Слобода, нужност и принуда (II дел)

Мачно е и комплицирано да се зборува за слободната волја на човекот, без разлика дали сме атеисти или теисти. Ако човекот на толку многу начини е ограничен во искажувањето на својата индивидуалност, тогаш од каде би имал слободна волја? Ако не е слободен, туку на повеќе начини заробен, што ќе правиме со човековата одговорност ако не пред Бога во Кого не верува, тогаш барем пред своето семејство, народ и општество, пред кои секако не смее да биде неодговорен. Продлабочениот Фројдов (и не само негов) песимизам, запира и останува без одговор, иако е доволно свесен до каде достигнува негирањето на слободната волја на човекот (Фројд). Бидејќи човекот како човечко битие (природно и натприродно), не може, а да не верува барем во нешто, Сигмунд Фројд искрено поверувал во науката и нејзината „светла иднина“, која барем ќе ја ублажи дивата природа што постои во човекот и предизвикува потреба за војна и агресија.

Може да изгледа чудно, но необјасниво, тоа што некои несомнено религиозни умови, почнувајќи од Св. Августин (па и пред него), па сè до Мартин Лутер (и после него), заедно со атеистичко-песимистичката философија на Артур Шопенхауер, го негирале постоењето на слободната волја во човекот! А што ако човекот е навистина неслободен? Затоа остануваат, според верата на многуте Христијани, само Божјата милост и само верата („само верата е доволна“ – Мартин Лутер). Исус Христос ни оставил слична порака: Не бој се, само верувај!

Останува уште да кажеме нешто за принудата. Интересно е дека уште големиот еврејски философ Барух Спиноза (1632-1677), наводно рекол: „Спротивноста на слобода не е нужноста, туку принудата“.

Нужност и/или принуда? И едното и другото постојат во пракса! Само што нужноста е покорување на некаков космички закон, природен или/и натприроден, додека принудата е дело на човекот и општеството. Некој нè присилува на нешто што не сакаме, не ни се допаѓа, не го посакуваме. Кој е тој некој? Најпрвин тоа може да бидат родителите и тоа тогаш кога ја демонстрираат својата моќ и власт во постапките со детето; подоцна тоа е лошата школа и оние кои со неа управуваат, уште подоцна и до крајот на човековиот живот, тоа е општеството, обликот на владеење и на оние кои наметливо владеат. Значи, разликуваме принуда над поединецот и принуда над целото општество.

Психотерапијата (и психијатријата) се занимаваат со тие опсесивни (принудни) неврози, кои можат да го започнат својот истоштувачки напад уште рано, во детството и да траат во текот на целиот живот. Таквиот невротичен човек се мачи со принудни мисли и/или принудни постапки кои присилно му се наметнуваат попречувајќи го во секојдневните активности. Оваа невроза не се лечи ни лесно ни брзо.

Ублажениот вид на опсесивна невроза (донекаде дури и корисен), се нарекува перфекционизам. Таквиот човек – умерениот невротичар – однатре е принуден дека сè што прави мора да го направи најсовршено (перфектно). Перфекционистот (како што рековме), носи со себе и нешто позитивно, тоа е квалитетно сработената работа, па дури и стремеж за понатаможно усовршување (поправање), без разлика дали таквата личност е религиозна или не.

За принудата во државите во кои владеат диктатори (или владетели склони кон диктатура), знаат речиси сите граѓани на светот, низ историјата. Таквите луѓе и настани што тие ги предизвикуваат во своите држави, довеле до пораст на свеста на граѓанинот за слободата, овој пат политичка и социјална. Малку биле оние периоди во историјата на човештвото (па и ако биле, не траеле долго) без востанија, револуции, бунтови, некои успешно, но почесто неуспешни.

Христијанската религија во која јасно е ставен акцентот на внатрешниот бунт, а кој би требало барем малку да ја ублажи воинствената природа на човекот, за жал постигнала многу малку позитивни резултати; востанијата и револуциите токму во државите со претежно монотеистички религии (особено во христијанските земји), покажале колку е тешко да се менува човечката природа, која, покрај сето зло содржи и зачетоци на нешто добро (алтруистички ген, сострадалност и сочувствителност, помош во неволјите итн.). Милионите луѓе кои загинале во Франција и уште повеќе за време на Болшевичката револуција во 20-от век, уште еднаш ја покажале оправданоста на поделбата на христијанската Црква на божествен, мистичен, есхатолошки дел и црквата како институција во која владеат истите оние страсти како и во другите институции во светот.

Ни останува само постојаниот труд за во текот на животот почесто и подолго да останеме приврзани кон Црквата како божествена институција, која не бара од човекот одрекување од земниот, но морално земниот живот.

Односот помеѓу слободата, нужноста и принудата е трајно сложен и захтевен. Сите три категории на животот се присутни трајно во животот на поединецот и на општеството (народот и државата). Несреќно притеснет помеѓу нужноста и принудата, човекот воздивнува по слободата, ретко претставувајќи си што всушност, е слободата, и зошто треба да се стекне.

На човекот делува неочекувано, дури и неверојатно (парадоксално) тоа што се повторува речиси идентичната мисла: Човекот е апсолутно слободно битие,  и кај атеистите, и кај францускиот философ Жан Пол Сартр и кај добар дел од Христијаните. Како психијатар и психотерапевт, би сакал да ја избегнам крајноста, па затоа со внимание би рекол: човекот не е слободно битие (врзан е со безброј детерминанти за кои се спомна во текстот), но честичката на слободата (како Божји дар кон човекот) е присутна кај сите луѓе. Неслободата му е дадена, слободата му е зададена! На човекот и неговиот избор (изборот е присутен и кај неслободниот човек), се остава дали воопшто и за која слобода ќе се бори целиот живот. Да ги разликуваме духовите, ни порачува Христијанството!


Извадок од книгата: Владета Јеротић, Човек на путу зрелости, Београд 2018.