Етика и биоетика
Христијанската биоетика не може да биде истражувана независно од христијанската етика. Притоа, многу од проблемите во оваа наука, како што е стерилитетот, абортусите итн., се разгледуваат во рамките на христијанската етика. Се разбира, преку можностите коишто денес науката и технологијата му ги предлагаат на човекот, тие проблеми стекнуваат пошироки размери и уште повеќе се усложнуваат. За да не се разруши единството на христијанската етика, но и за да можат тие проблеми да се истражат со неопходното внимание, се предлага следнава тактика: сите теми, кои првоначално влегуваат во рамките на христијанската етика, се претставуваат во нивниот соодветен контекст. Целосно новите теми, како трансплантациите и ин-витрото, се истражуваат подетално во посебни глави.
Пристап кон проблемите
Предизвиците на биоетиката, на глобално ниво го враќаат во центарот на настаните интересот кон втемелување на етиката во човечката личност. Динамичното мешање на човекот во генетскиот состав на растенијата и животните, па дури и на самиот човечки ген, предизвикува низа од морални и друг вид на проблеми, кои водат до сериозни дилеми и безизлезни ситуации.
Тие нови проблеми се предмет на особен интерес и се следат со внимание и сериозен однос од страна на Црквата. Тие се предмет на детално истражување од страна на специјални комисии, кои помагаат за нивното решавање во перспективата на христијанското учење и живот. Некои христијански вероисповеди имаат став по тие прашања, но православната Црква сè уште се оградува од тоа до нивното проучување и се стреми верниците да ги направи чувствителни кон нивното расудување и разгледување. Во секој случај многу е важно правилното запознавање на општеството по прашањата на биоетиката, не само поради нивниот пресуден карактер, туку и поради тоа што се претставени со украсена терминологија, којашто често ја прикрива вистината за работите и го олеснува донесувањето на погрешни одлуки.
Содржина на третиот дел
Во третиот дел од христијанската етика се разгледуваат основните проблеми и перспективи на човечкото суштествување и се прави опит да се претстават општите црковни ставови по тие прашања. Тука истражувањето е сосредоточено главно во средината помеѓу хоризонталното и вертикалното мерило на христијанската етика. Поконкретно станува збор за смислата на животот, за местото на човекот во пространството и времето, за опитот на добродетелта, за проблемите создадени од прогресот и перспективите што подвигот ги открива. Освен ова, станува збор и за технологијата и механократијата, за еколошката криза и почитта кон човечкото постоење. Во рамките на оваа тематска единица се разгледуваат проблемите на биоетиката, создадени од ин-витрото и трансплантациите. Особено внимание е одвоено за болката, која зазема централно место во човечкиот живот, но обично се занемарува и свесно се премолчува. Непосредна врска со болката има и таканаречената евтаназија, која во наше време добива особена форма и поширока распространетост. Во тој контекст влегува и прашањето за прекинот на животот, кој, пак, се случува на два дијаметрално спротивни начини – преку саможртвата и преку самоубиството. Најпосле, се фрла и поглед кон смртта, кремацијата на телата на починатите, којашто е актуелна во последно време, воскресението и обожението на човекот, што е и највисоката цел на неговото суштествување.
(Продолжува…)