека тој има и граѓански права и граѓански задолженија. Тој гласа како и сите останати, но за најдобриот според него, без некаква лична полза, не оценувајќи ги кандидатите според својот џеб, туку според општиот интерес. Учествува во граѓанскиот живот, но по мерката определена од Светиот Дух и таа мерка е посочена од Божјиот Дух, преку напишаното од светиот Апостол Павле до Коринтјаните: И кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат (Кор 7,31). Добро обратете внимание – ова е важно нешто: да се користи цивилизацијата, а не да се злоупотребува. Нема да се втурнам во прекумерна употреба, бидејќи тогаш цивилизацијата ќе ја претворам во свое божество. Не, ќе ја користам до степен што е диктиран од Светиот Дух. Критериумот секогаш ќе биде внатре во мене и јас секогаш таму ќе го наоѓам, восовршувајќи се, додека ги искачувам скалилата на духовноста.

Христијанинот и сопственоста

Бидејќи Христијанинот живее во својот град, и учествува во својот град и татковина, тој има сопственост. Некој од вас ќе праша: „може ли Христијанинот да има сопственост?“ Да, може, тоа не е забрането. Тоа не е нешто проклето, не е непријател на духовноста, но пак ќе речам, во истата онаа мерка што Светиот Дух ја дава преку горе спомнатото послание на Апостол Павле: И кои што купуваат – како да немаат ништо. Значи, ќе купуваме, но ќе живееме како да немаме ништо свое. Се разбира, според законот, овој часовник што го носам ми припаѓа мене. Ако некој го побара сопственикот, ќе му речам „мој е“. Ако пак мојата сопственост биде ставена под сомнеж, ќе покажам сертификати, документи за сопственост. Но каква ќе ми биде врската со сопственоста?  Како да немам ништо во овој свет. Оние кои што купуваат – како да немаат ништо. Внимавајте, не како да немаат, туку како да не поседуваат. Нема да речам: „Мојот часовник, мојата кола, моите пари“, оти тоа наликува на зборовите на среброљубецот од Евангелското четиво: И ќе и речам на душата своја: Душо, имаш многу блага, јади пиј, и весели се… Гледате ли?

Христијанинот има сопственост, но не се приврзува кон неа. Така тој може да биде милостив и да дава од своето богатство. Ви реков дека по закон тоа му припаѓа. Но тој не се потпира, не се надева на тоа што го има. Тоа само му служи за неговите потреби, и за потребите на неговото семејство. Што вели св. Апостол Павле: За потребите мои, и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце (Дела 20,34). Св. Апостол Павле работел, заработувал и така ги покривал своите потреби и потребите на луѓето што биле со него. Гледате ли? Прво вера, потоа служење. Сепак и Христијанинот учи, стекнува искуства и научно знаење, презема должност во граѓанската хиерархија и ги прима сите привилегии како и останатите граѓани; но ако поради некаква причина биде гонет, било заради христијанската припадност, било заради нешто со кое не се согласува, тогаш тој со радост го прима гонењето, понижувањето и презирот, растејќи и радувајќи се дека можеби еден ден ќе стигне и до мачеништво. Така што доколку поради некаква причина, државата го унижи Христијанинот кој што заземал одредени должности, тој не се огорчува против државата, ниту покажува омраза и злоба. Христијанинот не е приврзан кон материјалното. Светиот Апостол Павле, во Посланието кон Евреите наведува еден прекрасен совет упатен до Христијаните. Слушајте што вели: И со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот (Евр. 10,34). Значи и одземањето на вашиот имот, вели тој, пречекајте го со радост. Зошто? Бидејќи не сте прилепени кон него. Имавте имот, имавте сопственост. Во еден миг државата се свртува против вас, бидејќи имате христијанска припадност и ви го конфискува имотот, но вие не сте тажни. Слушнавте ли? Вели со радост примете го тоа, зашто знаете дека ќе имате за себе подобар имот на небесата, траен имот. Токму на тоа се однесуваат зборовите што ви ги спомнав: „Како граѓани тие споделуваат сè со останатите, а сепак поднесуваат сè како туѓинци“. За Христијанинот татковината не е идол, бидејќи Господова е земјата и она што ја исполнува (Псалм 23,1).

Посланието продолжува: „Секоја туѓа земја за нив е како нивната татковина, и секое родно место е како туѓа земја“. Секоја туѓа земја е нивен дом, и секој нивен дом е туѓ. Тоа значи дека Христијаните не престануваат да ја сакаат сопствената татковина, но како што кажав, доколку постои некаква причина, некаква економска потреба, понекогаш дури и религиозна, тие можат да ја напуштат татковината и да отидат на друго место. Каде и да појдат, тие се чувствуваат удобно. И своето ново место го сметаат за дом. Но и доколку останат во татковината, сепак живеат со чувството и мислата дека се туѓинци. Затоа Христијаните наликуваат на Авраам, кој ја напушти својата татковина. Бог му рече: Излези од својата земја, од родното место и од татковиот дом и оди во земјата што ќе ти ја покажам (Битие 12,1). Знаете ли како живеел на тоа место каде што се населил? И покрај тоа што било ветеното место, местото на Божјото ветување? Како туѓинец и придојден. Ете зошто Авраам не изградил куќа, туку живеел во шатор. Така и Исак, така и Јаков. Не сакам да кажам дека не треба да градиме куќи, туку дека дури и за куќата што ја градиме, треба да кажеме: „Е, денес може ќе живееме во неа, ама утре…? “ Во ќелијата на еден монах било напишано: „Ќелиичке моја, живеам во тебе, а после мене некој друг ќе живее!“ Така, денес сме во домот, а утре може и да не сме. Денес сме тука во овој храм, а утре може да не сме. Може да не изгонат и принудат да одиме на друго место. Што да се прави? Затоа човек треба секое туѓо место да си го чувствува како татковина, а својата татковина како туѓо место. Се разбира тоа не значи дека Христијанинот е космополит во хуманистичка смисла на зборот. Тој едноставно има вера дека каде и да појде Господова е земјата и она што ја исполнува, дека земјата е на Бога Отецот. Каде и да појдам, од Бога нема да се одделам.