Каква треба да биде жената христијанка?

Женското срце е најбогатата ризница на љубов на земјата, а Христос – најголемата љубов соединета со смирение, секогаш е близок на срцето на жената чија улога е смирението и чиј призив е љубовта.

Верата Христова е толку блиска на природата на човечката душа, а уште посродна со душата на жената. Жената може вистински да ја исполни својата улога само тогаш кога стои покрај смирениот и преисполнетиот со љубов Христос.

Обврските што жената ги има во заедницата со мажот се благословени и нејзината среќа зависи од исполнувањето на тие обврски. Дури и ако се случи едното лице од брачната заедница да си дава за право понекогаш да ги прекрши свештените должности и закони, другата личност треба да ги исполнува. Жената своето презиме го заменува со презимето на мажот, неговата слава, достоинство и углед ги прима како свои, но, и таа самата треба да се покаже како достојна слава на својот маж.

Со својата благоразумност, нежност, мудрост и грижа за семејството, домаќинството и децата, таа треба од својот дом да направи светилиште на редот, мирот, љубовта и среќата, каде мажот би можел после многубројните активности надвор од куќата, да најде спокој и разонода, мирно место за одмор од напорот и обновување на своите духовни сили. Во ваков дом, тој би нашол добар совет, поткрепа и разбирање, кое жената му го дава затоа што таа се наоѓа на исто рамниште со него и што е уште поважно, таа може да послужи во спасението на неговата душа. Доколку мажот покрај себе гледа пример на побожност, вера и љубов и гледа жена која живее во верата, тој е сигурен во нејзините чувства и има доверба во неа.

Жената христијанка својот дом го прави сигурно пристаниште, каде во мир ги исполнува своите домашни обврски, побожно размислува, постојано се моли, чита духовни книги и прави благоразумни и милосрдни дела. Таа во својот дом го пречекува својот маж, вознемирен од грижите во светот и врз него ја пренесува својата утеха и смирение; таа ги разгонува неговите непотребни и тешки мисли и повторно утешен и спокоен го испраќа во светот, со добро расположение кое го затекнал во домот.

Побожната и разумна жена може да влијае на својот маж и на неговото душевно расположение, затоа што, мажот, ниту пријателите, ниту своите другари нема да ги послуша како што ќе ја послуша својата жена и нејзините совети и сугестии,бидејќи тој е цврсто убеден во нејзината пожртвувана љубов и доверба.

Жената со својата грижа и мудрост, заедно со мажот ги дели домот и трпезата, јавните и домашните обврски, грижата и воспитанието на децата. Ваквата љубов и грижа никогаш не престанува, нејзе не можат да ја уништат ниту староста ниту болеста. Времето ја уништува телесната убавина, но духовната убавина е посилна и од староста, од смртта и од времето, затоа секоја христијанска жена и воопшто секоја жена треба да ревнува за внатрешната духовна убавина.

Жената христијанка може со своите дела и зборови, со начинот на кој својот живот го гради врз темелите на Евангелието и Божјите заповеди, да направи мажот да го почувствува Евангелието, да Го почувствува Бога, да тежнее кон себепоправање и кон сопствено спасение и спасението на ближните.
Единствено доколку мажот е крајно суров човек, нечувствителен и слеп да го види пред себе прекрасниот пример на жена со вистинска вера и побожност и како нејзиниот живот дава плодови пријатни и полни со љубов и себежртвување, тогаш тој можеби би требало да се запраша, кој има поголема добивка – тој во сегашниот земен живот што живее покрај ваква жена или таа добива повеќе – вечен живот и спасение на душата?


Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки,
туку – внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.
Оти така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои,
како што Сара го слушаше Авраама, наречувајќи го господар. Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо.
Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши.
А најпосле, бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;
не враќајте зло за зло или хула за хула, туку, напротив: благословувајте, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благословение.

И така, жените облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жени, што и се посветуваат на побожноста. Жената да се учи во мир и потполна покорност, бидејќи порано беше создаден Адам, а потоа Ева; и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап:
но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со чесност.