Формирање на новите етички критериуми – V дел

Несомнено, една од причините е специфичната општествено политичка ситуација која владее во повеќето области со православно население. Ова меѓутоа не ја исцрпува ни ширината ни длабочината на проблемот. Една таква значајна причина, поврзана со историјата и преданијата на Православната Црква, е следнава: современата општествено-етичка проблематика, особено проблемите кои се поврзани со современата наука и технологија, предвидуваат култура која значително се разликува од онаа што била негувана низ историјата на Православната Црква. Во оваа нова култура човекот не го познава, па дури и го презира подвижничкото и благодарствено согледување на вселената. Тој не наоѓа смисла во болката, не го гледа светот како Божји дар и како предмет на принос кон Бога. Човекот се одредува во однос на себе самиот и се потчинува на своите чувства. Тој бара поединечна, индивидуална благосостојба и неспособен е за заедница и љубов. Во име на напредокот и просперитетот, во име на сигурноста и заштитата, самиот себеси си кова сѐ потешки и поефикасни окови, на кои би му позавиделе и најголемите светски диктатори и тирани. Така станува неспособен да живее како господар на светот и да напредува во благодарното ползување со него. Неспособен е правилно да го користи, станува роб на светот и оди напред, несомнено кон негова злоупотреба и експлоатирање поради задоволување на своите потреби. Потполно е рамнодушен кон можноста за ослободување од светот и оди напред во една незаситна глад за неговата злоупотреба, предизвикувајќи така многу штетни последици. Овие елементи се во спротивност со православниот дух и со нив не е лесно да се соочи.

Во овој миг би требало да се обрати внимание на уште една негативна причина, која Православната Црква ја држи на дистанца од соочувањето со проблематиките од секојдневниот живот. Таа причина е потполно погрешното сфаќање на многу православни верници за тоа што е Црквата во однос на православното учење за неа. Верниците Црквата најчесто ја поистоветуваат со клирот и ерархијата. Така е затворен и останува обезвреднет огромниот потенцијал на верниот народ кој би можел да помогне во делот на Црквата, и значително да го олесни нејзиниот пристап и соочување со проблемите на современиот живот. Стерилниот конзерватизам и неплодното самоодредување се чести карактеристики на одговорниот управувачки кадар, кој би можел да ја преземе раководната улога во општествениот живот. Истото би можело да се забележи и кај претставувањето на Православната Црква во екуменизмот. Стерилните конзервативни позиции и провинцијализам го одредуваат и неретко, дури и потполно оневозможуваат развојот на вселенскиот дух на Православната Црква и остварувањето на конструктивна самокритика или формулирање на креативните предлози.

Меѓутоа, Православната Црква не е конзервативна туку традиционална. Не е провинцијална туку вселенска. Не е нерешителна туку динамична. Нејзиниот динамичен карактер има свое упориште во нејзиното традиционално богатство, а не во сензационалистичките гестикулации. Вистината на Православната Црква е вистина на Евангелието, на Царството Божјо, која ја согорува и обновува разболената вселена. Доколку оваа вистина не е сосема непозната за современиот свет, доколку многу од нејзините елементи се користени и сѐ уште се користат од страна на непријателите на Црквата, тогаш таа не е од голема важност. Вистината на Христијанството е вистина на животот. Кога се нуди како вистина на животот, а особено како животна вистина, таа е секогаш актуелна.