Каде се границите на христијанското трпение? – II дел

Ревноста и жарот со кои Христос Му се довери Себеси на Бога, потполно предавајќи се на Неговата волја, во христијанската историја со векови им беа пример и углед, како на поединците, така и на христијанските цркви, за и тие така да постапуваат во животот: активно и борбено, носејќи „оган на земјата“, и со него креирајќи ја вистинската историја. Зошто оваа Христова ревност за Бога толку често и трагично се изопачувала во фанатизам кај таканаречените Христијани, кои не се беа најпрвин самите себе очистиле со „оган“, за да дејствуваат меѓу луѓето очистени и просветлени со љубовта, туку тој небесен оган многу брзо и лесно станувал крвав меч кој ги сечел сите „неверници“ и „шизматици“? Немам друг одговор, барем до сега, освен оној психолошкиот: онаму каде што на некој многу страстен, силен и цврст во верата поединец, или дури и на цел еден народ (на пример на рускиот или на шпанскиот), му се дадени многу благодатни дарови, таму има и многу демонски искушенија, зли страсти и грев од секаков вид. Со примање на христијанството, секој човек поединечно, како и секој народ кој во крстот се крстил, примил на себе тешка и голема одговорност: да го носи крстот Христов, но не и да го наметнува на други.

Да се навратам уште еднаш на насушната човечка потреба за трпеливост. Различноста помеѓу луѓето секогаш одново збунува, плаши, нè прави сомничави и затворени за различното и непознатото. Често и несвесно се прашуваме зошто толку многу религии, начини на верување, однесувања, обичаи, јазици, раси, народи! Колку би било убаво кога сите би биле православни, или католици, или муслимани или комунисти! Но, зошто пак, тогаш – се прашувам – толку разноликост во природата, во растителниот и животинскиот свет на Земјата? Од каде толку различни цветови во ливадата и тоа сите еден до друг, што го доведува до восхит нашиот поглед и нашите чувства кога сме во природа? А колку па различни живеалишта постојат „во домот на нашиот Отец“, во Универзумот, во милијардите сончеви системи!

Колку пати треба да го прочитаме извонредното Прво Послание на светиот Апостол Павле до Коринтјаните (особено 12-та и 13-та глава), во која великиот апостол на Христијанството секогаш одново нè опоменува дека даровите се различни, но Духот е еден и ист, и да нема расправии во Телото, туку членовите подеднакво да се грижат едни за други, зашто ние сме Тело Христово и поодделно членови!

Затоа, ми се чини, дека треба секогаш одново да ја бараме сличноста и единството во различноста; тоа е Божјиот план кој се согледува во сите живи битија, тоа е онаа Гетеова прабилка, всушност, тоа е Духот Свет Кој дува каде што сака.

Кога ќе го откриеме Единството во мноштвото, нема веќе да постои страв и збунетост во нас, туку воодушевување и прославување на Творецот, Кој пребогато се излеал Себеси во сè видливо и невидливо. Нашата нетрпеливост, некогаш засилена и до страшен фанатизам, произлегува од нашата слабост и страв. Затоа Виктор Франкл има целосно право кога вели: „Верата не смее да биде крута, туку цврста. Крутата вера го прави човекот фанатичен, а цврстата толерантен“. Или, пак, она што еден друг христијански мислител го напиша: „Луѓето особено добро се чуваат од оние кои сакаат да ги превоспитаат. Да не правиме од проповедта на Евангелието предмет на нашата саможивост и секогаш да ја почитуваме совеста на другите. За Божјата работа во светот најмногу ќе направиме ако бидеме вистински чесни кон сите оние кои Бог ги поставил на нашиот пат, без оглед на нивните уверувања. Јавувањето на Царството Божјо е многу света и многу голема работа, за да се осмелиме во неа да ги мешаме личните амбиции, како и желбата да им го наметнеме своето мислење на другите. Најопасно е себеси да се сметаме подобри и поголеми од другите“.

Колку повеќе ги шириме нашите срца во љубовта, надежта и верата, со Христа во нас – но откако најпрвин ќе го запознаеме нашето христијанско потекло, а потоа и својата христијанска националност, за да бидеме вистински осенети од Духот Свет – толку побрзо и толку повеќе во нас ќе се утврди сфаќањето за различноста на светот и различноста на верувањата на народите. Токму поимањето на таа различност, во љубовта и од љубовта, можеби навистина ќе нè прошири до „мерата на растот на полнотата Христова“.

Крај