Ако продолжиме да ја проучуваме радоста низ христијанска призма, ќе утврдиме дека тоа е поврзано и со Светиот Дух. Читателите на Библијата знаат, но полезно е да се потсетиме. На пример, во Дела на Апостолите можеме да прочитаме како учениците: „се исполнија со радост и Дух Свети“ (13:52) За Св. Апостол Павле во Посланието до Римјаните „Царството Божјо… е и правда, и мир, и радост во Светиот Дух (1. Сол.1:6) Нормално е постојано да говориме за Светиот Дух во контекст на преумувањето или осветувањето, бидејќи тоа Присуство е дел од учењето на Христос и Апостолите. Но, зошто толку често си спомнуваме за радоста, ако не за да покажеме дека таа е насуштна, дека таа е причесна на суштествувањето на Евангелието во животот? И повеќе, според последниот цитат, радоста е она што го добиваме од Светиот Дух. Можеби радоста е знакот за Неговото присуство.
Зачудувањето продолжува кога ќе ги спознаеме „плодовите на Духот“. Повторно, Св. Апостол Павле е тој кој ги набројува во Посланието до Галатјаните: „љубов, радост, мир, долготрпение, благост, милосрдие, кроткост, воздржание“ (5:22) Што забележувате? Прво, дека сите споменати елементи во друг контекст се нарекуваат добродетели, со исклучок на радоста и мирот, на кои меѓутоа во тоа набројување им се придодава истата морална димензија. Радоста и незаслужена е добра, знак дека сме на добар пат. Освен тоа, радоста зазема второ место. И бидејќи не го определува Св. Апостол Павле редот на тие „плодови“, тој започнува со љубовта, на која целиот Нов Завет ѝ го одредува првото место; но како да поверуваме дека непосредниот премин од љубовта кон радоста не е со предумисла?
И ако радоста има такво значење, не ли ги поместува таа, вообичаените приоритети на христијанскиот живот? Таа нејзина значајност, не е ли објаснение за ревноста со која Св. апостол Павле се обраќа кон Солунјаните: „Секогаш радувајте се“ (4:4)? Ако ги споиме двете перспективи – радоста како должност и како плод, понираме во она таинствено место, каде што човечката намера се сретнува со Божјата волја. Човекот не може ете така, просто да се радува во Бога, да Го љуби Бога, ниту да верува во Него. Но, штом ја чуе заповедта и се насочи натаму, штом ја восприеме таа можност, тој може да открие во себе радост, љубов и вера, добиена како дар. Целата противречност помеѓу „слободното самоволие“ и „наметнатото самоволие“, тука речиси се разјаснува, останувајќи сепак чудесно заматена.
Колку е прекрасна метафората за плодовигте на Духот, кои всушност формираат еден плод! Духот во животот на Христијаните дава духовни плодови, растенијата даваат плодови секое по својот род. Дали ова е само метафора? Кога пишува до Коринтјаните по повод Воскресението на мртвите, Св. апостол Павле го изедначува семето, кое посеано во земја се претвора во зрно, и луѓето кои умираат во тело душевно и воскреснуваат во тело духовно (1. Кор15:37-44). И наместо да бараме некаков симбол и близок на нас начин, преку кој ќе зборуваме за едно толку чудно собитие, какво што е животот по смртта, не е ли подобро да ја побараме реалната еквивалентност меѓу двата дела на божествениот свет, каде „смртта и воскресението“ на растенијата е иста како кај луѓето и каде што нивниот растеж е ист како кај Христијаните? Во еден совршено единствен свет под Божји надзор, каде што земјата ќе биде уништена, за да се појави во вид на „нова земја“, самиот поим за форма треба да биде сериозно преосмислен.
Размислувањата за таа средба на човечката волја, која одговара на призивот да се радуваме со Божјата волја, која е единствена способна да нè возрадува, нè поттикнува поодблизу да се осврнеме кон најчестите зборови кои ја опишуваат радоста во Новиот Завет – χαρά, а се радувам – χαίρω. Затоа што тие се многу блиску со χάρις, што истовремено означува благодат и благодарење. Духовната радост се јавува токму како благодат, а врската меѓу тие два збора говори многу за потеклото на таа радост во Божјото благоволение. Радоста, плод на Духот, едноставно секогаш е благодат. Една радост „отаде вообичаената радост“ означува „нешто повеќе од природа“ и доаѓа од друго место. А зборот χάρις ја открива, иако имплицитно, на мошне очигледен начин, почетната „размена“ помеѓу Бог и луѓето. Бог им дава благодејание по благодејание, со Својата χάρις, со Својата благодат, а тие Му одговараат со својата благодарност и Му благодарат. Св. апостол Павле (повторно тој), кој знае дека добил од Исус Христос „благодат (χάρις) и апостолство“ (Рим.1:3), им соопштува веднаш на оние кои го добиле овој призив: „Пред се Му благодарам на Мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас“ (1:8). Францускиот, како и другите јазици, ја сочувал таа двојна смисла на огледалото: кога добиваме благодат, ние благодариме и се облагородуваме.
Прашањето поставено на самиот почеток сè повеќе натежнува: како да ја помириме радоста со очигледната тага на овој свет? И како да бараме од Христијанинот не само да се радува, туку секогаш да се радува? Човечкиот и нечовечкиот свет се во непрестајно страдање. Христијаните, исто како сите луѓе, ја поднесуваат болеста, отфрлањето, тагата, страадаат од гревот внатре во нив и ги споделуваат (често недоволно) страдањата на Христос.
Библијата јасно возвестува дека речиси непоимлива радост сопостои со страдањето и го претпоставува. „Нè огорчуваат – пишува Св. Апостол Павле до Коринтјаните – а ние секогаш сме радосни“ (2. Кор.6:10). Можно е да ја негира огорченоста бидејќи сме изложени на „световна тага“, но сепак, пишува: „нè сметаат за измамници, но ние сме вистински.“ И сепак, еве го крајот на оваа беседа, каде мислата и ревноста, се „препишани“ од реториката: „нè огорчуваат, а ние секогаш сме радосни, сиромашни сме а мнозина збогатуваме, не поседуваме ништо, а сè имаме“. Божјите слуги живеат во парадоксот: огорчени, сиромашни, живеејќи во немаштија и истовремено радосни, способни да го збогатат другиот и преисполнети со духовни блага. Тие го познаваат парадоксот на Крстот, каде што апсолутно невиниот станува универзално виновен. Затоа овој Апостол, кој непрестајно нè изненадува, уште еднаш подвлекува дека не само што е радосен туку дека е „секогаш радосен“. Без сомнение ни е тешко да си ја претставиме таа необјаснива состојба на битието во кое незапирливата радост не се губи во длабоката тага.
Други делови од Посланијата на Св. Апостол Павле делумно ни помагаат да ја разбереме резонансата меѓу радоста и тагата. Малку потоа во Второто послание до Коринтјаните тој пишува: „Голема доверба имам во вас, многу се фалам со вас, исполнет сум со утеха, преизобилувам со радост при сета наша тага“ (7:4) Радост, која тој ја чувствува кон Христијаните во Коринт, не се помрачува и покрај премрежињата низ кои поминува, и таа му помага да ги преодолее. Тој се радува и покрај тагата од бескрајните искушенија. И радоста му е секогаш присутна, таа е буквално преизобилна. На Колосјаните тој им вели: „Сега се радувам (χαίρω) во страдањата за вас“ (1:24). Да се радуваш во страдањето е целосна спротивност на патолошкиот смут, предизвикан од канџата на гревот. Св. Апостол Павле е среќен дека може да страда за Христијаните, за кои се чувствува одговорен, бидејќи знае дека страдањето сопостои со љубовта која ја чувствува кон нив. Но, таквата перспектива кон радоста воопшто не ѝ го исцрпува значењето, бидејќи кога зборуваме за радост која постои и покрај страдањето, тогаш станува збор за братска љубов; овде станува збор за радост, која постои во себе како парадокс.
Таквата радост ни станува поблиска кога го читаме познатиот дел од Посланието на Св. Апостол Павле до Филипјаните – дел во кој не станува збор за радоста, но кој добива дополнителна сила од фактот, дека во него со уште поголема ревност се настојува на должноста да чувствуваме радост, и на нејзиното постојано присуство.
Јас сакам само едно – им пишува тој – „да го познам Него и силата на Неговото Воскресение и учеството во Неговите страданија, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам Воскресението на мртвите“ (3:10-11).
Страданијата се Христови, оние на кои Апостолот сака да биде соучесник, а она поради кое страда не доаѓа од него и неговата чувствителност, туку поради страдањата на Другиот. Но, какви се тие страдања, доколку сме во состојба да ги почувствуваме? Најверојатно тие се резултат на гревот, на гревопаднатата судбина на луѓето и овој свет. Исус во Својот земен живот ни ја покажува Својата тага, пред луѓето кои го оплакуваат Лазар, Својата тага дека не може да ги собере под Своите крилја жителите на Ерусалим, како квачка која си ги собира пилињата. Својата тага кога го гледа маловерието кај Своите ученици, тагата од огорченоста пред лицемерието на книжниците и фарисеите. Отаде секоја лична тага и бремето на сите гревови на светот, Тој треба да страда поради отпаѓањето на целото создание, поради големото откажување од вечната љубов (од рамнодушност или гнев) и истовремено поради страдањето на луѓето во нивната разочараност и побрканост. Св. Апостол Павле сака да го спознае тоа, спуштајќи се во бездната на зашеметувачкиот и страшен однос со Христа.
Така што, страдањето е неопходно како што е неопходна радоста. Но желбата за страдање кај Св. Апостол Павле ја придвижува не толку силната желба да се спознае силата на Воскресението и во него содржаната радост. Токму затоа тој користи следниов хијазам: воскресение-страдање-смрт-воскресение. Силата на воскресението му помага да се потопи во страдањето и смртта, а тоа „потопување“ го подготвува за воскресение уште во земниот живот. Радоста и страдањето меѓусебно се поткрепуваат. И колку повеќе се чувствува доброто страдање, кое доаѓа од Христа и носи белег на Божественост, дотолку повеќе тоа ја долева добрата радост. И обратно. Зашто, тоа страдање и таа радост се поинакви. И ако станува збор за страдањето Христово, еден од описите на Воскресението, иако ја поставува радоста во контекст, кој ја загатнува Божествената природа. Марија Магдалина и Марија, мајката на Јаков, кои дошле да го видат гробот на Исус, дознаваат од еден ангел дека Тој воскреснал. Уплашени од Ангелот Господен, од големиот потрес предизвикан од неговото слегување од небото и од умопоместувачката вест за неговото Воскресение од мртвите, тие се затрчале со „страв и радост голема“ (Мат. 28:8). Не станува збор за обично плашење – тој страв е длабок религиозен трепет, кој на англиски се преведува со „awe“, а Аристотел го определува како благочестие, основно чувство кое го предизвикува трагедијата. Неразделноста на стравот и радоста во срцевината на двете Марии ни покажува дека радоста сопостои со ненадејното ширење на свеста, предизвикано од интервенцијата на другиот свет, со новата перспектива на животот.
И зарем радоста, која јас се обидувам да ја разберам, радоста, која не е некаква чиста емоција, а го допира она што го надминува човечкото, не е ли, на крајот на краиштата, радоста на Христос? Кога ги слушаме внимателно извадоците кои говорат за неа во Евангелието според Јован, тие ни го отвораат умот кон бескрајот. Кога ги повикува своите ученици да пребиваат во Неговата љубов, запазувајќи ги Неговите заповеди, Исус продолжува: „Тоа ви го реков, за да пребива Мојата радост во вас, и радоста да ви биде полна“ (15:11). Тој не им носи само голема радост, туку Својата сопствена радост, непоимлива, божествена. Во Христијанинот се вселува посилно и посилно самата Христова радост, која без да се наметнува, се претвора во радост за Христијанинот: „Мојата радост… вашата радост“ Исус говори за тие зборови во Својата долга молитва кон Отецот: „А сега одам при Тебе и го кажувам тоа во светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна“ (10:13). Евангелието недвојбено ги вклучува двата моменти, за да го подвлече значењето и исклучителноста на карактерот на дарот. И повторно Св. Апостол Јован е тој кој ни ги пренесува зборовите на Христос за мирот: „Мир ви оставам, Мојот мир ви го давам“ (14:27). Вистинската радост е навистина натприродна и е во хармонија со природната радост, како што е и вистинската љубов со онаа што можеме да ја откриеме во нас, или пак вистинската вера со онаа која сме способни да ја практикуваме. Исто како што љубовта која само Бог може да ни ја даде е наша љубов, така и верата за која не сме способни но ја добиваме како дар е наша вера, така и таа радост е наша радост. Таинството на оваа врска не би можело да се објасни со учењето за врската меѓу благодатта и природата. Тоа станува јасно и од следните зборови на Св. Апостол Павле: „И веќе не живеам јас, туку Христос живее во мене“ (Гал.2:20). Христос е Тој Кој живее, но во мене.
Така доаѓаме и до немерливата радост, до радоста која постои „отаде обичната радост“ – радоста на Синот Божји. Ако Христијанинот може и треба да биде соучесник на Неговите страданија, тој е повикан да биде соучесник и во Неговата радост. И тоа во радост од небесни размери. Што се однесува до земните собитија, Христос особено ја апострофира „радоста на небесата“ која настанува од покајанието на еден грешник (Лука 15:7). (Ми се чини дека не размислуваме доволно за ширење на нашиот хоризонт, во контекст на постојната динамика помеѓу небото и земјата.) А што се однесува до рајот, во свршетокот на времињата, авторот на книгата Откровение има видение за „многу народ на небото“, од кој доаѓа глас, кој го придружува зацарувањето на Господа: „Да се радуваме и веселиме и да Му воздадеме слава: зашто дојде свадба на Агнецот, и жена му се приготвува“ (19:7) Целта е разбирлива, но не и фактот дека радоста вибрира во срцето и на највозвишените места. Радоста е аголен камен. И можеби не е погрешно да се каже дека Бог е радост. Ете ја оправданоста за проповедта на Св. Апостол Павле: „Радувајте се секогаш во Господа“. А еве на што се базира преумувањето на Паскал во „Мемориал“, откриен по неговата смрт, сошиен во неговата облека, кој ги содржи следните зборови: „Сигурност, сигурност, чувство, радост, мир… радост, радост, радост, солзи од радост… Вечна радост за еден ден тегоба на земјата“. Еве го и вистинскиот дар, Воплотувањето, доловен силно и со емотивен набој, во еден стих на „Питер орачот“, долга англиска поема од 14. век. Бог ризикува со Воплотувањето, пишува авторот, „to wite what al wo is that wote of al Joye“ – за да го познае целото страдание, Тој Кој ја познал целата радост.
Како што реков, таа насоченост кон радоста ни најмалку не соодветствува со наметнатата претстава за христијанството. Радоста нема да ја најдете меѓу статиите, во инаку мошне полезниот „Критичен речник на теологијата“ на Жан-Ив Лакост, ниту во референците, освен под формата на месијанската радост која води кон Блаженство. Би требало повторно да го чуеме апостолскиот повик да заживееме радосно, обидувајќи се да го разбереме и да го поврземе со заповедите, кои го определуваат животот на Христијаните. Не станува збор, се разбира, директно да ја бараме радоста, восприемајќи ја како цел, сама по себе, како што е бесполезно да ја бараме среќата на истиот начин, или она што нè прави среќни.
И сепак, ако не се лажам, радоста не е резултат на она што нè радува, за разлика на пример, од среќата на дрводелецот поради неговата љубов кон дрводелството. За Спиноза токму прапочетната насока на животот е таа која наоѓа израз во доброто дело и радоста: ете зашто добрата постапка во хармонија со вистината на светот и Бога дава радост, а радоста пак, ни дава можност да постапуваме добро. Според една позната фраза, таа е „премин на човекот од помало кон поголемо совршенство“, бидејќи при средба со тагата, таа ја увеличува силата на духот и телото. Доброто дело и радоста се две должности, создадени од природата на нештата. За Св. Апостол Павле (кој како да ги бележи основните ограничувања на визиите за Бог на светот и философите), токму потчинувањето на Христос е тоа што ја дава радоста, но неговото расудување не доаѓа под формата: „Служете Му на Бога и ќе се радувате“. Да се радуваме во Бога е едно цело; Христијанинот е должен да Го бара Христос, барајќи го она што во Христос и во нашата врска со него е радосно. Но како тогаш да бидеме соучесници на Неговата смрт или на Неговите страданија? Ја исклучува ли тоа радоста, или ја претпоставува?
И на крај, со што овие размислувања за радоста низ христијанска перспектива би бил занимлив на незаинтересираните за Христијанството? Ми се чини на следниот начин: ние знаеме дека ништавилото е насекаде и дека светот не оди на добро, но ете, тука се наметнува визијата за возможната радост, за една радост која ги надминува случајните радости, кои животот ни ги предложува вообичаено. Една таинствена радост – таа на земјата, дрвјата и планините, на небесните жители, на Светиот Дух, на Христос. Реална радост за оние кои страдаат реално. Таа не ги одрекува нашите несреќи, туку ги закрилува. Таа – барем за нашиот обичен поглед – е другата страна на нештата, како ноќното небо, поврзано со синото небо и облаците, кое нè закрилува преку ден. Или нешто друго, кое го чувствуваме во реалноста, и тоа е поврзано со самиот Човек, но си останува Друго и ја прави различноста. Една радост која е делумно тука, но пред сè, некаде на друго место, отаде смртта.
Избор и превод на текст: Петко Костовски