Слобода, нужност и принуда (I дел)

Поимот слобода е откриен релативно доцна во размислувањето на човекот од западно-европската култура. Почетоците на философското негување на идејата за слободата на Истокот, уште помалку ни се познати. Будистичката философија – Будизмот е сепак, повеќе философија отколку религија – не го смета човекот за слободен, зашто истиот е окован во веригите на желбите (од четирите вистини за кои зборува Буда, две се однесуваат на желбите што го заробуваат човекот, принудувајќи го на повторување на животот).

Иако во Индија постоеја доста оригинални философски правци и школи (и пред Христа), како што се философските системи: Њаја, Самхија, Вајшешика и други, во нив имало малку зборови (ако воопшто и постоеле) за човечката слобода; неприкосновениот закон за кармата и реинкарнацијата бил (а делумно и до денес останал), закон кој поучувал за нужноста што владее во Универзумот, како и на Земјата меѓу луѓето.

Дури старата грчка философија од времето на Питагора и на Орфичарите (постои претпоставка дека основачот на самхијската философија во Индија, Капила, кој живеел во 6-7 век пред Христа, имал влијание врз Питагора), па преку Хераклит, Емпедокле, Парменид и сè до Сократ, Платон и Аристотел, започнала сериозно да се занимава со проблемот на слободата. Која слобода? Духовната, интелектуалната, или политичката? Грчките философи со право го поставувале прашањето дали човекот може, воопшто, да биде слободен.

За вистинското значење на поимот слобода можеше да се зборува дури од времето на појавата на трите монотеистички религии, особено Христијанската. Ваквата претпоставка, или факт за новиот пристап кон поимот на слободата, произлегол од поимот личност, клучниот религиско-философски поим, кој е ставен во прв план на човековото расудување за смислата на неговиот живот. На овој значаен настан му претходело она познато Божјо слово упатено кон Мојсеј на гората Синај, првото и единствено слово во историјата и метаисторијата на човечкиот род: Јас Сум Оној Кој што Сум!

Се смета дека од тоа обраќање на Бога кон Мојсеј веќе може да се зборува и пишува и за човечката личност. Ако Бог е најпрвин Личност, тогаш и луѓето, како Негово создание, се повикани во текот на својот живот постепено да стануваат (Л)личности. Како може човекот да постане личност? Со слободата, слободната волја која од Бога ја добил како дар и задача.

Се разбира дека правецот на ова размислување за слободата е религиозен правец. Еден дел од Божјата слобода во создавањето на Универзумот и животот во него, што го подразбира и создавањето на човекот на Земјата, е наменет за човекот – поради Божјата љубов кон него – за и тој, како „Божји соработник и Божји пријател“, да ја оствари слободата по слободна волја. Повторно се поставува прашањето: како? Со остварувањето на љубовта и верата во себе. Кога човекот ќе ја постигне (ако може да ја постигне), најнапред љубовта кон Бога, која е незамислива без верата во Бога, а потоа и љубовта кон човекот (Љуби го ближниот свој како себеси, но пред тоа Возљуби Го Бога со сето свое срце, и сиот свој разум), ќе им се овозможи слободата на луѓето.

Како да се сфати и искуствено прифати ваквото верување во овој 21 век, дека само личната вера на поединецот во Бога, може да го направи слободен? Зарем сум навистина слободен дури тогаш кога мислам, чувствувам и го правам она што Бог од мене го очекува? Да, токму во тоа верува Христијанинот, колку и тоа да ни се чини парадоксално.

Сите видови на скептици, атеисти и агностици низ историјата, особено христијанската, се сомневале во можноста за ваков начин на живот на човекот. Единственото нешто што овие мислители можеле да го признаат е потребата, дури и копнежот на човекот за слободата, која меѓутоа, не постои ниту во животот на поединецот, а уште помалку на народите и општествата. Човекот, според нивното убедување, не е слободен бидејќи е подложен на нужноста, неизбежноста на раѓањето и смртта во човечката природа. Човекот е ограничено (детерминирано) битие, како со внатрешните, така и со надворешните влијанија. Се раѓаме од конкретни родители, со добра или лоша генетика, се раѓаме во конкретна земја во светот која има одредени правила на однесување, одредена националност, раса и вера. Сето тоа (и уште многу други слични нешта) нè обликува на одреден начин, кој станува траен со текот на животот. Тогаш од каде би биле слободни? Сигмунд Фројд, и неговите следбеници до денес, ставиле уште еден печат на привидната човекова слобода, тврдејќи дека карактерот на човекот твори многу повеќе отколку неговото несвесно битие, кое притоа е уште и „аморално, алогично и асоцијално“, па „човек на човека е волк“, што според Фројд ја потврдува и Дарвиновата теорија за еволуцијата.

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Владета Јеротић, Човек на путу зрелости, Београд 2018.