Православието и човековите права – VI дел

Според православното гледиште, секое разгледување на принципите на достоинството, еднаквоста и слободата, треба да се заснова на богословските фундаменти, кои беа накратко наведени погоре.

Човечкото достоинство не е некаква површна гордост, туку произлегува од убеденоста дека секое човечко битие е навистина свештена личност, творба на личносниот Бог. Човечкото достоинство нема ништо заедничко со егоистичната арогантност, туку е поврзано со сфаќањето за човечкото величие и неговите граници. Достоинството е поврзано со еден внимателен однос, грижа и почит кон другите. Освен тоа, тоа сфаќање за достоинството не е чисто теоретско, туку е доживеано од илјадници луѓе: од Светиите на Црквата кои служат како водечки примери за верните и како источници на благодат за целото човештво.

Слободата е една од најсуштинските идеи на Христијанството. Како што умесно заклучува Берѓаев: „Идејата за слободата е една од водечките идеи во Христијанството. Без неа создавањето на светот, гревопадот и искупувањето се несфатливи, а феноменот на верата останува необјаснив. Без слобода не може да има теодицеја и целиот световен процес изгледа бесмислен“. Идејата за слободата се појавува во Новиот Завет во цела низа на контексти (Матеј 17,26; Јован 8, 32-36; 2.Кор. 3,17; Гал. 5, 1-13). Грчките отци на Црквата непрестајно го изложуваат сфаќањето дека слободниот Бог создава слободни човечки битија, кои следствено се одговорни за своите постапки. Примањето на одговорност е поврзано со човечкото достоинство.

Навистина се среќаваат и Христијани кои понекогаш се обидуваат да ја ограничат таа слобода, привидно со оправдание дека се придржуваат кон општествениот поредок. Сепак, на крај, христијанското сфаќање секогаш ги отфрлало овие ставови. 

Токму во тој контекст се пројавува сфаќањето за неопходноста од човечка еднаквост. Еден добро познат пасус од Новиот Завет гласи: „Каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос“ (Кол. 3, 11). Постои исто така и идејата дека преку Воплотувањето на Синот и Словото Божјо и преку нашето спасение во Христа целиот човечки род е издигнат во достоинство. 

Тие вистини се пројавуваат непосредно во црковната литургиска практика. Во православното благочестие сите луѓе, независно од нивната социјална положба, како и родова, класна, расна или национална припадност, се еднакви и рамноправни пред Бога. 

Тие гледишта, кои се основоположнички идеи во текот на световната историја, заземаат централно место во учењето на Светите Отци кои постојано ја нагласуваат еднаквоста на луѓето, homotimia (сите луѓе се еднакви по вредност) и isotimia (сите луѓе имаат право на еднакви привилегии). Еднаквоста, според нивните ставови, е вложена во самата суштина на човечката природа и тие се бескомпромисни во своите изјави дека секое нарушување на еднаквоста е форма на несправедливост.

Постои уште едно право на човекот кое не е вклучено во ниту една документ за правата, но кое е постојано присутно во христијанската мисла: правото да љубиш и да бидеш љубен. Тоа се сфаќа како основна определувачка човечка карактеристика на човечкото битие, зашто човечките суштества се целосни само кога љубат и се љубени. Самиот Бог, Кој го љуби човештвото до степен кој едвај да може да биде достапен за човечката свест, ни го дал тоа право на начин којшто кај нас поттикнува најсилно благоговение. Сето она што е кажано погоре е изразено во својата органска и динамична полнота во христијанската објава на Божјата љубов кон луѓето и на љубовта на луѓето кон Бога и кон сите битија, создадени „според Неговиот образ“. Тоа е светлината која ја опфаќа нашата грижа за човечкото достоинство и еднаквост; тоа е изворот од кој црпиме сила и вдахновение и кој е неопходен за човечкото достоинство и еднаквост да бидат реалност.

Со таа љубов, која може да биде наречена шесто сетило, верните Христијани ја откриваат подлабоката реалност на нештата и го гледаат секое човечко битие онакво какво што е: Божјо создание, образ Божји, дете на Бога, наша сестра или брат. Слободата што ја откриваме во христијанската љубов е исклучително моќна сила. Таа не е ограничена од она во кое веруваат другите луѓе, ниту, пак, има било каква друга пречка што може да ја запре.

Фактот дека милиони луѓе не ги усвојуваат богословските сфаќања на Христијаните, не го намалува значењето што тие сфаќања го имаат за христијанскиот светоглед како основа за почитување на човековите права. Тоа што другите имаат сфаќања различни од нашите сопствени, на никаков начин не ни пречи да ја почитуваме нивната слобода да веруваат во што сакаат, ниту, пак, раѓа некаков сомнеж во нашето сфаќање дека тие наполно ги имаат еднаквоста и правата што се возложени на сите човечки суштества, бидејќи сите луѓе, барем така сметаме ние, го носат Божјиот образ во себеси.

(Продолжува…)