Крчин – крстоврв на подвигот, благословот и послушанието

Слово на Протопрезвитерот о. Бобан Митевски, изговорено на Светата Литургија, отслужена на врвот Крчин, на 13 август 2023 лето Господово


Возљубени во Господа,

Денес сме сведоци дека секое место може да биде олтар и црква и дека се обвистинуваат во практика Божјите зборови: Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреди нив  (Мт 18, 20).

Денес тргнавме на подвиг, збор што значи движење кон напред – искачување. Секако, ние секогаш ја бараме духовната смисла на овој збор, па затоа велиме дека нашиот подвиг, нашето движење треба да е кон Бога. Се трудиме, се искачуваме од подножјето на нашата отуѓеност од Творецот за да се искачиме на врвот, каде што како врвен дострел на успехот, Бог ни се нуди во крстот – што е асоцијација за врвен подвиг и за тоа дека Бог навистина многу нè возљубил. Но Крстот е само преминот кон целта – кон Воскресението, кон тоа издигнување на паднатиот јас до јас по мерата на Христа Спасителот, всушност до личносно единство и заедница со Христа. Гледајте какво тивко чудо се остварува на очиглед на сите нас: денешниов наш потфат, во целост се поклопува со проекцијата која во духовна смисла пред малку ви ја претставив. И ние тргнавме од подножјето на планината, чекоревме искачувајќи се до врвот и таму како награда за нашиот труд го најдовме ова крсно знамение, изработено од Бигорските монаси точно пред пет години со многу љубов, со натчовечки напори и многу труд и, особено, по послушание и благослов на нивниот Старец. Значи на овој крстоврв, на овој наш духовен Тавор, Крстот ни се претстави како знак за нашата преобразба и како трофеј на нашиот подвиг. За нас овде веќе не е наградата освојувањето на врвот, тоа многупати мнозина веќе и го правеле: се искачувале, стапнувале тука и си заминувале со нешто што секој го може. Но ние сме благословени – да стапнеме на овој врв, кој како круна го има Крстот Христов, тој симбол на спасението. Знаете, Крчин не е повеќе само врв, тој е крстоврв и крсточувар, Крчин е олтар и црква, во неговиот центар се издига ова знамение и секој што овде доаѓа, ќе ја здобие почита и на планината, и на природата и на врвот, а и ќе добие благослов, ако се поклони со уважување и со вера на овој најубав украс тука.

Покрај подвигот, спомнав и други два суштински зборови за духовниот живот: благослов и послушание. Замислете ги монасите пред само пет години – со каква убеденост, со каква цврстина на волјата, бивајќи благословени и испратени да ја извршат волјата на својот Старец, се искачиле овде со товарот на разните материјали, но и со товарот на разните попатни искушенија. Значи каква сила, каков мотив се благословот и послушанието, и колку се овие доблести и комплементарни и зависни една од друга: ниедно послушание нема смисла доколку не е благословено и како секој благослов, на некој начин, да упатува кон послушание. Но дали се и благословот и послушанието сами по себе цел и дали нивната смисла е остварувањето само на волјата на Старецот, на духовникот? Не, тие во полнота се осмислуваат преку тоа што нè приведуваат кон Христа. Ете монасите беа испратени и благословени да го постават Христовиот крст, Нему да Му послужат и угодат, Него да Го оприсутнат на сите што ќе се качуваат овде, и тоа токму преку знакот на Неговата победа над смртта и гревот – тие егзистенцијални непријатели на човекот. Се воодушевувам на оваа промисла на Преосветениот Антаниски – на врвот на планината, којшто претставува триумф на напорот на планинарот, ни се нуди триумфот Христов. Ете какви големи дела за Христа прават благословот и послушанието. И затоа, согледувајќи го ова со своите духовни очи, со своето духовно искуство, светиот старец Ефрем Катунакијски рекол: „Благословот на Старецот е поголем од вселената“. Затоа што, впрочем Христос, и тоа што го правиме во Негова слава, е поголемо од вселената. И токму затоа и вака благословените чеда, во своето искрено признание, кое е производ на тоа што во дејство, во сила и остварување го виделе благословот и послушанието, ќе речат за својот Старец, кој патем во чин е владика, дека е на нивните срца, дека е во нивните срца – затоа што ги благословува и приведува кон дела за возљубениот ни Христос. Но ова може да го познае, да го почувствува, само тој што пребива во послушание и под благослов, всушност во смирение и подвиг.

И само уште нешто за послушанието и благословот… Зар не сме виделе, не сме сфатиле досега, дека тие не се на земниот благословувач, туку дека се дар и поттик Господов, подобно на она литургиското – „Твои од твоите“!?

Сакам да завршам со тоа што ќе ви се обратам Вам, професионалните и рекреативните планинари. Колку сте благословени! Возљубувајќи го созданието, да Го најдете и да Го созерцувате Творецот. На вашето познание не ѝ е непозната хармонијата на творбата: од текот на реките и потоците, до разновидноста на тревните пространства, шумот и сеновитоста на дрвјата, опстојот на животинскиот свет – толку често пред очи ви е едно храмонично дело, кое функционира по совршени закони и без недостаток, и кое со својата севкупност ги милува вашата душа, вашиот ум и вашите чувства. Е зад тој непогрешлив и уникатен живот на созданието, постојано и одново пресоздавачки, не стои некаков хаос или нешто, туку негова причина, негов создател е Некој, Кој е Љубов. Само во љубов се создава хармонија. Тој Некој, Тој што толку воодушевувачки љуби, е Бог. Затоа ви реков дека сте благословени – вие толку често се сретнувате, и тоа од прва рака, преку созданието, тој толку природен амбиент за човекот, со Творецот.

Му благодарам на Бога што денес имавме чест и можност да Му угодиме на Бога: да Му ги принесеме нашиот напор, болката, потта, радоста, дружбата, заедништвото – тие наши дарови – Нему, на Дародавачот. Да сте од Бога благословени и да се гледаме почесто на овој подвиг на благословот и послушанието.

Амин!