Верата во човекот. Верата во себеси. Верата во Бог.

Кога зборуваме за верата ние секогаш мислиме за верата во Бога. Всушност, постои и вера во човекот и таа вера го определува нашиот живот, во најмала мера исто толку постојано и длабоко како и верата во Бог. Освен тоа, во Бога веруваат не сите, а да се живее со луѓето – не се може без вера во човекот. Имено, на верата во човекот се засновани сите обиди на промена – општествени, политички, семејни, зашто што и да ни се проповеда – било да е тоа религија или ново животно уредување, доколку човекот не почне се труди, не го остварува тоа што е замислено, тоа никогаш и во никој случај нема да се оствари. Затоа, секој реформатор, секој човек којшто ги повикува луѓето кон нешто ново, го засновува својот повик на верата во човекот; а во малите работи, во секојдневниот живот се е засновано на верата дека во човекот има нешто добро и убаво што може да одговори на потребата, на тагата, на радоста, што може да послужи како основа за градење на животот. И, еве, за оваа вера би сакал нешто да кажам.

Таквата вера не е лековерие, не е наивен однос кон човекот, кој допушта дека наводно сѐ е возможно, дека треба само да му се обратиш на човека и тој ќе се одѕвие. Меѓутоа, тоа е воедно и уверение во тоа дека нема таков човек во кој не би постоела вистинска човечка длабочина, дека нема таков човек во кој не би можело да се познае она што е добро и достојното во него. Кон таквото уверение ние приоѓаме во сите области на животот. На пример, сега во сите (развиени) земји од светот се одвива една голема трансформација на затворскиот систем. Порано престапникот го затворале во затвор за да го оддалечат од човечкото општество; тој бил отсечен дел. Сега под затвор сѐ повеќе се подразбира место каде што на престапникот може да му се помогне да стане човек. Значи, таквиот однос преставува вера во човекот. Оваа вера не се заснова на очигледност; често човек преку очевидноста мора да погледне некаде во длабочините и да открие нешто што како на изглед да не постои. Во Евангелието има два раскази, кои многу јасно го покажуваат односот на Христос кон човекот, Неговата вера во човекот.

Првиот случај го наоѓаме во Евангелието по Јован, во осмата глава. Тој е расказ за тоа како при Спасителот довеле жена фатена во прељуба. Очигледноста била против неа, таа била фатена во прељуба, подлежела на осуда и строга казна. Христос не ја осудил. Он ја осудил нејзината постапка; не ја прифатил како прељубница, туку се загледал во длабочината на нејзината душа и во неа видел можност за нов живот; Он во оваа прељубница проѕрел чистота што во неа не умрела. Кога оваа жена застанала пред судот, кога открила дека нејзиниот грев значи смрт, таа, конечно, се освестила. Во тој момент, сѐ што и зборувале: дека гревот убива, дека гревот уништува – станало реалност: таа згрешила и неа сега, според тогашниот закон, требало да ја каменуваат. Таа сфатила дека, доколку одново ѝ биде даден живот, повеќе никогаш нема да посегне кон тоа што само по себе носи смрт. И Христос го проѕрел тоа. Тој се обратил кон луѓето наколу и рекол: „Кој е без грев, нека го фрли првиот камен!..“ И сите заминале. А кога Христос останал Сам со таа жена, Он ѝ рекол: „Каде се тие коишто те осудуваа?“ – „Си заминаа“ – одговорила таа. – „Ни Јас не те осудувам; оди и не греши повеќе“.

Господ Исус Христос и жената фатена во прељуба

Со тој пример гледаме како Христос умеел да се вгледа во човекот и да ги согледа сите негови можности, кои како да биле сокриени со постапките на тој човек.

Другиот расказ е, исто така, впечатлив: средбата на Христос со апостолот Петар, откако овој поради страв три пати се одрекол од Него, плашејќи се. Христос не го прашува: „Не ти е ли жал за тоа што го стори?“ Он му вели: „Ме љубиш ли?“ И Петар од душа одговара: „Да, Господи, Те сакам!“ Но Господ три пати го поставува тоа прашање. И одеднаш, осознавајќи го значењето на тие три прашања, сфаќајќи дека сета очигледност е против него, Петар вели: „Ти сѐ знаеш, Господи! Ти знаеш дека Те сакам!“ И Христос го прима повторно помеѓу Своите ученици.

Умееме ли ние вака да постапуваме? Зарем можеме да поверуваме дека човекот кој постапил спрема нас лошо, има право да каже: „Да, јас тебе те сакам! Во мене нема храброст, нема длабочина, нема доволно умствени сили, но јас тебе сепак те сакам“ – и сѐ е возможно.

Кога би можеле и ние така да се однесуваме едни кон други! Кога би можеле еден на друг да си веруваме, да не би биле заслепени ниту од грешките на луѓето, ниту од нивните постапки; да не би нѐ заглушувале нивните зборови, туку молчаливо да се загледаме во човечката душа и да ја наѕреме во неа можната човечност, можното човечко величие и, соодветно, да му понудиме на човекот нов живот, да му го предложиме нашето доверие – и да го повикаме да живее во полната мера на своето човечко достоинство! Кога би можеле ние така да се однесуваме еден кон друг, сѐ би било возможно меѓу луѓето, би се преобразиле и нов живот би настанал за човештвото.

После претходната беседа ми беше поставено прашањето: „Што ако човек рече: кај мене твојата доверба и вера во мене ги надминуваат моите сили? И јас би сакал да одговорам на ова прашање, бидејќи е многу важно.

Вообичаено ние страдаме поради тоа што во нас не веруваат. Ние чувствуваме дека во нас има некакви можности, но за да ги оствариле нам ни е потребна поддршка од срце коешто верува во нас, човечка љубов, човек кој би рекол: „Да! Не плаши се! Ти можеш себеси да се оствариш!“ Но, понекогаш, кога ни е дадена таква доверба, кога таа ни е подарена, нам одеднаш ни изгледа страшно: „А што ако ја изневерам оваа доверба? Што ако ништо не ми успее, што ако вртлогот на моите мечти во мене се расее како магла кога изгрева сонцето? Што ќе биде тогаш? Зарем потполно да ја изгубам довербата, почитта, можеби, дури и љубовта на тие коишто толку се надеваа во мене?

И ова на човекот често му пречи. Но нас, можеби, уште повеќе ни смета тоа што многу често, кога друг човек ни ја подарува својата доверба, тој како да верува во невозможното, како да не го зема предвид тоа што јас сум просто обичен, нормален човек. Нам ни се чини дека тој на се сѐ надева: дека ние небаре можеме да направиме сѐ, сѐ без ограничување, безусловно сѐ. И тогаш сфаќаме, од една страна, дека тоа е невозможно; и се плашиме да се врземе за тоа; а од друга страна, кога се грижиме тоа да го оствариме, се открива дека ние не можеме да се покажеме на висината на таа „безумна“, „непромислена“, „безусловна“ доверба што ни била дадена. И еве тука две страни.

Од едната страна, оној којшто му дава доверба на друг, кој како подарок, како вдахновение, му ја принесува својата вера, тоа треба да го прави промислено, разумно, мудро; а од друга страна, човекот кому таа вера му се дава, должен е да биде трезвен, свесен и да ги вложи сите усилби за творечки да го оствари своето призвание, и уште да знае дека во него има некакви ограничувања. Овие ограничувања не секогаш можеме да ги откриеме пред да започнеме да се трудиме. Само кога ќе пристапиме кон изучување на некоја наука, кон читање на некоја книга, кон какво и да било дело, ќе видиме колку ние можеме да оствариме и каде завршуваат нашите можности. Но мораме  да почнеме. И не смееме да се плашиме во моментот кога ќе дојдеме до границата на своите можности, затоа што – и ова е многу важно – довербата што ни е дадена, верата што во нас се вложува, се однесува не кон тоа ние да оствариме сѐ што на човекот му е возможно воопшто, туку кон тоа ние да се оствариме себеси колку што е можно подобро.

Во оваа смисла е приказната на Христос за талантите. Зборот „талант“ (талент) низ вековите стекнал специфично значење. Сите ние знаеме што е талант кога станува збор за музиката, ликовната уметност, книжевноста; меѓутоа Христос не говорел за тоа. Во Негово време талантот бил паричната мера.

Значи, на некој човек му дале влог и му предложиле да ја реализира оваа парична мерка, да постигне сѐ за што е способен. Овој човек може да ги вложи сите усилби и ако е исклучително надарен, тој може да го удвои или утрои тој дар што му е даден. Ако е помалку надарен, тој ќе постигне барем нешто. Но тој никако нема право да го направи тоа што го направил најненадарениот од трите личности за кои говори приказната. Тој се уплашил: „Што ако јас тоа што е вложено во мене, тоа што ми е дадено, го изарчам, го изгубам, и што ако за тоа треба да одговарам?“ – и го погребал; т.е. просто го одложил настрана, го закопал, го завиткал во марамче. А кога дошло времето на судот, кога дошло времето на давање сметка, кога сите застанале пред господарот, се покажало дека сите по нешто добиле – само тој не добил ништо. И не бил осуден за тоа што не донесол добивка, профит за својот господар; бил осуден затоа што се исплашил и не се решил да направи нешто, не се одлучил за ништо.

Пренесувајќи ја оваа слика во нашиот обичен живот, ние можеме, се разбира, талантот за кого говори приказната да го разгледуваме како дар во областа на уметноста, книжевноста и поезијата, но тоа е ограничено поимање. Во основа, всадениот во нас талант е сето она за што сме способни, целото богатство, сета разновидност, целата убавина на нашата сопствена личност. Можеме ли да ја оствариме или не? Можеме; сите можат, секој може да оствари сѐ за што му фаќа духот, храброста, вдахновението. И во тоа е центарот на тежината, во тоа се состои целото прашање. Должни сме така да веруваме во човекот, да му подариме таква доверба, така да го надахнеме, што тој да пронајде во себе храброст, јунаштво, радост и творечка радост за да се оствари себеси. Иако тој не е гениј, а е човек; иако со ништо не се истакнува – но нека биде самиот себе, толку целосно и прекрасно, колку што му е достапно. И тогаш ние нема да возложуваме врз него тешко бреме, нема да ставаме на него тежина што тој никако не ќе може да ја понесе, затоа што нема да побараме од него да стане она што никогаш, дури ни во сон не може да биде, туку ќе му велиме: „Гледај, во тебе има такво богатство! Оствари го!“ Но тој ќе рече: „Па, каде е тоа богатство, какво е тоа?“ – „Ти немој да мериш. Просто постани творечки самиот себе, тоа што си. Каде што не фаќа умот – исполнувај со срцето; каде што не фаќа силата, исполнувај со пријателство. И ќе увидиш: тоа што не можеш да го направиш сам, во соработка со другите, заедно со други луѓе, можеш да го оствариш и можеш да дадеш допринес во заедничката ризница на луѓето“.

И ете, ако ние така со вера припаѓаме кон човекот, можеме да го вдахновиме и нема да ја уништи својата вера и човекот ќе израсне во своја мерка на креативност и радост.

Во еден од расказите на германскиот писател Бертолд Брехт има приближно ваков дијалог. Го прашуваат еден човек: „Што правите вие кога сакате некого?“

– Јас, – одговара тој – составувам проект за него.

– Проект? А што понатака?

– Понатака се трудам тие да се совпаднат.

– А кажете: кој или што треба да се совпадне со она другото: човекот со проектот, или проектот со човекот?

– Се разбира – одговара господинот Кернер – човекот треба да се совпадне со проектот.

Луѓето често мислат дека ваквиот пристап е вера во човекот; дека е можно да се проучи човекот, дека може да се размисли за него, дека во него може да се видат сите негови способности, дека може да се состави проект и потоа да се принуди човекот да одговара на тој проект. Тоа е грешка и злочин што го прават и одделни луѓе во семејствата, и човечките општества, и идеолошките групации, како на луѓето коишто веруваат, така и на тие што не веруваат. Во семејствата ова понекогаш достигнува до трагични димензии. Родителите однапред знаат во што е среќата на нивните деца и ги присилуваат да бидат среќни онака како што ним им се чини дека треба да бидат среќни. Ова, исто така, се однесува и на мажот и на жената; ова се однесува и на пријателите: „Не, јас знам што е за тебе пополезно, знам што е за тебе подобро, ќе видиш како сѐ ќе биде добро“. И несреќната жртва на таа убиствена, задушлива, распарчена душа и живот на љубовта, понекогаш е готова да моли : „А да престанеш ти да ме сакаш, туку да ми дадеш слобода?!“

Во човечкото општество тоа често добива потрагична форма, кога или мнозинството, или каква-годе доминантна група му наметнува на секој човек поодделно, или на цела друга група, свој печат, бара сите да одговараат за дадениот проект. Луѓето кои тоа го прават, секогаш мислат дека тие веруваат во човекот, дека увиделе како тој може да стане голем, значаен; мислат дека тој не верува во себе, а доколку би поверувал во себе вистински, тој би разбрал и би ги следел нивните диктати. Всушност, ваквиот пристап е одрекување на секаква вера во човекот. Овој пристап се заснова на тоа што после умствената, клиничка, ладна анализа на човекот или состојбата, од сите собрани податоци се прави слика било за човекот, било за општеството, или човештвото во целина. И затоа, тоа несреќно општество, или човештво, или човек, се грижат да возат по планот. Но притоа се заборава дека верата во човекот се карактеризира имено со тоа – што ние сме уверени дека надвор од она што ние веќе сме го узнале за човекот, надвор од она што ни е видено, што ни е возможно да го разбереме, во човекот суштествуваат такви длабочини кои ни се недостижни: толку длабок, многу длабок хаос, за кој некогаш пишувал германскиот философ Ниче: кој во себе не го носи хаосот, тој никогаш нема да создаде ѕвезди.

Ете таков е пристапот на господинот Кернер, за кого зборува Брехт – ја одрекува, имено, можноста на творечкиот хаос; не хаос во смисла на безнадежен поредок, туку хаос во смисла на уште неоформено битие, во смисла на виорни длабочини, од кои постепено може да израсне строј и убавина, осмисленост. Оваа вера во човекот го зема предвид тоа што човекот останува тајна за набљудувачот, особено за умствениот набљудувач, затоа што вистинското видение на човекот доаѓа не од умот, ами од срцето. Само срцето во суштина е спознателно и му разоткрива на умот такви длабочини што тој не може да ги постигне; вистинската вера во човекот ја зема предвид можноста за тие длабочини, притаените можности во нив и очекува дека неочекуваното, невозможното може да се случи.

Едно нешто се случува речиси секогаш. Ние на човекот му даваме слобода и истовремено му ја подаруваме нашата доверба, го збогатуваме со нашата вера, го вдахнувавме со таа вера. И често се случува во тој процес на останување сам со себе, човек да се одврати од неговиот вдахновител и неговата поддршка; и не само да се одврати – периодично нему му е неопходно да се откаже од него, тој е должен да ја изгради својата личност, својата самостојност, одделувајќи се од дотогашните односи. И човекот којшто оди на тоа да би вдахнал некого – било да е тоа дете или возрасен, општество или црковност – на творечка вера, должен е да биде подготвен на тоа што од него ќе се одречат. Тој е должен да ја испитува својата вера во човекот токму во тој момент, не сомневајќи се, не колебајќи се, не одвраќајќи се, а примајќи го како радосно откритие фактот што почнува да расте самостојно битие и што човекот, кој дотогаш зависел од него, макар од неговата доверба и вера во него, сега ја брка таа зависност. И ако човекот, кој на почетокот вдахнувал друг, обдарувајќи го со својата вера, ќе возмогне да остане во верата тогаш кога ќе стане излишен за некое време во тој процес на реализирање; ако возмогне да се откаже од насилието на власта, убедливоста, или дури од мекото – а понекогаш толку жестоко! – насилие на љубовта, тогаш тој самиот станува човек во полна смисла на зборот, или во секој случај, во попотполна смисла на зборот.

И така, излегува дека за да се верува во друг човек, потребно е да се верува смело, творечки во самиот себе, и дека ако ние не веруваме во самите себе, ако не веруваме во тие длабочини, од кои може да израсне нешто незамисливо големо, тогаш ние не можеме на друг да му даруваме слобода, којашто би му овозможила да стане самиот тој, неочекуваниот и непостижен човек, кој ќе даде нов придонес – не препишан, туку личен, сопствен и творечки – во животот на општеството и во судбината на човештвото.

Како што веќе кажав, не можеме да веруваме во друг човек доколку не веруваме во самите себе. И еве, се поставува прашањето: што е верата во себе? Професионално, повеќето луѓе од секојдневниот живот ќе одговараат: да веруваш во себе – тоа е да бидеш уверен дека ако ја присилиш својата волја, ги собереш сите сили на умот, можно е да се добие нешто добро – внатре, во границите на возможното. Таквата вера во себе, којашто некаде се граничи со самодовербата, лесно преоѓа во неа, и на крајот, тоа не е вера во себе, туку увереност дека опкружението ќе се повини на нашето усилие; во некои аспекти тоа е увереност дека во мене има доволно сили да ги пробијам и изменам луѓето коишто ме опкружуваат, или околностите со кои се среќавам.

Вистинската вера во себеси – тоа е увереност дека во мене има нешто што јас не го знам, што е тоа за мене самиот недостижно, што може да се открива и да дојде до некаква мера на полнота и совршенство. Самоувереноста се заснова на познанието на самиот себе, може да биде на некакво преувеличено самооценување; а верата нема потреба од никаква самооценка, затоа што нејзин предмет е токму тајната на човекот. Кога велам тајната на човекот, сакам да го кажам тоа не дека во секој човек има нешто притаено, туку тоа дека секој човек е постојана динамика, постојан живот, постојано движење и творење и што во ниеден момент, ниту самиот човек, ни некој друг не може да го замрзне, да ја запре таа динамика за да се загледа во неа; динамиката не може да замрзне: човекот е динамичен секогаш и секаде.

И еве, верата во човекот, во самиот себе – тоа е вера дека во мене, во секој човек суштествува непобедлива динамика на животот и дека единствено што може да попречува оваа динамика да се оствари и оприсутни во реалноста, е мојот кукавичлук, мојата нерешителност, а во никој случај не се околностите што ме опкружуваат. Околностите, какви-годе и да биле, добри или лоши, колку и сурови да би биле, колку и да би биле направени да го скршат човекот, претставуваат само повод за таа внатрешна, творечка динамика да се себеизрази  на нов начин, поинаку, неочекувано – но, во секој случај, да се изрази себеси и ништо друго. Верата во себе е увереност во оваа внатрешна, таинствена, творечка и, најпосле, победничка динамика. Верата во себе поради тоа ја содржи увереноста дека во секој човек, и во мене покрај другите, има област којашто е за мене самиот недофатлива; и дека, бидејќи од ден во ден ќе бидам самиот јас, што е можно посовршено, што е можно поискрено и повистинито, почесно, посмело и попожртвувано, на крајот на краиштата, ќе откривам и придвижувам нови и нови сили, коишто со ништо не ќе можат да бидат запрени.

Но тоа не е слеп процес, во него мора да има поглед; човекот во својот постанок треба, исто така да се набљудува себеси – не кукавички, не со неспокојство, не треба да си го поставува на себе прашењето: „Дали сум јас оној којшто на крајот треба да станам или сакам да бидам?.. – туку со жив интерес, како набљудувач којшто набљудува процес и го зема предвид, се обидува да го употреби, приложи, примени сѐ што влегува сега во неговото видно поле. Ова значи дека човекот мора да се научи да се преслушува себеси, пред сѐ, гласот на својата совест, онаа вистина што ја има во него, зашто ако гласот на совеста, гласот на вистината е заглушен, тој никако и никогаш не ќе може да биде заменет ни со законитост, ни со условност, ниту со човечки правила. Понатака, човекот треба да го преслушува гласот на животот, она на што животот го учи: животот на поединиот човек кој е покрај него, животот на општеството, животот на народот, животот на човештвото, биолошкиот живот. И најпосле, верникот несомнено треба да го наслушува гласот на Самиот Бог, изразен во Светото Писмо, кој звучи погласно, поправедно, повистинито отколку неговата сопствена совест.

Сето ова му дава можност, заслушувајќи и вгледувајќи се во себе, да ги открие во себе тие длабини и да ги примени во животот. Во овој процес човекот е должен, како што кажав претходно, да собере многу смелост, навистина многу храброст, затоа што тој процес е борба на животот против зачмаеноста, борба на творештвото против сѐ што го убива творечкото, борба на совеста против она што несовесно се обидува да го гради животот.

Тоа бара храброст – да; но заедно со неа и огромно смирение и послушание; не во смисла дека треба да се потчинуваме, туку во смисла дека треба смирено и послушно да се препуштаме на законот на животот и да бидеме подготвени да живееме дури и по цена на нашата смрт. Ова може да се чини како чуден и бесмислен израз, но во устата на верникот не е ни чудно ни бесмислено, затоа што животот за својот идеал може да го положи само оној којшто верува во животот и не верува во победата на смртта; оној кој верува дека победува животот и дека смртта никогаш нема да победи; оној кој може да љуби со сета душа, со сето срце, со сиот ум, со сета волја, со сето свое тело. Само оној човек во кого животот ја победил смртта може да го даде свој живот, примајќи привидна победеност, скрушеност и смрт, но знаејќи дека внатрешно, суштински победил тој. Еднаш бил пронајден натпис во Шлиселбуршкиот затвор: „Со Христос и во затвор сме слободни, без Него – и на слобода сме во затвор“.  Еве, овој контраст на победоносниот живот и привидната смрт се јавува како карактерна црта, вистинска вера на човекот во себе – не самоувереност, туку вера во непобедливата динамика на животот, чиешто конечно име е – Бог.


Извор: azbyka.ru

Превод: Наташа Наумоска