Духовна неосетливост – I дел

Ги знам твоите дела; носиш име дека си жив, а мртов си. (Откровение 3,1)

Телесните сетила нивното оштетување и умртвување

Кога ќе утврдиме дека некое од сетилата не ни функционира правилно, ние се загрижуваме и веднаш се обраќаме кон лекар. На пример, кога очите ни ги менуваат формите или боите на предметите, или, пак, кога ушите не ни ги восприемаат нискофреквентните или високофреквентните звуци, ние без размислување одиме на преглед. Ако таа состојба потрае, т.е. ако сетилата не нè информираат правилно, туку се слаби, тогаш сфаќаме дека не можеме да имаме правилна слика за надворешниот свет. Ако, пак, немаме слика за надворешниот свет, не можеме да се адаптираме кон него.

И доколку нашите сетила, сите телесни сетила се мртви – и видот, и слухот, и мирисот, и вкусот, и допирот, тогаш телото уште пред да се оддели од душата, се смета за мртво, или наликува на мртво тело. Во тој случај велиме дека човекот не осеќа, т.е. дека не ја чувствува околината. Тој живее, но, не гледа, не слуша, не чувствува. Кога сетилата наполно го напуштат човекот, тогаш за тој човек би рекле дека е жив мртовец.


Духовните сетила

Ова кажаното важи за нашите телесни сетила, и се пројавува преку нив. Но како што знаете сетилата, чувствата, не се однесуваат само на телото туку и на душата. Душата исто така има свои сетила, сетила кои соодветствуваат на телесните сетила, односно имаме духовен вид, духовен слух, духовен вкус, итн.

 
Всушност Божјото Слово, многу често ги спомнува тие духовни сетила; За нив дознаваме од Светото Писмо, и тоа на многу различни места.


За духовниот вид, на пример, ние се објаснува во книгата Откровение, во Посланието до ангелот на Лаодикиската црква: Те советувам… со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш (Откр. 3,14), односно стави си лек во очите за да можеш појасно да гледаш. Потоа и Самиот Господ ги разобличи, фарисеите и началниците на народот, кои ги гледале неговите чуда, но не ги виделе реално. И вака Господ го изразува тоа необично нешто: За суд дојдов Јас на овој свет, за да прогледаат оние што не гледаат, а оние што гледаат да станат слепи (Јован 9,39). Имено слепородениот Го исповедал Исуса за Бог, а „оние што гледале“ фарисеите, и началниците на народот и Синедрионот свесно и доброволно се заслепувале и го игнорирале чудото. Навистина за слепиот од раѓање, кого што го спомнува Евангелистот Јован, тие не сакале да се убедат и го прашувале: „Ти ли си навистина поранешниот слеп кој што седеше на скалите од храмот?“ Потоа ги повикуваат родителите: „Ова ли е вашиот син?“ И одново го прашуваат него: „Ти ли си?“ Поради што е ова неверие? Кога тој вели: „Да јас сум, веќе ви кажав дека сум јас!“, тие најпосле се увериле дека е тоа слепиот, но не сакале никако да го признаат Христа. Ете зошто слепите гледаат и признаваат, а тие со широко отворени очи не гледаат и не признаваат.


Во врска со слушањето, пак, Господ многупати кажува: Пазете како слушате (Лука 8,18). Внимавајте како слушате, бидејќи духовното слушање, не значи само зборовите да ги слушнете со ушите, понатаму тие да се регистрираат во мозокот и мозокот да ги обработи како поими. Духовното слушање е подлабоко разбирање на поимите што мозокот ги обработил.

За вкусот, Божјото слово ни вели: Вкусете и видете колку е благ Господ (Псалм 33). Не само да видиш, не само да чуеш, туку и да вкусиш – вкусувањето е нешто уште поблиску – и преку тоа духовно вкусување да познаеш дека Бог е „благ“, да ја почувствувате духовната сладост.


Недостаток на духовни сетила

Недостатокот на овие духовни сетила, возљубени, води до онаа тажна состојба опишана од Пророкот Исаија, на кого се повикува Евангелистот Јован, и чиешто пророштво се исполнило на лицето на Исуса Христа. Тој вели: Господи кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат и да не се обратат за да ги излекувам. (Јован 12,38-40). Каква тажна состојба на духовна неосетливост!


Така што можеме да кажеме дека освен телесната неосетливост, односно недостатокот на функционирање на телесните сетила, имаме и духовна неосетливост. Да! И тоа е појава која не само што не е ретка, туку за жал често се среќава, па дури е и алармантна. Тоа ќе биде нашата денешна тема – духовната неосетливост.

(Продолжува…)