Господ Исус Христос, уште пред 2 илјади години на луѓето им го постави идеалот на совршенство: Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен!, кој на луѓето им изгледа недостижен, нереален и претеран – сè додека не почнат лично да го применуваат. Владиката Николај Велимировиќ на таа човечка недоумица – како е можно да им правиме добро на оние што нè мразат, кога тоа е спротивно на човечката природа, одговори со овие зборови: „Не би го поставиле никогаш тоа прашање, доколку барем еднаш во животот не сме се обиделе да му направиме некаква добрина на човекот што нè мрази“. Значи само личниот опит, личниот труд, може да му донесе плод и одговор на човекот на инаку секогаш апстрактното прашање за можностите на човечкото восовршување, според мерата и висината на растот Христов.
Работите не стојат поинаку ни во врска со прашањето на човечкото трпение кон другите луѓе, особено оние со поинаква вера, националност, раса и идеолошко убедување. Како што е лесно „да се биде добар во доброто“, така е релативно лесно и да се движиме во кругот на луѓе со исто верско или политичко, или некакво друго убедување. Личниот опит, личниот подвиг започнува тогаш кога нашите родители, или нашите деца, нашите роднини, или нашите пријатели, нашите колеги со кои секојдневно работиме имаат поинакви, некогаш дури и сосема спротивни верување, мислење, поглед кон животот и однесување.
Зошто често слушаме дека Христијаните, и не само Христијаните, туку и верниците на останатите монотеистички религии (Јудеизам, Ислам), се исклучително нетрпеливи кон сите оние кои не веруваат како нив, а дека вистинската трпеливост отсекогаш била својство со кое се истакнувале сите азиски религии (особено Будизмот и Браманизмот)? Ако и површно ја погледнеме две илјади години старата историја на војните во христијанскиот свет и многуте примери на изразен фанатизам, не само кај поединците на таканаречените Христијани, туку и во христијанските Цркви (особено оние на Запад), кои со „оган и меч“ ги прогонуваа своите противници, би морале да се согласиме дека трпението, особено верското, никогаш не било силна страна на Христијанството низ вековите, сè до денешни дни.
Не барајќи по секоја цена оправдување за овој факт, би сакал да потсетам дека христијанството било и останало млада религија и само Господ Исус Христос, Единствен меѓу останатите религиозни учители во светската историја, ја завршил Својата задача на земјата уште во младоста, во 33-та година од животот.
Иако Исус Христос повеќе пати нагласувал дека Неговото Царство не е од овој свет, и дека човекот треба да ги стекнува на земјата единствено оние блага кои би можеле да му послужат и на небото, Он не го отфрла овој свет како дело на некое пониско божествено битие, или на слепите природни сили, подложени на неизбежниот закон на вечната промена и распаѓање. Исус Христос всушност, го потврдил со Својот живот и учење старозаветното еврејско верување, според кое Бог „од ништо“ го создал светот и сите живи битија, благословувајќи го нивното размножување на земјата. Со самото тоа, секој Христијанин (што значи и оние од западноевропската цивилизација), дури и кога не признава дека е anima naturaliter christiana, длабоко во своето битие ја носи потребата, би рекол поттикот на некако вид спиритуална „генетска програма“, преку самоусовршувањето и на тој начин исправањето на првобитниот грев, да го исправа и восовршува општеството и природата. Затоа на еден христијански мислител од западната хемисфера, Карло Густав Јунг, можел да му падне на ум поимот кој тој го нарекол „индивидуационен процес“, а кој во основа не значи ништо друго туку спонтана и веродостојна потреба на Христијанинот за себеостварување, индивидуално и лично, со последна цел тоа свое „јас“ од љубов и по слободна волја, да му го подари на Христа во себе. Со самоусовршувањето преку достигнување на Христа во себе, христијанскиот подвижник (и кога не е монах), неминовно ја поправа и восовршува околината, семејството и општеството со кое и во кое живее.