Петре, Ме љубиш ли? – II дел

            Третиот повик кон Петра, иако одекнува со истите зборови: Петре, Ме љубиш ли? – уште посилно е нагласен, речиси како да е тоа еден громогласен повик кон човекот во неговите стари години. Веќе е единаесеттиот час во Божјото лозје, работата на секој лозар поодделно, а и на сите лозари во светот, полека се приближува кон крајот, кон дванаесеттиот час во Божјиот часовник на историјата. Не е доцна! Господарот на лозјето, со овој трет повик уште еднаш со раширени раце ги прима и оние кои поприлично задоцниле. Ако одговорат на повикот со срца очистени и покајани, ќе бидат на истиот начин наградени во дванаесеттиот час, иако работеле само еден час. О, неправда светска за сите рационални умови на светот, за сите учители на кармата и реинкарнацијата, за сите законици и фарисеи на христијанството, за сите суви логичари и схоластичари во светот! О, љубов неизмерна, милосрдие непоимливо, радост несфатлива, излеана на луѓето од страна на Оној Кој не може без човекот, многу повеќе отколку што човекот не може без Него! Некаде добро стои напишано дека човекот сакал да биде човек без Бога, но Бог не сакал да биде Бог без човек и затоа стана Човек.

            Но, третиот повик кон оној Петар внатре во нас кој слободно и љубовно се одѕвал на првите два повика, е повик кон страдање. Доброволното слушање на Христовото прашање кон Петра во нашата младост и во средниот период од животот, како и придржувањето кон него, не мора да значи и неминовно страдање за Христа. Не се малубројни познатите и непознатите Светии, како и познатите христијански теолози во текот на долгата историја на Христијанството, кои ниту биле убивани, ни прогонувани, ни презирани, ни исмевани заради своето јавно и јасно сведочење на Христа. Нив повеќе би ги нарекол ученици отколку апостоли Христови. До нив не допрел третиот и најтешкиот повик Христов кон Петра: Петре, Ме љубиш ли? – иако многу од нив посакувале да ја чујат оваа трета труба Христова. Бидејќи овој трет повик Христов бара од нас да бидеме апостоли и пријатели Христови, не само Негови слуги и ученици. Од времето на Петра па до денес, секогаш имало малку Христови апостоли – навистина секогаш доволно за Христовото слово да се одржи во светот, а во последните времиња можеби ќе ги има онолку колку што беа на почетокот. Тогаш и тие ќе ги рашират рацете, онака како што Петар ги рашири на крстот и тогаш крстот ќе го добие своето вистинско значење: човек, двострано закотвен на вертикалата на крстот – со нозете во земјата, а со главата во небото, и со доброволно раширени и приковани раце на хоризонталата на крстот, која го претставува животниот век на Христијанинот и христијанските народи низ историјата, во знак на одрекување и поништување на своето „јас“, како жртва на својата љубов кон Искупителот и Спасителот на светот.

            Има уште нешто значајно на кое нè предупреди Христос кога три пати побара од Петра сведоштво дека навистина Го љуби. Христос го потсети Петар и заради тоа моментално го нажали, навраќајќи го на неговото трикратно предавство и одрекување од Него пред луѓето. Кој од нас „Христијаните“ не се одрекол од Христа многу илјади пати по три? Знаеме добро и како и зошто сме се одрекле од Него. Тоа било или заради „стравот јудејски“ пред моќниците и безбожниците од овој свет, или пак, сме се одрекувале со дело, збор, мисла, чувство секогаш кога сме повикувале: „Господи, Господи“, а не сме ја извршувале волјата Негова, секогаш кога сме поминувале покрај човек ранет на патот, како што поминале покрај него сите, освен милосрдниот Самарјанин, секогаш кога не сме простувале и љубеле. Блаженоупокоениот епископ Хризостом еднаш прекрасно кажа: „Бог е таму каде што човекот љуби, каде што поднесува жртва заради другиот, каде што човек се радува на човека“.

            Трикратното Христово прашање кон сите нас е повик кон оној Симон Јонин внатре во нас, кој уште не станал Петар: одново Христос, после две илјади години нè повикува Симон да го претвориме во Петар, во „каменот“ на верата од кој ќе се разбива сето зло, во топазот на надежта во спасението, во неразорливиот сад на љубовта кој ги заборава навредите, бидејќи само тогаш простува.

            Среќен е оној кој може да се нарече Христов ученик, но блажен е оној кој се удостоил да стане Христов апостол. Сепак, сите луѓе можат да го слушнат и ако сакаат да го послушаат Христовиот повик кон Петра: Врви по Мене. И оние со еден, и оние со пет таланти, и оние кои во осум часот наутро дошле да работат на нивата Божја и оние од единаесеттиот час.

            „Ме љубиш ли православен Христијанину?“ – непрестајно нè прашува Господ Христос уште од времето на светиот Петар па до денес. „Ме љубиш ли православен народе ‘повеќе отколку овие’?“ Ако навистина Ме љубиш повеќе отколку „и овие и оние“, тогаш посведочи го тоа, доблесен мој Христијанину. Чувај ги и паси ги овците Мои! – ни одѕвонуваат во ушите и срцето зборовите на Оној Кој ќе биде со нас „до крајот на светот и векот“.

Крај