Православието и човековите права – IX дел

Православниот поглед кон фундаменталните човечки права

Иако многумина од луѓето што се занимаваат со човековите права би сакале да ги избегнат религиозните прашања, кога ќе се запрашаме каква е, во краен случај, смислата на човековото суштествување, неминовно стигнуваме до неопходноста да заземеме некаков „метафизички“ став. Дури и оние, кои го одрекуваат постоењето на тоа прашање, на крај сепак, не би можеле да го избегнат заземањето на таков став, па макар и да е негативен.

Значење на поимот „личност“ и „човечка личност“

Подобно на повеќето Декларации за човековите права и сеопштата Декларација се повикува на „вредноста на човечката личност“ (Преамбула) и на „слободниот и целосен развој“ на „личноста“ (чл. 29). Идејата дека политичките институции и другите социјални структури кои го изразуваат животот на поединецот, треба да го признаваат сфаќањето за човечката личност како еден од своите фундаментални основоположнички принципи, е нешто кое постепено се формирало во свеста на луѓето, преку еден долг и сложен процес. Со Декларацијата на Француската револуција во 1789 година, буржоаската класа се обиде да го определи секој аспект на социјалниот живот врз база на својот радикален индивидуализам. Тоа сепак, не доведе до долгоочекуваното ослободување на индивидуумот; напротив, потребата на Државата за одржување на поредокот во општеството се зголеми до кошмарни димензии, и барањата на народот беа пречекувани со репресија. Таа форма на радикален индивидуализам го подготви патот за философскиот либерализам, а тоа од своја страна доведе до чист формализам, кој го оддели законот од етиката и општеството од државата. Моралниот принцип на автономност, во краен случај, ги игнорира подлабоките аспекти на човечкиот живот и суштествените проблеми на човечката егзистенција.

Идеологијата на либералниот индивидуализам го искористи сфаќањето за личноста, но пред сè со цел да го ограничи дејствувањето на државата и да го спречи нејзиното мешање во економската, социјалната или културната сфера. Беше прифатено дека индивидуата е слободна, освен во однос на забранетото од законот, а државата е задолжена да го исполнува само она кое експлицитно ѝ е определено од законот.

Со оглед на тоа дека современите општества продолжуваат да се плурализираат, нашиот век бара нови принципи, врз основа на кои треба да се уреди и втемели државата, правото и економијата. Како резултат на тоа, современото општество сè повеќе ги сфаќа човечките суштества како индивидуални, автономни целини. Хуманизмот на еден ограничен начин го поврзува сфаќањето за автономноста со моралната и интелектуалната слобода. Социјално-економскиот либерализам го користи истиот аргумент како основа за ограничување на активноста и мешањето на државата. Фактите сепак, покажуваат дека социјално-економскиот либерализам ниту се интересира за реалните човечки потреби, ниту, пак е во состојба да ги разбере.

Класните борби во 19 -от век и социјално-политичките настани во 20 – от, се придвижија уште повеќе во правец на универзалната човечка слобода, не како логичка идеја, туку како морална потреба. Така, како последица на редица кризи, кои човештвото ги преживеа во 20- от век, идејата за личноста одново се појави како основоположнички принцип којшто го овозможи усогласувањето на сите други принципи – политички, економски, етички и правни.

Човештвото во 20 – от век беше измачувано и тиранизирано од две различни форми на социјална организација: од капиталистичкиот менталитет на Запад, кој го потхранува агностичкиот индивидуализам и од различните видови на тоталитарни режими, кои ги претвораат луѓето во маси од безимени индивидуи, било преку отворени диктатури или преку диктатури скриени зад различни пароли и наивни месијански идеологии.

Западно-европксиот хуманизам, во своите напори да развие теорија за човечката природа, ги занемари и замени христијанските сфаќања, поврзувајќи го сфаќањето за личноста со една автономна етика или со чисто хуманистичка философија. Но, самата смисла и опит, поврзани со тоа сфаќање, беа преземени и формирани од христијанската богословска смисла, особено од грчките Отци. Тоа сфаќање за личноста, отсекогаш било клучно во сите православни обиди да се разберат проблемите на човечкото суштествување и општество; всушност, тоа е директно поврзано со православното богословие, кое смета дека зборовите „според наш образ и подобие“ (Битие 1,26), се однесуваат на луѓето како личности, а не како индивидуи.

(Продолжува…)