Црквата и нацијата

 

Основи на социјалната концепција
на Руската православна црква

 

II. Црквата и нацијата

 

ΙΙ. 1. Старозаветниот израилски народ бил првообраз на народот Божји – новозаветната Црква Божја. Искупителниот подвиг на Христа Спасителот го поставил почетокот на постоењето на Црквата како ново човештво – духовно потомство на праотецот Авраам. Со Својата Крв Христос нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе (Откр. 5,9). Црквата според самата своја природа има вселенски и, следствено, наднационален характер. Во Црквата нема разлика меѓу Јудеец и Елин (Рим. 10,12). Како што Бог не е Бог само на Јудејците, туку и на тие што происходат од јазичничките народи (Рим. 3,29), така и Црквата не ги дели луѓето според национална или класна основа: во неа нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос (Кол. 3,11).

Во современиот свет поимот ‘нација’ се употребува во две значења – како етничка заедница и како севкупност на граѓани на одредена држава. Односите помеѓу Црквата и нацијата треба да бидат разгледани во контекст на двете значења на тој збор.

Во Стариот Завет за означување на поимот ’народ‘ биле користени зборовите am и goy. Во еврејската библија и двата термина примиле сосема конкретно значење: првиот го означувал народот израилски, богоизбраниот; вториот, во множинска форма (goyim), – јазичничките (незнабожечки) народи. Во грчката Библија (Септуагинта) првиот термин бил преведен со зборот laos (народ) или demos (народ како политичка творба); вториот – со зборот ethnos (нација; мн. Ethne – јазичници).

Споредувањето на богоизбраниот израилски народ со другите народи е присутно во сите книги на Стариот Завет, поврзано на еден или друг начин со историјата на Израил. Израилскиот народ бил богоизбран не поради тоа што тој ги надминувал другите народи по бројност или нешто друго, туку затоа што Бог го избрал него и го возљубил (Втор. 7,6-8). Поимот на богоизбран народ во Стариот Завет бил религиозен поим. Чувството на национална заедница, характеристично за синовите Израилеви, било вкоренето во сознанието за нивната припадност кон Бога преку заветот склучен со Господа од нивните отци. Израилскиот народ станал народ Божји, чиешто призвание било да ја чува верата во единствениот вистински Бог и да сведочи за таа вера пред лицето на другите народи, така што преку него да се јави во светот Спасителот на сите луѓе – Богочовекот Исус Христос.

Единството на народот Божји било обезбедено, покрај со припадноста на сите негови претставници кон една религија, и со племенска и јазична заедница, вкоренетоста на определена земја – нивната татковина. Племенската заедница на Израилците била втемелена на нивното потекло од еден праотец – Авраам. Наш татко е Авраам (Матеј 3,9; Лука 3,8) – говореле древните Јудеи, нагласувајќи ја својата припадност кон потомството на оној, на кого Бог му одредил да стане татко на множества народи (Битие 17,5). Големо значение му било придавано на запазувањето на чистотата на крвта: бракот со иноплеменици не се одобрувал, бидејќи при таквите бракови светото семе се смешува со иноплеменски народи (Ездра 9,2).

На народот израилски му била дадена од Бога во наследство ветената земја. После излегувањето од Египет, тој народ отишол во Ханаан, земјата на своите предци, и, по повеление Божјо, ја освоил. Од тој момент земјата Ханаанска станала земја Израилска, а нејзината престолнина, Ерусалим, добила значење на главен духовен и политички центар на богоизбраниот народ. Народот израилски зборувал на еден јазик, кој бил не само јазик на секојдневниот живот, туку и јазик за молитва. Згора на тоа, староеврејскиот бил јазик на Откровението, зашто на него му зборувал на народот израилски Самиот Бог. Во епохата пред доаѓањето на Христа, кога жителите на Јудеја зборувале арамејски, а во ранг на државен јазик бил издигнат грчкиот, кон еврејскиот продолжиле да се однесуваат како кон свет јазик, на кој било извршувано богослужението во храмот.

Бидејќи вселенска по природа, Црквата истовремено е еден организам, едно тело (1. Кор. 12,12). Таа е заедница на чедата Божји, род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени… некогаш не народ, а сега народ Божји (1. Петар 2,9-10). Единството на овој нов народ е обезбеден не по национално, културно или јазично заедништво, туку со верата во Христа и Крштението. Новиот народ Божји овде нема постојан град, туку го очекува оној што ќе дојде (Евр. 13,14). Духовната родина на секој христијанин е не земниот, туку вишниот Ерусалим (Гал. 4,26). Евангелието Христово се проповеда не на свештен јазик, достапен само за еден народ, туку на сите јазици (Дела 2,3-11). Евангелието се проповеда не за тоа еден избран народ да ја сочува вистинската вера, но за во името на Исуса да се преклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот (Филип. 2,10-11).

II. 2. Вселенскиот характер на Црквата, сепак, не значи дека христијаните немаат право на национална самобитност, национално самоизразување. Напротив, Црквата во себе го соединува вселенското начело со националното. Така, Православната Црква, бидејќи вселенска, се состои од множество на Автокефални Помесни Цркви. Православните христијани, свесни дека се граѓани на небесната татковина, не треба да ја забораваат и својата земна родина. Самиот Божествен Основач на Црквата, Господ Исус Христос, немал засолниште на земјата (Матеј 8,20) и укажувал на тоа дека учењето што Он го изложувал не носи локален или национален характер: Доаѓа време кога ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот (Јован 4,21). Сепак, Он се идентификувал Себеси со народот кон когошто припаѓал според човечкото раѓање. Разговарајќи со самарјанката, Он ја нагласил Својата припадност кон јудејскиот народ: Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците (Јован 4,22). Исус бил лојален поданик на Римската империја и платил данок во полза на кесарот (Матеј 22,16-21). Апостол Павле, учејќи во своите посланија за наднационалниот характер на Црквата Христова, не заборавил дека по раѓање е Евреин од Евреите (Филип. 3, 5), а по граѓанство – Римјанин (Дела 22,25-29).

Културните одлики на одделните народи наоѓаат свој израз во литургиското и друго црковно творештво, особено во посебностите на христијанскиот начин на живот. Сетоа тоа ја создава националната христијанска култура.

Меѓу светиите, почитувани во Православната Црква, многу се прославиле со љубовта кон својата земна татковина и предаденоста кон неа. Руските хагиографски извори го величаат светиот благоверен кнез Михаил Тверски, којшто „ја положил душата своја за својата татковина“, споредувајќи го неговиот подвиг со маченичкиот подвиг на светиот великомаченик Димитриј Солунски: „добриот родољубец за својот роден град Солун рече: ’Господи, ако го погубиш овој град, тогаш и јас ќе загинам со него, а ако го спасиш, тогаш и јас ќе бидам спасен‘“. Во сите времиња Црквата ги повикувала своите чеда да ја љубат земната татковина и да не го штедат животот за нејзина заштита, доколку ѝ се заканувала опасност.

Руската Црква многупати го благословувала народот за учество во ослободителните војни. Така, во 1380 година преподобниот Сергиј, игумен и чудотворец Радонежски, ја благословил руската војска на чело со светиот благоверен кнез Димитриј Донски пред битката со татарско-монголските завојувачи. Во 1612 година светителот Хермоген, Патријарх Московски и на цела Русија, ја благословил народната домобранска војска за борба против полските напаѓачи. Во 1813 година, за време на војната со француските агресори, светителот Филарет Московски ѝ се обратил на својата паства: „Побегнеш ли од смртта за честа на верата и за слобода на Татковината, ќе умреш како престапник или роб; умреш ли, пак, за верата и Татковината – ќе примиш живот и венец на небото“.

Светиот праведен Јован Кронштадтски за љубовта кон земната татковина напишал вака: „Љуби ја земната татковина… таа те воспитала, те различила, те почестила, те снабдила со потребното; но, особено љуби ја татковината небесна… таа татковина е неспоредливо подрага од оваа, бидејќи таа е света, праведна и нетлена. Таа татковина за тебе ја придобила бесценетата крв на Синот Божји. Но, за да бидеш член на таа татковина, почитувај ги и љуби ги (нејзините) закони, како што си обврзан да ги почитуваш и ги почитуваш законите на земната татковина“.

II. 3. Христијанскиот патриотизам истовремено се пројавува и во однос на нацијата како етничка заедница, и како заедница на граѓани на одредена држава. Православниот христијанин е повикан да ја љуби својата татковина, кој има територијални одредници, како и своите браќа по крв, кои живеат по целиот свет. Ваквата љубов е еден од начините за исполнување на заповедта Божја за љубов кон ближниот, што вклучува љубов кон своето семејство, сонародниците и сограѓаните.

Патриотизмот на православниот христијанин треба да биде дејствителен. Тој се пројавува во заштита на татковината од непријатели, работа за доброто на татковината, грижа за добар поредок на животот на народот, вклучително и по пат на учество во делата на државното управување. Христијанинот е повикан да ја чува и развива националната култура, народното самосознание.

Кога нацијата, граѓанска или етничка, претставува целосно или претежно моноконфесионално православно општество, таа во извесна смисла може да се смета како една заедница на верата – православен народ.

II. 4. Во исто време, националните чувства можат да станат причина за гревовни појави, како агресивен национализам, ксенофобија, национална исклучителност, меѓуетничка омраза. Во својот краен израз овие појави често водат кон ограничување на правата на личноста и народите, кон војни и други пројави на насилство.

Православната етика му противречи на делењето на народите на подобри и полоши и на понижувањето на која било етничка или граѓанска нација. Уште повеќе во спротивност со Православието се учењата коишто нацијата ја ставаат на местото од Бога, или ја редуцираат верата до еден од аспектите на националното самосознание.

Противејќи се на таквите гревовни појави, Православната Црква ја остварува својата мисија на помирување на непријателските народи и нивните претставници. Така, во меѓуетничките конфликти, таа не зазема ниедна страна, со исклучок на случаите кога една од страните ќе пројави очигледна агресија или неправедност.


Извадок од: Основите на социјалната концепција на Руската православна црква.
Превод од руски: Братството на Свештената Бигорска Обител.