Единствено верата во Бога му носи вистинско ослободување на човекот

Интервјуто е објавено во/на:

Ексклузивно интервју на архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”, за „Битолски весник”

 

  1. Б.В.: Само што зачекоривме во новото лето Господово 2019-то. Изнесете ги Вашите оценки за минатата година, на црковно и политичко поле. Дали тоа што го планиравте и го остваривте?

Отец Партениј: Најнапред, нека ни е благословено на сите новото 2019-то лето Господово! Божјиот благослов и поддршка ни се неопходни за секое добро дело што имаме намера да го започнеме и завршиме. „Господ Ме испрати“, вели за Себе Синот Божји, Спасителот на светот, „да ја проповедам благопријатната година Господова!“ Затоа, единствено преку Христа времето добива вистинска смисла и цел. Нека Неговиот благослов биде постојано на нас!

Во текот на изминатата година, на црковен план, се случија неколку важни работи, особено во врска со прашањето за признавање на автокефалијата. Сепак, најзначаен за нас настан беше блескавата прослава на илјадагодишнината од Охридската Архиепископија во древната „Света Софија“ во Охрид. Гледано политички, пак, 2018-та беше доста турбулентна година, нешто што не можеше, а да не нѐ засегне и нас монасите, како граѓани на оваа држава. Нека Бог и во годинава што доаѓа милостиво промислува за нас и ги просветлува нашите водачи да дејствуваат за доброто на сите жители на ова мало парче земја!

Во поглед на Манастирот, Му благодарам на Бога што како братство нѐ удостои да поминеме уште една година во „Неговите дворови“ и да направиме нешто за слава на името Негово. Се разбира, сме можеле многу повеќе, но ја просиме Неговата милост и благодат за да продолжиме со уште поголема ревност да Му служиме Нему и на ближните.

  1. Б.В.: Што најмногу Ве израдува во минатата година?

Отец Партениј: Најголема радост отсекогаш ми претставувал духовниот напредок на луѓето, нивниот раст во верата Христова и во познанието дека единствено Христијанството му носи вистинско ослободување на човекот, а со тоа нелажна и неминлива радост. Особено се радувам кога младите доаѓаат во автентичен допир со Христа во Црквата и стануваат нејзини активни членови. Оваа година Бог ме удостои да видам како многу млади во нашиот Манастир ја спознаа убавината на Христовата вера, благородството на Неговата љубов и чистата радост во Него.  

  1. Б.В.: А, што Ве натажи?

Отец Партениј: Она што во последно време ми создава голема тежина во срцето е непрестајниот одлив на млади луѓе од Македонија. Лично јас имам многу духовни чеда коишто ја напуштиле својата Татковина, барајќи подобра егзистенција, или барем основни услови за нормален живот. Голем дел од нив, пред да заминат, дошле кај мене за благослов. Гледајќи дека некои навистина немаат од што да живеат тука, со тага во душата им го дадов својот благослов, но истовремено со тоа и еден духовнички завет – кога еднаш со Божја помош ќе успеат да ги обезбедат неопходните средства за еден пристоен живот, да се вратат и да почнат да вложуваат во својата земја, бидејќи тука се нивните корени, нивните светињи, гробовите на нивните прародители. Така некогаш правеле нашите предци, кои и покрај тоа што немале своја слободна држава и живееле во немирни и несигурни времиња, сепак, со најголема љубов се труделе своите спечалени средства да ги вложат тука. Впрочем, благодарение на таквото нивното благочестие, од тоа време произлегле и најубавите храмови и манастири, со кои и до денес се гордееме. Во поглед на ова, се надевам дека и нашите политички водачи ќе најдат веќе еднаш сили да обезбедат пристојни услови за живот во оваа земја, во која има доволно место за сите, доколку се води една коректна домаќинска политика. Во поглед на Црквата, пак, многу ме нажалија, поточно, ме повредија, смутот и поделбите кои настанаа во Православието, а беа придружени од загрижувачки националистички изјави на одредени архиереи.

  1. Б.В.: До каде е процесот за добивање на автокефалност на МПЦ-ОА? Кога тоа ќе се случи? Вашата прогноза.

Отец Партениј: Не би сакал да давам прогнози за тоа кога ќе биде признаена нашата автокефалност. Важно е дека, со Божјо содејство, работите се движат во тој правец. Откако МПЦ-ОА побара од БПЦ помош и посредство за излез од полувековната неправедна изолација, бугарскиот Синод веднаш оформи комисија, со што нашето црковно прашање најпосле излезе од тесните рамки и доби меѓуправославен карактер. Тоа беше доволен повод Вселенскиот Патријарх да го употреби своето вековно и од Вселенските собори загарантирано право да биде арбитер во меѓуправославните спорови. Набрзо, од Фанар, од седиштето на Великата Христова Црква, како што се нарекува првопрестолната Вселенска Патријаршија, дојде убавата и долгоочекувана радосна вест дека Патријархот веќе ја презема одговорноста за нашето прашање. Потоа следеше  кореспонденција на Патријархот со црковна Софија, во која тој недвосмислено даде до знаење дека нашето црковно прашање е исклучиво во негова надлежност. Исто така, тој оствари и средби со државниот врв на Грција, од каде што навести дека ќе дејствува во правец на  враќање на  нашата Црква во канонскиот поредок, „според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на  првопрестолната Вселенска Патријаршија“. Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј важи за мудар и богопросветлен првојерарх, со голем углед во целиот свет како миротворец, кој придонел многу за зачувување на соборноста во Црквата и особено за решавање на повеќе црковни спорови. Тука би го истакнал и последниот случај со Црквата во Украина. Тоа ни дава надеж да веруваме дека и во однос на нашата Црква ќе го оствари своето ветување, со што ќе се исцели уште една голема рана во православниот свет. Кога сме веќе кај Украина, добро би било да забележиме дека неслучајно Вселенскиот Патријарх го одбра името ‘Православна Црква во Украина’, наспроти ‘Украинска Црква’, што покажува дека е решен силно да се спротивстави на ереста етнофилетизам. Се надеваме дека сите Цркви ќе се поучат од ова, зашто една помесна, автокефална Црква не припаѓа само на еден народ, туку на сите православни кои живеат во нејзината јуриздикција, без разлика на националноста. За жал, гледаме како СПЦ упорно стои на својот став дека треба да ги има под контрола териториите на некогашна Југославија, каде што ширеше српство наместо Христијанство, нешто што очигледно, според духовните закони, им се враќа и удира од глава. Јасно е дека Патријархот со голема мудрост и смирение повторно го востановува со векови нарушуваниот авторитет на Вселенската Патријаршија, но и поредокот во Црквата, онака како што предвидуваат и соборските одлуки. Ползувајќи го своето право да свикува собори, тој во 2016 година го свика Сеправославниот Собор во Крит, на кој остана непроменето правото на Вселенскиот Патријарх да дава томоси за автокефалија и да биде арбитер во меѓуправославните  спорови. За жал, на тој Собор, токму оние Цркви кои најмногу уценуваа и поставуваа услови за да присуствуваат, и покрај тоа што им беа прифатени сите приговори, крајно нељубезно и во последен момент го откажаа своето присуство. Истите тие, денес бараат нов сеправославен Собор, затоа што се директно засегнати од последните случувања. Но, Собор од таков вид може да свика единствено Вселенскиот Патријарх, а сите сме свесни дека нема повторно да го направи тој чекор, зашто тогаш кога го свика, наместо присуство – доби навреда. За неупатените треба да напомнеме дека за епископите откажувањето присуство на собор свикан од нивниот претстојател или од Вселенскиот Патријарх е кршење на епископскиот завет што се дава на самиот чин на ракополагање, кога ракополаганиот ветува дека дури и по цена на својот живот ќе присуствува на секој собор на кој е повикан, во најмала рака со претставник. Сега, пак, од одредени кругови слушаме изјави дека за некои Вселенската Патријаршија повеќе не е највисок авторитет, што претставува тежок удар на целото Православие и голема соблазна. Мислам дека одлуките на Вселенската Патријаршија во однос на автокефалиите треба да бидат почитувани од сите, бидејќи во спротивно се нарушува кохезијата меѓу помесните православни Цркви и на тој начин доаѓаме до разни варијации на Православието, што воопшто не е во духот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Автокефалноста не значи буквална независност и самодоволност, ами взаемна зависност на членовите во едното Тело Христово.

  1. Б.В.: Идната, 2020 година, Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ ќе одбележи два големи јубилеја: 1000 години од основањето на манастирот и 25 години од возобновувањето на монашкото братство. Со кои манифестации ќе ги одбележите јубилеите? Што предвидува програмата за прослава?

Отец Партениј: Станува збор за несомнено голем и редок јубилеј – илјада години! Ретко која друга институција може да се пофали со една таква долга историја. Токму затоа, се наметнува потребата да се подготви достојна програма за одбележување на јубилејот. И не само тоа, туку ни е неопходна и поддршката на Министерството за култура, како и на други чинители во општеството, бидејќи реализацијата на една таква програма подразбира и потреба од значителна сума на средства. Бигорскиот манастир има непроценливо историско значење. Во 19 век тој бил центар на Преродбата и низ него поминале сите наши позначајни преродбеници. Во Бигорски, исто така, било отворено првото ќелијно училиште во западна Македонија, каде што се образовал значителен просветен кадар. Следствено, претстојниот јубилеј има големо значење не само од црковен, туку и од национален и државен аспект, бидејќи оди во прилог на активностите за  промоција и афирмација на нашиот црковен и национален континуитет.

Некои проекти бараат поитна реализација, имено: отстранување на малтерот што во 70-те години на минатиот век бил поставен на ѕидовите во храмот, и негова замена со соодветен варов малтер за да се овозможи живопис на празните површини; комплетна обнова на ѕидниот живопис во големата трпезарија. Последниов проект не само што е изготвен, туку за негово реализирање пронајден е и солиден и меѓународно докажан зограф, кој ќе може достојно да го повтори делото на познатите зографи од епирското село Самарина, Михаил и син му Даниил, што своевремено ги ангажирал големиот мецена и естет, Архимандритот Арсениј Бигорски. Се надеваме дека Министерството за култура ќе биде доволно свесно за културно-историското значење на овие проекти и истите финансиски ќе ги поддржи.

Во знак на прославата на илјадагодишнината спаѓаат и неколку проекти од нашето манастирско издаваштво. Така, со Божја помош, до следната година планираме да издадеме нов музички диск, со празничната богослужба на Отсекување на главата на Свети Јован Крстител, во изведба на манастирскиот хор. Исто така предвидени се и неколку книжни изданија, меѓу кои обемната монографија „Иконата на Бистра – закрилник на Православието“ од доајенот на македонското новинарство, г. Киро Кипроски. Имено, овој професионален новинар, како некој древен летописец, во повеќе македонски весници и списанија ги овековечил сите позначајни, но и несекојдневни случувања во Бигорската обител во текот на изминатите три децении. Набрзо, дел од нив ќе бидат собрани на едно место во споменатава монографија.

  1. Б.В.: Годинава каде ќе ги насочите активностите?

Отец Партениј: Нашиот монашки подвиг и устрем пред сѐ ќе бидат насочени, како и досега, кон богослужбениот и молитвен живот, како наша основна монашка дејност, но не помалку и кон евангелизацијата на народот. Тоа пак, значи дека ќе ревнуваме уште повеќе евангелската порака за љубов, радост и духовна слобода, не само да допре, туку и да се запечати во срцата на луѓето. Го молам Бога да ни ја испрати потребната благодат за да имаме што поголем успех во тоа.

  1. Б.В.: Дали годинава ќе бидат осветени новите конаци во манастирот во Рајчица и скитот „Св. Кирил и Методиј“ во с. Битуше?

Отец Партениј: Новиот конак во Рајчица, кој во целост е дарение од нашата богољубива ктиторка Елена Пандева и нејзината компанија „Елена Лука“, е веќе во завршна фаза и, со Божја помош, очекуваме оваа година да биде осветен и да започне да функционира за потребите на сестринството. Скитот, пак, посветен на Светите Браќа Кирил и Методиј во село Битуше, кој е исто така, едно прекрасно ктиторско дело на фамилијата Џикоски од Скопје, и покрај тоа што е во напредна фаза на изградба, сепак, ќе треба да почека уште, можеби, година-две до свечениот чин на осветување. Како што повеќе пати сме кажале досега, главната намена на овој скит ќе бидат летните школи за веронаука за најмладите. Досега на тие летни школи во Бигорски и Рајчица поминале над четири илјади деца од цела Македонија, и се запознале со основите на нашата спасителна вера и христијанскиот морал. Тоа е една од позначајните мисии на нашите обители и би сакале ова дело да продолжи и понатаму.

  1. Б.В.: Дали сте задоволни од посетата на верниците, на домашните и странските гости во четирите манастири: Бигорски, „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, во манастирот „Пречиста“ – Кичевско и „Св. Георгиј Победоносец“ во кичевското село Кнежино?

Отец Партениј: Зголемувањето на бројот на посетители во Бигорски и во Рајчица е едно непрестајно течение од година во година. Нашите манастири стануваат сѐ попривлечни за странските туристи, но она што  особено нѐ радува е зголемениот прилив на верници во последниве години. Иако овие два манастира се едни од најоддалечените светилишта за Христијаните, сепак, редовниот богослужбен живот, торжествените празнични служби, гостопримството на братството и сестринството – ги привлекуваат верниците да доаѓаат отсекаде. Дури ни лошите патишта, особено делницата Трница-Жировница, не се пречка верниците да доаѓаат во голем број за време на викендите и големите празници.

На барање и со благослов на нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, неодамна беше возобновен, или поточно речено, продолжен монашкиот живот и во двата кичевски манастира Пречиста и Кнежино. Во Пречиста, по упокојувањето на последната монахиња, мајка Агнија, шест сестри од Рајчица го продолжија својот монашки подвиг овде, воведувајќи редовен богослужбен типик. Ова придонесе уште повеќе да се зголеми и онака развиениот култ на верниците од околните краишта кон Манастирот, а со тоа и неговата посетеност. Исто така и во Кнежино, доаѓањето на сестра Софија, после блаженото упокојување на сестра Доротеја, и мисијата што таа ја прави, особено со младите, придонесе да се зголеми и посетеноста на Обителта.

  1. Б.В.: Со кои проблеми се соочувате и како планирате да ги надминете?

Отец Партениј: Проблемите и искушенијата со кои секојдневно се соочуваме се, навистина, многубројни, но во оваа прилика нема многу да говорам за нив. Единствено би напомнал, макар што воопшто не сакам да зборувам за финансии, дека нивниот недостиг ни е несомнено голем проблем, особено во зимскиот период. Знаете, Манастирот нема некоја силно развиена економија, па да може самиот финансиски да се издржува и поради тоа во голема мера зависиме од нашите дарители, односно од верниците кои двојат од своето само за да ни помогнат. Нашата благодарност кон нив е огромна! Гледајќи каква жртва прават само за да ја поткрепат светињата, не можеме, а да не Му воздадеме слава на Бога, што во нашиот народ има вистинско богољубие. Се надеваме дека во иднина, со Божја помош, ќе развиеме некоја сопствена економија, па да не мора Манастирот да биде толку зависен од донациите и добрата волја на посетителите.

  1. Б.В.: Ваша порака до македонскиот православен народ за новата 2019 година?

Отец Партениј: Која друга повозвишена порака би можел да ја упатам од онаа што Спасителот, Господ Исус Христос им ја заповедал на Своите ученици: „Да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13,34-35). Мислам дека љубовта, пожртвуваноста едни за други, меѓусебното разбирање и широкоградоста се нешта што многу ни недостасуваат во ова време. Наместо сплотеност, насекаде гледаме разединетост по разни основи, главно политички. Тоа воопшто не е добро. Различното мислење не значи и непријателство кон неистомислениците. Крајно време е да ја надминеме таа детска незрелост и да пораснеме во љубовта едни кон други, а меѓу другото, да се научиме да ги штитиме и нашите државни интереси. Како пример ќе ја земам дијаспората. Погледнете колку само посплотени од нас се другите народи во странство. Зошто и ние да не бидеме обединети за општото добро, за ползата на татковината и на народот? Ја имаме најдобрата подлога за тоа – Светото Евангелие, кое со векови било вдахновител на нашите предци за нивната пожртвувана љубов.