Промена на улогата кај мажот и жената

Местото на жената во светот во последните 2 000 години, покажува дека она на што учи Црквата, она на што учи Светото Писмо е и понатаму актуелно во животот на жената. Местото на жената во светот останува такво какво што Бог одредил со зборовите: Да му создадеме на мажот другар.
Знаеме дека денешниот современ и цивилизиран свет, исполнет со гордост поради своите суетни вредности, без никакви духовни и морални вредности, одвоен од духовните корени, жената, за жал сè повеќе и повеќе заборава на својата вистинска улога и своето исконско место во животот и сè повеќе и повеќе се чувствува несреќна, затоа што ниту добивањето на високи функции, ниту успешната кариера, ништо не може да ја замени таа семејна среќа, среќата да го љуби својот маж и да има поткрепа во лицето на мажот; среќата да раѓа деца и да ги воспитува. Таа, за жал, заборава дека таа самата е најголемиот воспитувач и одгледувач на иднината, на идните генерации, на младите.
Мажот престанува во современите услови да биде глава на семејството. Тоа го забележуваат многу теолози, психолози, социолози, а истото може да го забележи и обичниот човек. Оваа улога преминува врз жената, што неизбежно со себе повлекува и менување на нејзините психолошки својства: нежност, чувствителност, послушност, трпеливост и многу други високи квалитети на вечната женственост, кои според мислењето на многумина заминуваат во минатото.
На овој начин, започнува да се менува полното воспитување со кое се занемаруваат особините и карактерните црти кај мажот и жената, а што со себе повлекува, понатаму во нивниот живот, да се појават длабоки трауми и тешки семејни конфликти. Доколку девојчето се воспитува во семејство каде жената има надмоќ над мажот, овој стереотип на однесување таа ќе го исполнува и во своето семејство.
Заедно со овие внатрешни чувства, жената со текот на времето го губи својот мир и спокојство. Се чувствува како да не се пронашла себеси во животот и покрај големата надворешна благосостојба секогаш ќе ја следи чувството на сиромаштија, неисполнетост и незадоволство. Надворешните околности нема да бидат причина за нејзината тага, туку тоа е душевното чувство на неисполнетост и недостаток на среќа и радост.
Да, тешко е да се биде женствена! Жената треба да го менува тонот, треба да се откаже од надменоста и заповедничкиот тон, да се преобрати раздразливоста во нежна молба, да се промени наредбодавниот тон. Власта над мажот ја убива нејзината љубов, ги нарушува сопружничките односи и тешко е да се сочува семејната хармонија и меѓусебната љубов, затоа што е потребно меѓусебното разбирање со цел да се најде заедничко решение во име на љубовта.
Жената која живее надвор од Црквата е скоро невозможно да се измени, бидејќи, како што велат Светите Отци, нема спасение надвор од Црквата. Единствено Нејзините Тајни: крштевката, венчавката, исповедта, причесната, постот, ќе ѝ овозможат на жената да добие благодат и онаа духовна сила која ѝ е потребна, за да може да ја исполни својата улога како жена во денешниот свет полн со искушенија и тешкотии.
Мажот мора да ја задржи улогата на маж, за на тој начин да ѝ дозволи и да ѝ помогне на жената, таа да го открие патот на својата женственост, да ја разбуди својата љубов – без која жената не знае за радост и спокој. Љубовта за неа не е само емоција, туку и разумна волја. Мажот мора да ѝ помогне жената да најде достојно место во неговиот живот и во домот.
Жената мора да му дозволи и да му помогне на мажот биде и да остане глава на семејството, а жената со тоа добива во својот живот, покрај себе, маж кој е цврст, храбар, непоколеблив и човек на кого таа секогаш ќе може да се потпре.

Колку е значаен идеалот на љубовта како цврста врска меѓу мажот и жената според православното гледиште?

Природната улога на жената и нејзиниот вистински призив е љубовта, поради тоа може да се каже дека во Светото Писмо е утврдено она што првенствено е запишано во женското срце. Вистина е дека на женското срце, како и на секој човек, не му е туѓ егоизмот, гордоста, суетата, но, кога би ги занемариле овие недостатоци и би ја погледнале жената онаква каква што е излезена од рацете на Творецот, ќе видиме дека љубовта е суштината на нејзиното битие.
Кога зборуваме за љубовта, не е толку важен степенот на љубовта колку карактерот на љубовта. Љубовта е темел на постоењето на жената.
Кај жената постојат два вида на љубов:
– Едниот вид на љубов е кога жената наоѓа среќа во чувствата кои ги доживува поради жртвата која мажот ја прави заради неа.
– Другиот вид на љубов е кога жената се исполнува со чувства на блаженство поради жртвите кои таа ги принесува заради својот маж, семејството, децата и сл.
Овие два вида на љубов не се одвоени еден од друг, иако во жената преовладува вториот вид на љубов, која е потреба на нејзината душа, закон на нејзиното постоење; закон на кој таа никогаш не се присилува, туку природно го исполнува.
Сите народи, во сите времиња во кои живееле, во целата човечка историја, за сите нив како пример за чиста, жива и длабока љубов била и останала љубовта на жената и на мајката.
Мајчинската љубов многу поети ја опеале и моралисти ја истакнале, но сите овие пофалби водат кон тоа дека и самата татковска љубовѝ дава предност на мајчинската љубов, па дури и Самиот Бог ја истакнал пожртвуваната љубов на мајката, како најголема меѓу сите човечки чувства.
Како де не ѝ оддадеме достојна пофалба на жената кога нејзиното срце е целото љубов?
Љубовта не ѝ нуди на жената само самопожртвуваност, туку љубовта во исто време ѝ дава на жената и храброст. Тука не станува збор за онаа активна храброст која ја има мажот, туку онаа храброст која жената ја има во моментите кога мажот би отстапил, а жената во истото би поднела. Мажот е подејствителен, а жената потрпелива, мажот е посмел, а жената е поцврста.
Кога би ја погледнале жената во времето на најтешките болести кои ќе надвиснат и би ја споредиле со мажот во времето на осаменост, сиромаштија, губење на брачниот другар, несреќи и сл., предноста во трпението останува на страната на жената, бидејќи таа има трпение кога страда и во миговите на нечие страдање таа се поврзува со оној кој страда.
Мажот е обличје и слава Божја, а жената е слава на мажот, бидејќи не е мажот од жената, туку жената од мажот и мажот не е создаден заради жената, туку жената заради мажот. Жената треба да му помогне на мажот во негово спасение исполнувајќи го во исто време и сопственото спасение преку раѓање на деца. Жената која му е дадена на мажот, должна е, побудена од љубовта кон него, да се труди за негово добро и на тој начин за вечното добро – за спасението на нивните души. Онаа мајка и жена, која со вера се предава во рацете на Божјата Промисла и која пред сѐ го бара спасението на душата и Царството небесно, таа не останува неуслишана и неутешена

Христијанскиот брак укажува на љубовта и скромната положба на жената која е повикана да го љуби својот маж, како што Црквата го љуби Христа, бидејќи од љубовта не постои појака врска меѓу Црквата и Христа, па така и од љубовта не постои поцврста врска меѓу брачните сопружници. Затоа жената во љубов му се покорува на мажот, како што Црквата Му се покорува на Христа. Царството небесно е токму царство на љубовта.