За радоста во Светото Писмо (прв дел)

Искуството на Христијаните целосно ќе се промени, доколку се откажеме од некои пракси или насоки на мислата, кои го привилегираат зилотското Христијанство, коешто го одбегнува „ништавилото“ на земниот живот, или, пак, од друга страна, сентименталното и неумерено Христијанство, коешто во суштина е мошне површно. Оти, Библијата ни го насочува вниманието кон една зачудувачка радост.

Неумесно ли е да се говори за радоста? Или е дрско, додека светот пропаѓа? Не, доколку пристапуваме со страв и трепет, и доколку ја разбираме радоста поинаку одошто радосно чувство. Ако почувствуваме дека радоста, наместо да нè затвора во нашата самодоволност, таа нè отвора кон другиот и дека на некаков таинствен начин содржи Спасителна закрила, кон која копнееме пред сè, и како што ќе видите, можеби секогаш ќе копнееме.

Радоста не е среќата, таа ја надминува неа. За животот, посебно за да го разбереме животот, таа е особено важна. Некои философи, меѓу кои Бергсон и Спиноза, сметале дека радоста е силата зад длабокиот стремеж за живот. Во „Духовната енергија“ Бергсон вели:

,,Радоста секогаш означува успешен живот, таа освојува терен и победува, секоја голема радост има акцент на торжество“.

Спиноза пак, во четвртиот дел на својата „Етика“, вели дека радоста е судбината на оној кој чини добро и прифаќајќи ги „нештата во нивната суштина“, признавајќи дека „сè се случува според Божјата природа и се извршува според вечните закони и правила на природата…“ Да си радосен значи да опстоиш во сржта на стремежот за живот, во пазувите на бескрајната севкупност.

Радоста е императив кој произлегува од реалноста, кој сме должни да го бараме. Меѓутоа вистинската радост е нешто друго и многу повеќе од радоста која вообичаено ја чувствуваме. Литературата и останатите форми на уметноста се нејзин израз. Какво и да е сижето на творбата, често отсликувајќи очај, ужас и тага, каква и да е материјата на делото: зборови, звуци, линии, обеми, движења, се чини дека радоста ги трансцедентира. Формата е неспорно исполнета со радоста, таа нè обзема во моментот кога ќе ѝ обрнеме внимание. Таа го надминува обичното аристотеловско задоволство на добра имитација, кое го објаснува успехот на нешто кое самото по себе не е доблесно – како одраниот вол на Рембрант или лудоста на Кралот Лир; таа е своевиден контрапункт на делото, а истовремено се наоѓа во самата срж на делото, речиси како цел на уметноста е да создава една често парадоксална радост, секогаш независна и sui generis. Помислете на радоста предизвикани од „Девојчето и смртта“ на Шуберт, од „Одраниот вол“ на Рембрант, или за смислата на фабулата на „Крал Лир“ од Шекспир. Во оној миг, во кој делото во нас предизвикува сочуство, зачуденост, огорченост или длабока тага, големата радост нè изненадува. Без сомнеж, треба да ја наречеме естетска радост, но тоа не е онаа вообичаена радост на еден естет, наслада која не ја засега целосната личност или го исклучува спознавањето на реалноста. Можеби интуицијата за убавото, спротивставувајќи се на несреќата во животот, ни помага да отидеме отаде самата несреќа.

Литературата е во состојба да ни ја открие таа специфична радост и да ни помогне да доспееме до неа. Во „Бура“ на Шекспир, ликовите се наоѓаат на замислен и речиси пуст остров, омаѓосани од Просперо. Накрај Просперо го открива узурпаторот кој му го украл кнежеството, и ќерка му се венчава за кралскиот син; тие, што сме ги сметале за мртви се живи, а пак, оние кои страдале, сметајќи дека загинале, излегуваат здрави и живи. Вака резимирано, би можеле да речеме дека станува збор за мошне лесен расплет. Но гледачите забележуваат дека не станува збор за вообичаен „хепиенд“. Еден од хероите, ја коментира несреќата што ја доживеал, повикувајќи ги да го примат, со зборовите:

„О, радувајте се, но не со вообичаената радост“.

Изблик на радост, немерлива радост, како сè да се случува под знакот на омаѓосувањето – барем според познатите зборови на Миранда, омаѓосана од „сјајот на новиот свет“ – доколку зад магијата на Просперо гледаме привид на делувањето на боговите кои му „прават пат“ кон расплетот. Гледачите, слично на ликовите, одат „отаде вообичаената радост“, го преминуваат прагот и се појавуваат во свет, каде владее божественото. Тука, можеби, се наоѓа делумно скриената смисла на чинот на пиесата. Ако протагонистите можат да видат низ морската бура, (која е всушност илузија), реален духовен и психолошки смут, не се ли должи тоа и на смислата на латинскиот збор врз кој лежи основата на зборот бура – tempestus – она што доаѓа со времето. Посебна радост се раѓа кај нив, од она провидение, кое ги собира во добар час на добро место, за да се открие натприродното и тие да се израдуваат, гледајќи како се осуштествува навидум невозможното. Тука, можеби, се крие тајната причина поради која Просперо на крај се откажува од Магијата, а Шекспир од својата уметност. Писателот сфаќа дека сè може да се направи во уметноста, каде што ништо не му се спротивставува, дека низ магијата на фантазијата може да ги разреши сите проблеми во една драмска ситуација, предизвикувајќи кај своите „херои“ изблик на радост и чувство на егзалтација од навлегувањето во нов свет. Но, тој истовремено спознава, дека во реалноста, пројавата на чудото и придружната неизмерна радост е дар, и дека неговата уметност доаѓа до своите граници. Величината на „Бура“ и нејзиното значење во театарот доаѓаат од таа проѕорливост. Тоа е драмско дело во кое авторот признава дека театарот дејствува со магија и дека се служи со поезија, за да му ја покаже на светот можноста да се возрадува, присуството во човечкото постоење на нешто друго, всушност потчинувајќи се на сили, помоќни од него.

Тоа нешто друго, станува уште појасно во една од големите поеми на англискиот романтизам – „Славејот“ од Колриџ. Слушајќи ја навечер песната на славејот, Колриџ влегува во едност со природата, општејќи со сите природни реалности. Поетот застанува во славниот миг, во кој славеите замолкнуваат, кога месечината се крие зад облак, и кога повторно почнуваат да пеат во хор, кога месечината, појавувајќи се повторно, „ги буди небото и земјата“ создавајќи во видливиот свет „чувство на едност“. Тој гледа во природата „нешто повеќе од природа“, ни раскажува како го успокојува своето расплакано дете кое штотуку се разбудило ноќта. Излегува со него од дома, детето ја гледа месечината и одеднаш, престанува да плаче „смеејќи се молчаливо“. Зошто се смее, а не покажува интерес кон новиот објект кој му го привлекува вниманието? Колриџ, во таа, на прв поглед чудна реакција во смеата од омаѓосаноста, чувствува знак за скриена врска меѓу сите природни елементи, која раѓа длабока и необјаснива радост. Ненадејното продолжување на песната на славеите и смеата на дете кое сè уште не проговорило, ја имаат во себе таа инстинктивна врска во длабочините на битието, во или отаде разумот, исцртувајќи цела теорија за животот или за надумната природа. И Колриџ веднаш се задлабочува во чудното чувствување на она што ни се затскрива, гледајќи ги во очите на детето оние на славеите, кои блеснуваат на месечевата светлина, мечтаејќи за мигот, во кој детето, веќе пораснато, ќе ја слуша песната на славеите, која ги „соединува радоста и ноќта“. Ноќта – спротивноста на вообичаениот дневен живот, долгиот миг по повлекувањето на дневната светлина, кога светот повторно станува видлив.

Поезијата, барем за мене како поет, е посоодветна да ни ја вдахне онаа радост од вознесението до натприродното. А еврејската поезија, над сè Псалмите, оди уште подалеку, повикувајќи ја неверојатната и тешко доловилива радост, којашто ја вкусува целото творение. Авторот на Псалм 44 Го прославува Бог за Неговото дело на Земјата, бидејќи со дожд ги пои нејзините бразди , ливадите и ги покрива со стада, а „ридовите ги опашува со радост“. Можеби оваа радост се наоѓа не толку меѓу ридовите, колку во човекот кој ги набљудува. А пак, што да кажеме тогаш за Псалм 95, кој ги повикува сите народи да ја воздадат кон Јахве сета слава и моќ, пред да се насочи кон земјата:

 „Да се веселат Небесата и да торжествува Земјата; да шуми морето и она што го исполнува, нека се радува полето и сè што е во него и да ликуваат сите дрвја… (Пс. 95:11-12)

Созданието, кон крајот на стиховите, добива покана да се присоедини кон „новата песна“ на Божјиот народ, со кој поемата започнува. Како луѓе на разумот, навикнати во Европа на антропоморфна поезија на карактери, ние, без сомнение, тоа го читаме како одреден израз, кој ѝ ги придодава на природата емоциите почувствувани од поетот во нивната суштина, за да им даде карактер, да ги вообрази – во нив да види ликови – да ги сподели и да ги направи преполни со радост. Но, што ако поетот навистина ги слуша дрвјата како ликуваат – или барем гледа нешто повеќе во нив, од вегетативниот живот? Како проѕира во она што ние го нарекуваме материјален свет, присуство или форма на радост, како одговор на добрината на Бог? Во Псалм 97 поетот, исто така, сака да ја чуе восфалата на Бога, воспеан со звуците на гусли, со звуци на труби и рог, но тоа не му е доволно и го ограничува. Тогаш:

„Нека шуми морето и сè она што го исполнува, вселената и сите што живеат во неа, да ракоплескаат реките и заедно со горите да се радуваат“. (Пс. 97: 7-8)

Тој ја повикува природата да се присоедини кон луѓето во делото на прославување на Бог, да се обединат усилбите, за да може целата Земја да се оживотвори во своето воодушевување, за да заврши со ликувањето на бессловесните – на планините и дрвјата. Тоа е многу занимливо. Човек би рекол дека Евреите или нивните поети насекаде низ создадениот свет проѕреле некаква огромна радост, поради која нè обврзуваат да ја читаме нивната поезија, поинаку од начинот на кој ја читаме нашата: по навика, ние ниту за миг не допуштаме дека дрвјата можат во  нас да предизвикаат друга визија за реалноста, каде што целото создание – а не само луѓето – е опиено од радост. Ако се замислиме, таа поезија за нас е еден нов и чуден јазик, помеѓу буквалното и симболичното. „Ударот на молња“ има буквална смисла кога гром ќе удри во дрво, и симболичен, кога сме вљубени. И сепак, кога авторот на Псалм 113 возвестува, дека при излегувањето од Египет „горите се разиграа како овни, а ритчињата како јагниња“, тој не ги гледа буквално, туку не е во состојба да ја задржи радоста, која тие ја изразуваат низ една едноставна метафора: пред делото на Бог, Кој го спасува Израил, и тие реалности без дух, доживуваат неизмерна радост.

Визијата ја достигнува својата кулминација во Псалм 148, кој не ја споменува радоста, но ја покажува – од првиот до последниот стих, повикувајќи го целото создание да се присоедини кон луѓето во возвишувањето: сонцето, месечината, морските ѕверови, бурните ветришта, планините и ридовите, кедрите, дивите ѕверови, добитокот, влечугите, птиците, дури огнот и градот, снегот и маглата. Сè се исполнува со живот во окото на поетот, кој, исто како детето на Колриџ, гледа поинаку, гледа подобро и кој го слуша – ниту буквално, ниту симболично – немерливото величање.

Во Стариот Завет, созданието се радува заедно со луѓето и покрај катастрофите, ропствата и заканите за целосно уништување на Израил и покрај изблиците на страв и очај; радоста таму е постојана и застрашува со својата величина. Искажана е насекаде во Псалмите. „Ќе се радувам и ќе торжествувам за Тебе“, збогатена од Псалм 16: „Затоа се возрадува моето срце и се развесели мојот јазик“, „Веселете се во Господа и радувајте се“, упатува Псалм 32. Авторот на Псалм 43 директно се обраќа кон „Богот на радоста“. Религијата на Стариот Завет, и покрај популарната претстава за неа како за крвава религија, над која бдее некаков Бог на гневот, и покрај ништавилото на гревопаднатиот свет, се покажува како религија на радоста. И таа радост – радоста во Бога, можеби не е обичната радост, која ја чувствуваме кон други суштества или при радосни поводи.

Таа се враќа во Новиот Завет, каде што основата на радоста се смртта и Воскресението на Месијата. Христијанската радост, којашто блика од секоја страна на Евангелието, од Делата на Апостолите и од Откровението, може да нè изненади ако во умот имаме слика на „религија на страдањето“, на умртвувањето, на отсекување од задоволството, на настојчивиот акцент врз гревот и ништавилото на гревопаднатиот свет – слика која често самите Христијани ја пропагирале. Доволно е да погледнеме во Новиот Завет, за да откриеме, на пример, како Дева Марија, узнавајќи дека ќе биде мајка на Христос, одушевено вели:

„И духот ми се зарадува во Бога, Спасителот мој“ (Лука 1:47).

Природно е за една млада бремена жена да биде среќна; и сепак „радоста во Бога“ ја возвестува целата радост, која ќе се распространи меѓу Евреите и меѓу другите народи. И таа егзалтација многу бргу се претвора во „радост отаде обичната радост“. Мудреците кои доаѓаат во Палестина, за да го видат лицето на „царот Јудејски , кој ќе се роди“, следејќи ја ѕвездата, се радуваат кога таа застанува, со „мошне голема радост“ (Мат.2:10) Подоцна, Св. Апостол Петар во своето Прво послание се обраќа вака: „Без да сте го виделе Христа, но верувајќи во Него сега, радувајте се со неискажлива и преславна радост“ (1. Петр. 1:8)

Мошне голема, неискажлива и преславна, една радост, која очигледно ја надминува вообичаената радост, и нè повикува да се запрашаме од што се состои таа. Воодушевува тоа што христијанската радост е должност. Човек би очекувал таа да е среќен плод на верата, љубовта и послушанието, некаква добродетел, но во духот на Св. Апостол Павле, Христијанинот е должен да се радува, познавајќи ја таа неискажлива радост. Откако го посеал своето Послание до Филипјаните со зборовите „радост“ и „се радувам“, тој така ги воведува за прв пат:

„Радувајте се во Господа“ (3:1),

пред да каже сосем настојчиво:

„Радувајте се секогаш во Господа и пак ќе кажам, радувајте се“ (4:4).

 Секогаш: понирањето во Библијата понекогаш ме потресува. Како да се радуваме секогаш? И од каде Св. Апостол Павле наоѓа надеж, та на другите да им го поставува тоа наизглед недостижно барање? Бидејќи тој не се обраќа само кон Филипјаните – истите зборови им ги кажува и на Солунјаните: „секогаш радувајте се“ (1. Сол.5:16) На почетокот мислев дека Св. Апостол Павле се потпира на искуството на Јудејците од Стариот Завет, бидејќи често пати асоцира на тоа, цитирајќи стихови од два псалми: „Радувајте се праведни во Господа и славете го споменот на Неговата светиња (96:12) и „Веселете се во Господа и радувајте се праведни, торжествувајте сите праведни по срце (31:11). Св. Апостол Павле согледува дека радоста во Бога секогаш била барање и смета, ми се чини, дека една таква радост е најдобриот пат, за да останеме во скриена врска со Бога и со сопствената вера. Тој се повикува и на друг неочекуван настан од еврејската Библија – оној во кој целиот народ паѓа во тага и солзи по торжественото читање на Законот, а Ездра им вели:

„Не тажете, зашто радоста пред Бога е поткрепа за вас“ (Неемија. 8:10)

Далеку од тоа да биде просто пријатна емоција, радоста, надумната радост, закрилува и укрепува, таа е еден од царските патишта кон активното и постојаното познание на Бога. Лице на „тврдината“ што би требало да биде радоста, лице на благоразумието, дисциплината, строгоста, сигурно ќе нè замисли. Но, штом Св. Апостол Павле подвлекува секогаш да се радуваме – визија која е целосно противречна на она што ние го сметаме за возможно – тој, без сомнение, се повикува на сопственото искуство, кое го учи дека не може да си радосен по команда, дека барањето на радоста истовремено се претвора во барање на Бога, дека тоа го преместува центарот на личноста кон најсуштественото, кон она што ни ја открива целата длабочина на Евангелието – неисцрпната радост на „Благата вест“.

Продолжува

Избор и превод на текст: Петко Костовски