Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен

Интервјуто е објавено во/на:

Велигденско интервју на Архимандрит Партениј, за Битолски весник

„На смртта празнуваме умртвување”, пее на Велигден Црквата Христова, „на адот разрушување, на друг вечен живот – почеток”.

          Бог му подари на човекот неискажлива радост, поразувајќи ја причината за сите негови таги и несреки – смртта. Зашто, зад секоја човечка тага, зад секоја несигурност, страв и малодушност, длабоко во човечкото битие лежи стравот од смртта. Но, преку Воскресението на Спасителот,добивме ослободување од таа страшна и измачувачка ендогена фобија, бидејќи конечно е отстранет нејзиниот предизвикувач. Зраците од празниот Гроб на Назареецот ни го осветлуваат патот што води кон нераспадливост и бесмртност. „А што е бесмртноста?” – прашува големиот христијански филозоф Свети Исак Сирин и одговара „Бесмртноста е чувствување на Бога.” Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен, да го живееш Воскресението Христово како свое лично воскресение. Ете затоа нашиот народ, во својата животна филозофија, во својата мудрост, стекната, пред сѐ, преку опит и личнотно доживување, единствено празникот на Воскресението Христово го нарекол “Велигден”, т.е. велик, голем ден, ден во кој„од смртта кон живот и од земјата кон небото, Христос Бог нѐ преведе”

Средина на април. Времето во Долна Река променливо, дождливо, ветровито,студено, во еден ден се менуваа сите годишни времиња. На планините  Кораб, Бистра, Шар Планина, Дешат, Стогово …навеви на снег, температурите на воздухот ниски, невообичаени за овој период од годинава.Но, тоа не влијаеше врз монасите на Бигорскиот манастир да ги извршуваат секојдневните послушанија, да ги пречекуваат гостите, верниците, посетителите, ученичките екскурзии и да им го посветат потребното внимание, некои од нив работеа со градежниците на неколкуте објекти, други, пак, беа вклучени во секојдневните обврски кон сточарството и земјоделството. 
Пред влезот на Бигорскиот манастир, на источниот дел на паркингот, со несмалено темпо се изведуваат градежни работи на Манастирскиот конак, наменет за гости. Во манастирот „Св. Георгиј Победоносец” во дебарското село Рајчица во завршна фаза се работите на новиот конак за монашкото сестринство. Во скитиот „Св. Кирил и Методиј”, се поставува бакарен лим на покривот. Монасите ја бојадисуваат надворешната дрвена дограма на бигорските конаци, го украсуваат и го подготовуваат манастирскиот комплекс за  големиот христијански празник – Велигден, кога неколку илјади гости  ќе престојуваат и ќе учествуваат на богослужбите.

Со незначително доцнење на договорената средба пристигна архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, ни се извини за доцнењето, бидејки сакал  да  присутвува и на работниците да им укаже како на кровот на храмот„Свети Кирил и Методиј” да го постават бакарниот лим. Во срдечна средба отец Партениј, во пресрет на големиот празник Велигден, тој ни одговори на неколку пршања за читателите на „Битолскиот весник” и тоа го направи со големо задоволство.


  1. Б.В.: Ваше Високопреподобие архимандрит Партениј, православните христијани со голема љубов го очекуваат Воскресението на нашиот Спасител Исус Христос. За православните христијани на Македонија, какво значење има празникот над празниците Велигден?

Архимандрит Партениј: Воскресението на Господ Исус Христос од мртвите го зазема средишното место во живот не само на православните верници од Македонија, туку и на сите Христијани општо. Со Христовата победа над смртта, се обновува целокупната твар и на човекот му се дава можност за спасение, во незаодната светлина на вечната радост. Со други зборови, Светата Пасха Христова ни ги отвори дверите на вечното блаженство, со што се оствари Божјиот Домострој за спасението на човештвото. „На смртта празнуваме умртвување“, пее не Велигден Црквата Христова, „на адот разрушување, на друг вечен живот – почеток“. Бог му подари на човекот неискажлива радост, поразувајќи ја причината за сите негови таги и несреќи – смртта. Зашто, зад секоја човечка тага, зад секоја несигурност, страв и малодушност, длабоко во човечкото битие лежи стравот од смртта. Но, преку Воскресението на Спасителот, добивме ослободување од таа страшна и измачувачка ендогена фобија, бидејќи конечно е отстранет нејзиниот предизвикувач. Зраците од празниот Гроб на Назареецот ни го осветлуваат патот што води кон нераспадливост и бесмртност. „А што е бесмртноста?“ – прашува големиот христијански философ Свети Исак Сирин и одговара „Бесмртноста е чувствување на Бога.“ Да Го чувствуваш Бога значи да се чувствуваш бесмртен, да го живееш Воскресението Христово како свое лично воскресение. Ете затоа нашиот народ, во својата животна философија, во својата мудрост, стекната, пред сѐ, преку опит и личносно доживување, единствено празникот на Воскресението Христово го нарекол ‘Велигден’, т.е. велик, голем ден, ден во кој „од смртта кон живот и од земјата кон небото, Христос Бог нѐ преведе…“

  1. Б.В.: Која е Вашата порака до Вашите духовни чеда, до сите верници во нашата држава?
Архимандрит Партениј

Архимандрит Партениј: Мојата велигденска порака до сите е истата онаа што им ја упатил Спасителот на Своите ученици, кога им се јавил по  Своето Воскресение, а таа порака е: „Радувајте се!“ Радувајте се, зашто доброто триумфираше над злото, правдата над неправдата, животот над смртта, љубовта над омразата! Радувајте се и задлабочете се во смислата на ова најголемо Торжество. Таму ќе ја пронајдете и смислата на вашиот живот, ќе го најдете и вашето лично воскресение. Оваа пасхална радост не значи схизофрено негирање и рамнодушност кон проблемите и искушенијата со кои секојдневно се среќаваме, туку напротив, таа ни дава еден крајно плодотворен и активен пристап, за правилно соочување и нивно надминување. Многу е полесно и побезбедно да се чекори во духовната темнина на овој свет, имајќи ја со себе светлината од невечерниот ден на Воскресението.

  1. Б.В.: За време на велигденските пости Бигорскиот манастир беше масовно посетуван од верници од сите краеви на Македонија, кои активно учествуваа на богослужбите и бденијата, што не беше случај во минатото. На што се должи ова?

Архимандрит Партениј: Би рекол дека нашите манастири бележат пораст на верниците и посетителите, не само овој период на духовната пролет, како што уште се нарекува Светата Четириесетница – што, секако, самата по себе повлекува повеќе луѓе – туку континуирано, во текот на годините. Тоа се должи, пред сѐ, на редовните секојдневни и празнични богослуженија, на монашкиот подвиг и молитви, преку кои дејствува Божјата благодат и ги привлекува душите обременети од товарот на немирот и гревот, давајќи им одмор, спокој и внатрешна радост. Се трудиме, според нашите скромни можности, да им излеземе во пресрет на секој намерник, знаејќи дека гостољубието е една огромна христијанска добродетел. Преку служењето на ближните, ние всушност Му служиме на Бога. Затоа постојано Го молиме да ни дава уште повеќе сили и благодат, за да можеме да им бидеме од полза на сите души што бараат помош и благослов од Него.

  1. Б.В.: Отец Партениј, Вие сте надлежен старешина и на манастирите: „Св. Георги Победоносец“ во дебарското село Рајчица, на „Манастирот Св. Богородица – Пречист“, Кичевско и на Кнежинскиот манастир, село Кнежино, што содржи програмата за одбележување на велигденските празници во сите четири манастири?

Архимандрит Партениј: Најнапред би сакал да појаснам дека јас сум игумен само на Бигорскиот Манастир, а со благослов на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, сум им духовен раководител на сестринствата од Рајчица, Пречиста и Кнежино. Во врска со програмата за одбележување на претстојните празници, би можело да се каже дека единствениот начин за вистинско духовно празнување на големите и спасителни настани од Страсната Седмица и на Воскресението Христово се состои во молитвеното учество на прекрасните и уникатни богослужби, кои се карактеризираат со исклучителна длабочина и поетска убавина. Овие вдахновени богослужби, составени од свети и просветлени луѓе, ја содржат сета теологија на Христовата служба на земјата и на Неговите последни денови. Преку нив на верникот му се дава совршена можност не само историски да си спомне за големите настани што го променија светот и ги отворија вратите на вечноста, туку и на еден мистичен и автентичен начин, преку благодатта Божја, да биде и нивен сведок, односно да ги доживее како и самиот да е присутен во нив. Зашто, силата на православното богослужение е таква, што може мисловно да го пренесе верникот до сржта на самите збиднувања, надминувајќи ги стегите на просторот и времето. Во Црквата Божја, минатото, сегашноста и иднината, на еден необјаснив начин се спојуваат во надвременското ‘денес’. Затоа, доколку внимаваме на текстовите од химните на Страдалната Недела, но и на другите празници општо, ќе забележиме дека постојано се нагласува црковната сегашност: „Денес Творецот на небото и на земјата им зборуваше на Своите ученици…“, „Денес на крст Јудеите Го приковаа Господа“, „Денес виси на дрво…“ итн. Имајќи ја предвид необичната убавина и трогателна длабочина на овие богослуженија, нашето братство отсекогаш посветувало големо внимание за нивно правилно и целосно извршување, запазувајќи го карактеристичното за нив духовно благолепие и величина.

  1. Б.В.: Во која насока ги имате насочено активностите за зачувување, обновување, проширување и изградба на нови манастирски објекти?

Архимандрит Партениј: Паралелно со духовната градба, којашто е неспоредливо најважна и секогаш ни е приоритет, не престанува и материјалната градба, која го содржи во себе не само подигањето на нови објекти, туку и запазувањето и обновувањето на веќе постоечките – нешто што, се разбира, повлекува многу средства и време. Во моментов активно се работи на довршување на манастирскиот конак во Рајчица, дарителско дело на нашата голема пријателка г. Елена Пандева од Скопје, сопственик на градежното претпријатие „Elena Home“. Овој конак, освен соби за сместување, предвидува и работилници, кои се неопходни за секојдневните потреби и дејности на сестринството. Се работи исто така и на бигорскиот скит над с. Битуште, посветен на Св. Кирил и Методиј, кој е, пак, дарение на благочестивото семејство Џиковски од Скопје. Последно, таму беше извршено покривање на храмот со водоотпорен лим. Неодамна во Бигорски започна изградбата и на новиот гостински конак, којшто е сметен до манастирскиот паркинг. Станува збор за 1200 квадратни метри корисна површина, предвидена претежно за гостински соби. Изградбата на овој конак е последица на зголемениот број верници и посетители во манастирот. Во него ќе има и параклис посветен на Свети Партениј Лампсакиски. Се работи, секако, и на други полиња, но ги спомнав само поглавните.

  1. Б.В.: Идната година ќе ја одбележите 1.000 годишнината од постоењето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и 25 годишнината од возобновувањето на монашкото братство . За читателите на „Битолски весник“ споделите ги активностите и резултатите што ги остваривте на негувањето на духовноста на населението во западниот дел на Македонија, за летните кампови по веронаука, за лечењето на младите од зависностите.

Архимандрит Партениј: Бидејќи за споменативе дејности и мисијата на нашето братство низ годините, е говорено и пишувано и друг пат, овој пат нема нешто особено да кажам, а само ќе Го замолам Бога да ни дава уште поголема желба и ревност да послужиме за доброто на што повеќе луѓе, за посилно сведоштво на радосната вест и порака од Христовата вера. Што се однесува, пак, до претстојната илјадагодишнина од основањето на Бигорската Обител, би напомнал дека станува збор за еден исклучително редок и значаен настан, кој навлегува длабоко во нашето културно и цивилизациско наследство. Затоа, навистина би било жално доколку македонското општество не му посвети должно внимание, не само поради самото значење на јубилејот, туку и поради фактот што тој може да се исползува и за внатрешна и надворешна презентација на нашето духовно богатство. Свесните луѓе, коишто имаат барем и најмало чувство за наследство и љубов кон духовните блага, знаат што значи еден ваков јубилеј, и тоа често можеме да го забележиме кај другите земји. Ете, пример за тоа ни е неодамнешниот несреќен случај со катедралата Нотр Дам во Париз. Само неколку часа по избувнувањето на пожарот, без сѐ уште да има официјално барање од католичката црква за помош, француски бизнисмени и политичари собраа милиони и милиони евра за нејзина реконструкција. Јас искрено се надевам дека и во Македонија ќе се најдат такви совесни личности, политичари, бизнисмени, мецени, што ќе помогнат достоинствено да се одбележи бигорското илјадалетие.



Информации за медиумот: „Битолски весник“ (Битолски Весник) — еден од најстарите весници во Македонија. Излегува еднаш неделно. Основан: 28 април 1964