И благодарам на Јасмина за најавата. Само би сакала да ја дополнам, со цел да добиете една поцелосна слика за мене и за моето семејство. По професија сум дипломиран социолог, вработена како самостоен стручен соработник на Клиниката за пулмологија во Скопје. Моето семејство го сочинуваат сопругот и двете ќерки. Едната од нив е лекар стоматолог, а другата студент на правниот факултет во Скопје. Искрено се радувам што вечерва сум дел од оваа трибина и што со задоволство, можам да го споделам сопственото животно искуство со вас. Сето она кое во наредните минути ќе го изложам пред вас, има свои корени во духовното наследство од моите родители. Безмерно сум им благодарна за семето кое го посеаа во моето срце, а коешто го облагороди мојот живот со раѓање на изобилни плодови. Семето е верата во Бога, надежта во Бога и љубовта кон Бога. Тоа се многу често повторувани и употребувани термини, но тие единствено во секојдневниот живот во Христа, го добиваат своето полно значење.
Уште од најрана возраст, нас – нивните пет деца, не воспитуваа во христијански дух. Редовно одевме на Богослужби, ги почитувавме сите пости и се причестувавме. Во нашиот дом и покрај сите различности во карактерите на многубројното семејство, владееше вистинска љубов и пожртвуваност еден за друг. Изворот на сета таа љубов беше мојата мајка, која сета своја сила ја црпеше од вистинската и непоколеблива вера во Господа. Домот ни беше секогаш отворен за сите. Питачите кои просеа по патиштата таа редовно ги седнуваше на нашата трпеза, па и она малку што го имавме, таа го делеше со нив. И покрај сите наши недостатоци, таа со нас беше постојано блага, кротка и смирена. Се сеќавам на нејзината ведрина, духовитост и добро расположение, па дури и во најтешките мигови. Како нејзини чеда, таа никогаш не не караше, туку само не советуваше и не учеше на стравот Божји. Во тоа време, па и подоцна, се до моето стапување во брак, пред 26 години, не можев да проценам колку всушност голем придонес даде таа во формирањето на нашите личности. Тивка, а истовремено силна како карпа, се трудеше со своите постојани молитви пред Бога да Го измоли она што е најдобро за секое од нејзините чеда. Како и во животот на сите луѓе, така и во мојот живот, Бог допуштил да се случуваат убави и радосни, но и тажни настани. Шареноликоста во животот отсекогаш сум ја примала како Божја волја. Во тешките моменти на нерасположение, во време на болест, како и загуба на најблиски, секогаш прибежиште ми бил мојот спасител Господ Исус Христос, Кој самиот не повикува со зборовите: “ Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам “. И така, во молитва, со искрено обраќање од длабочината на срцето, барајќи утеха од Господа, секогаш ја добивав како одговор примен во срцето: “ Чедо, не грижи се, се ќе помине.“ Можеби некому ова му е чудно и несфатливо, но тоа е вистината. А јас сум овде да посведочам за неа, да посведочам дека единствено вистинската вера, надеж и љубов во Бога, можат секој човек да го направат неизмерно среќен и во несреќата, а особено жената мајка и сопруга, која живее сега, во овој модерен свет, во кој во суштина, се е празно и тажно. Човекот денес, не го познава вистинското богатство, за кое вреди да се живее. А она материјалното, кое со синџири го има врзано човековото срце, е менливо и минливо. За да ме разберете поубаво, би сакала да ви зборувам, пред се, за жената христијанка како сопруга. Имено, христијанскиот брак е совршена боженствена институција. Во него на чудесен начин се соединуваат две половини во една целина. Самата негова смисла е причинување на радост и прифаќање на другиот онаков каков што е. А двајцата сопружници до крајот на својот живот ја сносат светата одговорност за среќата на другиот. Од друга страна, заедничниот живот е проткаен со низа проблеми и тешкотии. Уште на самиот почеток, сопружниците откриваат колку се всушност различни. Но, реално, потребен ни е некој друг, како би се запознале самите себеси. Од клучно значење, се особините кои Бог таинствено ги вметнал во природата на мажот и жената. Кај жената: кротост, нежност, послушност, а кај мажот: храброст, сила и цврстина. Низ животот овие особини се или изгубени или длабоко поттиснати, но токму тие се суштински за заедничкиот живот во бракот. Додека пак, противречењето и барањето на некаква си лажна рамноправност, само ќе ни ја поматат среќата. Да се трудиме во семејниот дом да изградиме амбиент кој ќе биде најпосакуваниот за секој член од семејството. Можеби на некој од вас ова му звучи идеалистички и невозможно, но во тоа се огледува вистинската љубов кај жената сопруга. А нејзиното исполнување е возможно, само доколку во себе ја поседува Христовата љубов. Бидејќи нели Христос заради љубов се распна за нас? На тој начин, ќе се оствари врска во која мажот ќе ја чувствува својата жена како дар од Бога. А таа врска е длабока, непроменлива и нераскинлива. Ова накратко, е моето лично семејно и брачно искуство, во кое никогаш не сум се почувствувала понижена или помалку вредна, заради тоа што сум – жена. Покрај жената која верува, и мажот се осветува. Покрај нејзините молитви, тој и да е волк – ќе се претвори во јагне. Бидејќи таква е милоста Господова. Семејниот дом станува мала домашна Црква со раѓањето на децата. Тие растат и ние родителите со нив минуваме низ многу искушенија. Додека се мали, особена грижа посветуваме на нивното здравје, подоцна тргнуваат на училиште и тогаш за нас почнуваат многубројните обврски кон нив. Но, само едно е потребно: непретераното грижење, нестрогото воспитување, ниту наметнување на своите неостварени желби и идеали, туку само тивка љубов и грижа. Велам тивка, заради тоа што на сите нас Бог ни дал слобода да го одбереме патот по кој ќе врвиме, со зборовите: “ Кој сака, нека врви по Мене“. Ни овозможил да ја користиме својата слободна волја. Тогаш, зошто ние би ги притискале децата во процесот на воспитувањето? Дури и кога детето е темпераментно и нетолку послушно, па дури и проблематично, потребно е само да се завртиме кон Бога и кон Пресвета Богородица со молитва, во која ќе молиме тие да му го кажат она, што детето од нас не сака да го прими. Тогаш ќе видите дека со вера и планини се преместуваат. Моите две деца, од самото раѓање, се воспитувани во христијански дух. Притоа, слободата да излегуваат, да се дружат со различни типови на луѓе, да бидат активни на сите полиња, никогаш не им била ограничена. Но бидејќи уште од најрана возраст се воцрковени, тие каде и да одат, што и да прават, имаат страв од Бога. И токму тој страв ги чува и пази од сите зла и пороци во овој свет. Тој страв не би сакала да го сфатите погрешно. Тој страв не е плашење од Бога, туку истиот произлегува од неизмерната љубов кон Него. Една од најголемите нешта со кои Христос не удостоил, е редовното присуство на светите Богослужби и учеството во светите тајни. Сето тоа незабележително, но многу силно влијае врз нашето меѓусебно зближување. Го молам Бога и моите деца да го пренесат ова наследство во иднина, за да бидат среќни, љубени и почитувани и како сопруги и како мајки. Многумина ми го имаат поставувано прашањето како децата кои живеат во ова модерно време, во коешто е сосема распаднат системот на морални вредности, се воспитани во духот на послушноста, љубезноста, добрината и радоста? Радосни се, затоа што Христос е радост, и послушни се бидејќи и самиот Христос беше докрај послушен на крстот. Можам да кажам дека животот е навистина убав, кога секој член во семејството се труди да одговори на својот призив во согласност со евангелските заповеди. Нерамнините и малите пукнатини се ситни и незабележливи. Различноста на карактерите е задржана, а заедницата зацврстена. Сета оваа убавина ме води насекаде, надвор од дома и на работното место. Како што споменав претходно, работам како стручен соработник и тоа целосно ме исполнува. Обврските не ги чувствувам како тежина, а работната средина ја сакам. Секогаш и секаде, па и таму, се јавуваат искушенија, мали и големи. Но, како ќе ја видиме својата вера, ако не преку испитувањето? Бидејќи лесно е да ги љубиме оние кои не љубат, а тешко е да ги љубиме оние не не љубат нас. Но, токму во тоа е тајната на издржливоста, да се бориме со себеси, за да ги победиме со добро, оние кои ни прават зло. Во денешно време, борбата за власт и супериорност е многу изразена. Искреноста и вистинското пријателство се реткост. Меѓутоа, вистинскиот христијанин и на работа и дома го одликуваат истите особини: трпение и чесност, кроткост, одговорност, љубов и сочувство. Тоа е нашата најголема сила и најмоќно оружје. Само така работата ( сфатена како дар од Бога ), станува радост и задоволство. На крајот на работниот ден, заминуваш со насмевка, бидејќи си го исполнил она за кое си бил повикан. Затоа, драги гости, ве молам тргнете ја завесата и погледнете во Сонцето Кое никогаш не заоѓа. Погледнете во нашиот Христос и дозволете Неговите зраци да го осветлат вашиот дом. Во моментот кога вашиот живот ќе стане Христоцентричен, ќе познаете дека единствена вистинска радост се црпи само од Него. Така во вас ќе се всели мирот и спокојството, а во нив, целосно ќе разберете: колку големо е достоинството на жената христијанка. Ви благодарам за вниманието.