Од што се раѓа безбожието

Безбожието е рамнодушност кон себеси. Најчесто, безбожниците не сакаат да веруваат зашто Бог не ги интересира. Животот, да се рече, им тече нормално, како подмачкан, тие си можат и без Бога. Тие работат, одмораат, јадат, пијат, гледаат телевизија, работат на компјутер, си го возат автомобилот… Општо земено живеат еден потполно нормален живот. Можат и по некоја книга да прочитаат, да појдат на концерт, да тркнат до странство… Каков Бог е потребен за сето тоа? Е, најпосле, како и сите, остарува и безбожникот, доаѓа смртта, и тоа е сè! Природен процес!

Треба да признаеме дека овој вид безбожие, рамнодушното топло-ладно безбожие е најжилавото и најраспространето безбожие на овој век. Се создава илузијата дека човекот денес нема време да верува или не верува, дека тоа не е важно прашање во нашиот живот, дека на верата треба да се гледа на некој додаток, за кој некој некогаш може и да се заинтересира. Крштевка на детето или внучето – о, зошто не! Венчавка во црква – прекрасна традиција! Опело на покојникот во храмот – трогателно! И со тоа пикантната гарнитура на животот, наречена религија, се исцрпува…

Тоа традиционално – пасивно безбожие, чии што жртви не сакаат да се задлабочат во најважните прашања од човечкото суштествување, го зачудува секој разумен човек. Зарем не е важно човек да знае од каде е? Каде оди? Каква е смислата на неговиот живот? Па ако од верата во Бога или неверието во Него зависи целото наше суштествување овде на земјата и во вечноста, зарем не би требало да се заинтересираме за тоа прашање?

Логиката на пасивниот безбожник е логика на медиокритетот, а неговиот вредносен систем е целосно материјалистички, тук-таму гарниран со некаков идеал и душевна пристрасност. Кога животот му тече подмачкано, тој плива во своите води, но во случај на беда и опасност, на несреќа, е потполно беспомошен. Ако тој бил богат, а станал беден, не наоѓа веќе смисла да живее. Ако бил здрав, а смртно се разболел, паѓа во униние и целосен очај. Ако бил славен меѓу луѓето, но го посрамиле, веќе ништо не може да го утеши…

Пасивниот, традиционален безбожник наликува на сиромав којшто го канат на богата трпеза, но тој седи долу под масата, ги собира паднатите трошки и во одговор на поканата тврди дека и така се чувствува прекрасно. Тој е како затвореник, осуден на смрт, кој воопшто не мисли за својот скорешен крај, туку за тоа каква последна желба да си избере и како повеќе да се наслади. Рамнодушниот безбожник е патник за богата и среќна земја, којшто застанал во некој мизерен хотел, ја заборавил крајната цел на своето патување, и останал да живее тука додека сопственикот не го исфрли надвор. Тој е како скитник којшто го напуштил татковиот дом и отишол во туѓа земја, каде за неколку лепти му служи на својот лош господар и си мисли дека така му е многу добро. Тој врви по животниот пат со затворени очи, пипајќи, и не сака да ги отвори за да ја види јасната дневна светлина. Тој си ги затворил ушите со памукот на духовната рамнодушност за да не го чуе евангелското слово на Христа Животодавецот…

Св. Јустин Попович вели: „Само ситните души не можат (зашто не сакаат), да се потопат во божествените длабочини на светот и таму да ја најдат неговата божествена логика и идеја, и мисла и смисла. Површните паразити, тие постојано остануваат на површината на светот, поради тоа и не можат без светската прашина. Прашината им ги заслепила очите и тие не го гледаат ниту Бога, ниту нешто Божјо. Го објавиле созданието за прво и последно битие, за прв и последен живот, за прва и последна вистина. А тоа е идолопоклонство и извор на секое идолопоклонство, било да е духовно или физичко“.