Формирање на новите етички критериуми – IV дел

Меѓутоа особена важност во соочувањето со споменатите проблеми, има присуството на Светиите во животот на Црквата. Тие не се безгрешни личности, а обично, ниту извор на овоземните мудрости. Тие се сепак, сведоци на живото Божјо присуство и како такви секогаш постоеле и постојат во историјата на Црквата. Тие во секој историски миг го чуваат вистинското богопознание. Овие луѓе, живеејќи ги проблемите на своите епохи, и соочувајќи се со нив со својот просветлен ум, раководат со себе и им помагаат на Црквата и на верниците да одат напред кон правилни решенија. Меѓутоа конечните решенија на универзалните проблеми припаѓаат на соборната надлежност.

Но и секој верник, за да може да ја исполнува волјата Божја, потребно е одговорно да ги испитува работите и непрестајно да ја бара силата и волјата Божја. Освен тоа на овој начин верникот ја избегнува објективизацијата на божествените заповеди и негува личносна заедница со Бога. Бидејќи ова дело не е лесно, а не му е ни дозволено на секој поединец, неопходна е помошта од неговиот духовен отец, кој секогаш има централно место во животот на православниот верник. Со неговото посредување и лично насочување, верникот го избегнува законското соочување со етичките проблеми и се приближува до начелото на личноста.

Православната Црква со своето административно уредување, кое претпоставува ангажирање и асимилирање во заедничко црковно предание на локалните и културолошки елементи на одделни народи, го поврзува единството со различностите, традиционалниот идентитет со практичниот плурализам. Меѓутоа, истовремено е присутна и опасноста од разградување или доминација на локалниот елемент, на етничките и филетичките фактори, кои се во спротивност со црковното единство. Токму на оваа опасност сакаше да предупреди и Соборот во Константинопол во 1872 година. Сепак, денес,  во денешното време и општество, е многу понеопходно да се посвети внимание на оваа опасност. Најпосле, соочувањето со етичките и социјалните проблеми на бирократско ниво, без втемелување и повикување на црковното искуство и живот, неминовно води до самоволие и исклучивост.

Со својот традиционалистички карактер и плуралистички облик, Православната Црква спречува две основни крајности кои постојат во западното христијанско исповедање: А) Замена на христијанската етика со законска или јуридичка етика. Б) Востановување на социјалните конвенции како етички идеали. Првото е карактеристика на римокатолицизмот, а второто на протестантизмот.

Овие факти создаваат и секако ќе продолжат и во иднината да создаваат разлики во соочувањето со етичките и социјалните проблеми. Карактеристичен пример е посланието Humanae vitae. Ова послание кое е водено од тенденцијата на римокатоличката црква со монолитен авторитет да го утврди соочувањето со етичките и социјалните проблеми, предизвика значаен внатрешен немир, но и извесна конфронтација со другите христијански конфесии. Од друга страна, пак, отсуството на црковниот авторитет во протестантизмот, кое е во чекор со автономноста на секојдневниот живот на верникот и неговото прилагодување кон световните работи, создава состојба која ја поттикнува дисхармонијата и несогласувањето меѓу верниците.

Православната Црква секогаш го држи отворено своето учење и етика. Препознавајќи ја единственоста на личностите и карактеристиките на народот и околностите, таа ја нуди евангелската порака со едноставност и слобода, така што не заборавајќи ја акривијата, применува икономија. Православната Црква е наклонета кон плурализмот, не само временски, туку и просторно, притоа не релативизирајќи го она што е апсолутно. Така на пример по прашањето на контрола во раѓањето, Православната Црква нема изнесено еден свој општ монолитен став. Тоа не е последица на нејзината рамнодушност во однос на една толку суштинска проблематика, туку желба да се заштити слободата на личноста и индивидуалното духовно раководење. Поради тоа, една слична поставка која е присутна во посланието Humanae vitae, не го изразува православното учење, па колку и позитивни елементи да содржи.

Меѓутоа и покрај својата богословска ширина, не е тешко да се забележат одредени слабости во православните кругови на нашата епоха во врска со соочувањето со етичките и социјалните проблеми. Ова особено се однесува на проблемите кои се создадени и кои и понатаму се создаваат со промената на новите науки и технологии, и покрај совесните обиди во последно време. На кој начин би можел овој феномен да биде толкуван?