Чекорењето над брановите од овој свет

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Божествената Литургија по читањето на Светото Евангелие, во Деветтата недела по Педесетница, во сечесниот храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Манастирот во Рајчица, на 25 јули/7 август 2023 лето Господово

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Господ Христос, мили мои, во Своето Евангелие ни се обраќа на сите, велејќи: Не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33). Добро е секогаш да ги имаме на ум овие зборови, затоа што не е возможно човек да нема неволи и притесненија во своето секојдневие. Сите ние во животот носиме еден крст. Нè удираат различните ветрови на многубројните страсти и искушенија. Но, еве, Спасителот ни вели: Не плашете се. Уште ни вели: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува (Јован 14,27). Он е нашиот мир, нашиот спокој, нашата благословена внатрешна тишина, по којашто сите копнееме.

Во настанот со Христос Кој чекори по морето од денешното евангелско четиво, во лицето на Апостолот Петар го гледаме човековиот стремеж кон натприродното, кон трансцендентното, кон Божественото. Иако според логиката и природните закони не е можно човек да чекори по вода – тоа е својствено само за Бог – сепак, денес гледаме нешто парадоксално за овој свет. Имено, во раните утрински часови, среде разбрануваното море, по една цела ноќ мината во страв и во борба за преживување на бурата, одеднаш Апостолите Го гледаат Својот Божествен Учител како им приоѓа, одејќи врз водата. Си помислиле дури дека гледаат привидение. Христос ги успокоил: Не бојте се! Јас сум, не плашете се! (Матеј 14,27) И во една таква неизвесност, Апостолот Петар решително повикал кон Христа: Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата! (Матеј 24,28) Апостолот едноставно Го побарал Оној Кој го скротил морето, кој ја стишил бурата; го побарал вистинскиот мир, копнеел по Божественото. И додека гледал во Христа, тој спокојно се движел над водата. Но кога го тргнал својот поглед од Учителот, се исполнил со сомнеж, се уплашил и почнал да тоне. Од што се уплашил? Од ветриштата и од брановите на морето.

Сите ние, мили мои, во нашето житејско море се плашиме од ветровите на притесненијата, од брановите на искушенијата, кои честопати нè збунуваат и нè дезориентираат. Затоа како наша постојана ориентација треба да Го имаме единствено Христос, Кој Самиот рече: Јас сум Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6). Кој ќе се води според таа ориентација, тој чекори кон вистинскиот мир, кон тихото пристаниште, кон вечноста, кон Божественоста. Подвигот на Апостолот Петар ни говори дека ние сме создадени да бидеме со Бога. Нашите души копнеат за Бога, просто и не можат без Него. Како што не можел ни Петар, па затоа поитал по Христа, макар и по водата. Се разбира, го направил тоа спротивно на рациото, на човечката логика која сигурно му велела дека такво нешто не е можно. Но силниот копнеж по Христа, силниот стремеж по Божественото застанува над логиката на овој свет.

Мили мои, секогаш кога ќе нè спотераат неволи и искушенија, да го управиме својот поглед кон Оној Кој ни вели: Не плашете се, оти јас го победив светот. Да, точно е: некогаш не е логично дека некои притесненија и борби можат да бидат надминати. Но со Него, со Победителот, сè може да се надмине. Сè е можно за оној што верува! (Марко 9,23) – вели Самиот Он. Кога Апостолот го тргна својот поглед, својата вера од Него, почна да тоне. Но Христос беше блиску и му ја подаде раката. Он секогаш е блиску до нас кога сме во искушенија. Во случајот со Апостолот Петар гледаме дека човечки е да се падне, но човечки е и секогаш Христа да Го бараме. Во Евангелието и во Житието на Свети Апостол Петар читаме како тој постојано Го барал и трчал кон Христа, без да мисли на последиците по својот живот, без да се потпира на мислењето на другите, на логиката од толпата. Навистина, и него како човек со слабости го совладувале искушенија и тој паѓал, како на пример, кога се откажал три пати од Христа. Но потоа, кога му кажале дека Он воскресна, тој веднаш бестрашно отрчал до Гробот, барајќи Го Него. Еве и денес: кога почна да тоне во водата, веднаш повика кон единствениот вистински спомагател на човекот: Господи, спаси ме! И Господ го извлече од морскиот вител, благо укорувајќи го: Маловернику, зошто се посомнева?

Одењето по водата треба да го разбереме симболично, како наше победување на овој свет, се разбира, со Божја помош. Оти, да се победува светот, стихиите и силите кои владеат со него, не е воопшто лесно, ни логично, бидејќи Христијаните се повикани да се борат дури и со природните страсти, преку пост, молитва и воздржание, издигнувајќи се на тој начин кон Бога. Преку христијанската аскеза и со дејството на Божјата благодат, ние ја победуваме дури и сопствената природа што нè влече кон земното, кон гревот, кон желбите од овој век. На тоа нè поучува и Апостолот Павле кој вели дека преку подвиг треба секојдневно да го совладуваме и отфрламе нашиот стар човек кој се распаѓа во измамливите желби, според природата на паднатиот Адам, и да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост, односно да се угледаме на новиот Адам – Христос (сп. Ефес. 4,22-24). Христос е, значи, урнекот за вистински човек. Доколку некој сака да стане човек во вистинска смисла на зборот, според Божјото определение за тоа што е човекот, образец за тоа не треба да му биде првосоздадениот Адам, кој беше соблазнат од желбите на телото и падна, туку Христос Кој го победува овој свет.

Следствено, мили мои, да се биде со Христа, значи да се биде возвишен над овој свет, да се биде со духот во небесната Татковина, којашто е Самиот Он. Кој Го придобил Христа, тој веќе ја стекнал вечноста, уште одовде го живее вечното блаженство. Точно е дека според рационалната логика човек да се бори и да ги победува сите страсти во себе е безумство. Луѓето од овој век никако не можат да разберат како еден млад човек во ова време на секаков комфор и можности може да стане, на пример, монах; се чудат како е можно да се воздржува од сè, најнапред од бракот и од сите желби што за светот се сосема природни и нормални. Вчера на монасите им зборував дека кога еден човек ќе тргне по Христа, целосно предавајќи Му се, тој всушност го прави истото што го направи и Апостолот Петар, кој гледајќи во Христа, тргна по морето и ја победи логиката на светот; го победи за момент и стравот, бидејќи пред Себе Го имаше победителот Христос. Исто се случува и кога еден млад човек ќе биде повикан да биде монах: тој има таков силен порив кон Божественото, кон светоста, што остава сè од овој свет. И во тој момент кога некој стапува на монашкиот пат, го има тој благослов, таа сила. Но отпосле, секако, доаѓаат многубројните ветришта на искушенијата. И доколку монахот макар и најмалку го одврати својот внатрешен поглед од Христа и се уплаши од духовите на злобата, од својата огревовена природа, од своите желби и страсти, веднаш ќе почне да тоне. Оти човекот самиот по себе, без Божјата благодат, е многу слабо и немоќно суштество; во него нема сили за таква борба. Неопходна е Христовата помош, Неговата спасителна рака, за да нè поземе од понорот во кој тонеме. Дали си монах или Христијанин во светот, разбери дека само Христос може да ти помогне, да те оснажи и да те спаси. Кога погледот на душата ти е вперен во Него, заедно со целиот копнеж на твоето битие, тогаш ти наликуваш на Апостолот Петар кога натприродно чекорел над морето, победувајќи ги законите на гравитацијата. Така и ние ги победуваме привлекувачките сили на сите страсти, желби и искушенија, доколку постојано гледаме во Христа. Му се предаваме целосно Нему, со сето свое срце, со сето свое битие, како кон единствена наша надеж и сила, како кон Татко Кој најмногу нè љуби. Да Го молиме, мили мои, секогаш да ни ја испраќа таа чудесна благодат како на Апостолот Петар, како на сите Свети Апостоли, како на безбројните маченици низ историјата и како на храбрите монаси, до ден денес. Та и ние, по молитвите на Светиот Апостол Петар и на Светата Маченица Христина, чијшто спомен денес празнуваме, да станеме достојни монаси и Христијани, кои ќе сведочат за Него, за небесната Татковина, за Местото на живите – за нашиот најмил Спасител Исус Христос, Победителот и Воскресителот.

Амин.