Бигорското светилиште се претвора во витлеемска пештера

Интервјуто е објавено во/на:

Божикно интревју на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за дневниот весник „Нова Македонија“

Интервјуирал: Киро Кипроски
6 јануари 2018 лето Господово


  1. Колку манастирот е посетен за Божик и како се подготвувате за празникот?

Архимандрит Партениј: Бигорски одамна стана едно од омилените места за собирање на православните верници за време на големите празници, секако, поради тоа што Mанастирот има многу свои духовни чеда, од кои дел доаѓаат и на празничното бдение за Рождеството Христово. Но би сакал да напомнам дека голем дел од нашите духовни чеда за големите празници остануваат и во своите градски храмови, бидејќи кога сите би дошле одеднаш, сигурно е дека Манастирот би бил премал за да ги собере. Тие веќе земаат активно учество во духовниот живот во своите парохии, некои од нив се основачи и на црковни хорови и непосредно се ангажирани во достојната прослава на поголемите празници и неделните Литургии, но се и квас за воцрковување на многу други, да кажам, номинални православни Христијани.

Подготовката за празникот, не само за монасите, туку и за сите христијани треба да е, пред сѐ, духовна. Сепак, не изостанува ни оној дел, веќе добро познат на народот, кој вклучува целосна подготовка на монасите за што поубаво да се испеат прекрасните божикни песнопенија создадени од познати црковни химнографи. Тука влегуваат и напорите на еклесијарсите за што подостојно украсување на храмот и сите оние нешта што ги предвидува монашкиот Атонски типик во однос на богослужението. Сите тие напори се крунисани со едно византиско благолепие на Бигорското светилиште, кое придонесува подобро и на вистински начин да се почувствува величината на самиот празник. Тогаш храмот навистина се претвора во Витлеемска пештера, во која присутните верници земаат удел во радосното торжество за Богомладенецот, Кој на благодатен начин се раѓа во нивните смирени срца.

  1. Во последниве недели пред Божик, гледаме дека сѐ поактуелно станува објавувањето на овој голем празник преку Бадниковите поворки. Знаеме дека иницијативата потекна токму од вас, па би сакале да ни кажете нешто околу самите почетоци на возобновата, и како таа низ годините се развиваше за да прерасне во ова што е денес?

Архимандрит Партениј: Имено, изминативе години на нашиот сајт сме напишале неколку написи за постоењето и потеклото на една древна православна традиција, која била особено присутна кај православните народи на Балканот, а во Македонија постоеше некаде до 80–те години на минатиот век, но со многу слаб интензитет. Јас тоа како дете го затекнав во Битола, зашто, благодарение на ревноста со која таа традиција била негувана во Битола и Охрид, единствено таму се беше задржало ваквото навестување на Божик, макар и само како бледа сенка на некогашното торжество. Веројатно затоа токму во Битола започна и возобновувањето на оваа прекрасна Божикна манифестација, и тоа најпрво со спот, кој покажуваше како тоа некогаш се правело и  во кој зеде учество нашиот познат пејач Ламбе Алабаковски. Потоа од година на година иницијативата стануваше сѐ помасовна и се рашири во сите градови. Насекаде децата одговорија со љубов на ваквиот серадосен повик, така што годинава, на голема радост, дојде до едно навистина најшироко досега детско учество во нешто што денес се нарекува Бадникови поворки и што ги слеа сите во една заедничка прослава. Притоа, на самите почетоци голема поткрепа ни беше и благословот на нашиот почитуван владика г. Тимотеј, при поворката во Охрид, што во тоа време беше најмасовна. Сега со големо задоволство ќе нагласам дека таа манифестација не е повеќе работа само на Манастирот, туку и на многуте духовни чеда, вероучители, свештеници со добра волја, многу познати луѓе од општеството, од музичката сцена, културата, уметноста и спортот, така што ние се радуваме што тоа стана една сеопфатна граѓанска иницијатива, и што во полн сјај се врати преданието, онака какво што некогаш било. Минатата година и Неговото Блаженство, нашиот Архиепископот г. г. Стефан, со задоволство ја поздрави оваа иницијатива, што е од суштинско значење за целиот наш народ. Како што реков, зад неа, покрај многуте познати естрадни уметници, спортисти, актерите, личности од светот на модата, застанаа и  медиумите кои со широка застапеност го поддржуваат сето тоа, за да може празникот да си го добие своето вистинско место кај народот, особено меѓу младите.

Што се однесува, пак, до песната што се пее, „Вечниот Бог“, таа сама по себе на соодветен православен и теолошки исправен начин го објавува Рождеството Христово, а покрај објавата, целта на овие поворки е и повикувањето на верните кон литургиско славење на празникот во храмовите следниот ден.

  1. Како ги оценувате процесите и настаните што се случуваат помеѓу БПЦ-БП и МПЦ-ОА и зошто нашиот Синод побара БПЦ-БП да ѝ биде Црква-Мајка на МПЦ-ОА?

Архимандрит Партениј: Имајќи ја предвид долгата заедничка црковна историја со нашите најблиски браќа Бугарите – најнапред мисијата на светите сесловенски рамноапостоли Кирил и Методиј, личноста на св. рамноап. Борис-Михаил, кој, патем, одиграл клучна улога во реевангелизацијата на голем дел од Балканот и допринел да успее мисијата на светите Кирило-Методиевски ученици и започнатата словенска писменост, Охридската архиепископија, заедничката света Егзархија, која била последната канонска јерархија на територијата на денешна Р. Македонија (1941-45) пред возобновувањето на ОА – сметам дека нашата Црква направи еден навистина многу важен дипломатски и единствено исправен чекор, и од историски, и од црковно-канонски аспект. Зашто, благодарение на Божјата семудра промисла, денес се создадоа поволни општествени околности, кои на нашата Црква ѝ дадоа слобода конечно да го побара своето признавање оттаму од каде што тоа најпрвин треба и да дојде и да им се обрати на оние коишто можат и треба тоа да го направат, за најпосле вистината и правдата да восторжествуваат.

Но за да можеме да го расветлиме нашиот долгогодишен црковен проблем, треба да се вратиме на самите почетоци, непосредно пред создавањето на македонската држава во 1944 година, кога се јавиле и првите никулци на самостоен организиран црковен живот, од кои подоцна израснала обновената Охридска архиепископија, добивајќи, според примерот на другите околни Цркви, и национален предзнак – Македонска православна црква. Членовите на тогашниот Иницијативен комитет за обновата на ОА во лицето на МПЦ, биле клир или верници и приврзаници на светата Бугарска егзархија и во никој случај не сакале враќање на српската црковна јерархија. Така, првата Влада на новата федерална македонска република во рамките на тогашната ФНРЈ, во чиј состав имало многу наши свесни и разбудени родољупци, заклучила дека обновата на Охридската Архиепископија е неминовен и народнопосакуван процес, па затоа и го потпомагала. Едноставно, тогашното македонско духовенство и паства жолчно се бореле и не дозволувале враќање на српската црковна јерархија во Македонија, дотолку повеќе што таа никогаш не им излегувала во пресрет за задоволување на нивните духовни потреби, како што ѝ доликува на една Црква-Мајка, ами само служела како инструмент за србизација. Под закана дека доколку не им се задоволи барањето за ракополагање на домородни владици, ќе побараат висок клир од Бугарската црква, по потекло од Македонија (во тоа време голем дел од свештенството и монаштвото во Бугарија биле родум или по потекло Македонци), нашето свештенство, по повеќе од 20 години родољубива борба, успеало да издејствува во Македонија да биде пратен тогашниот Топлички епископ г. Доситеј, по род Македонец. На Вториот црковно-народен собор во Охрид, 1958 година, свечено била обновена Охридската архиепископија, а за прв нејзин Поглавар бил избран г. Доситеј. На своето заседание во 1959 година, САС на СПЦ донел позитивна одлука дека се согласува со одлуките на Вториот црковно-народен собор, потврдувајќи дека трите епархии во Македонија „се издвоиле во самостојна Македонска православна црква, која се управува според Уставот донесен на тој Собор“. Понатаму се вели дека „со оваа одлука престануваат да важат прописите од уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите на територијата на НР Македонија“, што значи дека самата СПЦ констатирала дека територијата на Македонија повеќе не принадлежи на нејзиното канонско поле. Набрзо потоа биле ракоположени и домородните митрополити Климент и Наум, и конституиран Синодот на МПЦ. Но, за жал, Српската црква продолжила да ја злоупотребува автономијата на Македонската за понатамошно србизирање и негирање, како и за узурпирање на црковната територија. Затоа, во 1967 година, во Охрид на Третиот црковно-народен собор била прогласена автокефалноста на Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. После тој чекор, од страна на Српската црква било прекинато сослужението, а било побарано тоа да го направат и останатите православни Цркви, со едно циркуларно писмо од тогашниот Српски патријарх Герман. Така, Српската црква, во историски контекст, се покажа навистина како една Црква која нема чувство за пастирските потреби на православниот народ во Македонија, туку само нерадо, поради барањето на македонската паства изразено и преку тогашните власти, придонела да се конституира Синодот на обновената ОА во лицето на МПЦ. Па дури и последниве 50 години, нашата егзистенцијална борба за признание на автокефалноста беше потполно игнорирана – просто, како да немаме право да постоиме. За жал, наместо решение, состојбата дополнително се влоши со создавањето на паралелна црковна јерархија, српската експозитура на чело со поранешниот митрополит Повардарски г. Јован Вранишковски.

Затоа, ако погледнеме подлабоко, единствено БПЦ-БП го има правото да се застапува и бори за признание на автокефалноста на нашата црква, со оглед на тоа што таа, според нејзиниот Устав, се јавува како наследничка и на Охридската архиепископија. А штом БПЦ-БП е призната од сите помесни православни Цркви, тоа значи дека сите тие го признаваат и нејзиниот Устав и не смеат да ѝ се мешаат во однос на ова прашање. Фактот, пак, дека БПЦ-БП според својот Устав е наследник и на Трновската патријаршија, како и тоа дека во извесен временски период (речиси два века) Охридската архиепископија и Трновската патријаршија коегзистирале паралелно како две посебни автокефални цркви, ни укажува на тоа дека автокефалноста на МПЦ-ОА не претставува никаков канонски проблем.

  Бидејќи во јавноста се појавија доста полемики за последниве црковни случувања, при што доста неосновано и неуко се манипулираше со терминот Црква-Мајка, би сакал да дадам дополнително објаснување за што, всушност, станува збор. Имено, доколку некоја помесна Црква се одвојува како автокефална, или пак во одреден историски момент била укината, а во друг повторно се обновува, за да влезе во канонско единство со останатите православни Цркви, тогаш кога нејзината Црква-Мајка ќе благоизволи и благослови, ќе треба да ја претстави пред другите помесни Цркви, како и да ѝ издејствува Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Последнава, пак, историски гледано, се јавува како Црква-Мајка на сите Цркви на Балканот – таа така и се нарекува. Во однос на Томосот за автокефалност останува да важи стариот обичај: правото да го даде тој Томос го има Константинополскиот патријарх, со оглед на тоа што на Соборот во Крит не се направи никаква промена на процесот за добивање на автокефалија. Се појавија и такви што манипулираат со предлозите за промена на овој обичај, разгледувани на сеправославното советување во Шамбези, но треба да се знае дека никаков предлог што се однесува на обичајното право за автокефалност не беше усвоен и ратификуван во Крит, што значи дека старата пракса останува во сила.

Значи, формулацијата Црква-Мајка, се однесува на онаа Црква од која обновената црковна јерархија произлегува или под чија јуриздикција се наоѓала. Конкретно во нашиов случај, досега како Црква-Мајка ширум православниот свет, заради еднострано и површно толкување на ова прашање, се водела Српската црква. Исто така, конечно треба да престане споредувањето на нашиот црковен проблем со украинскиот, или со кој било друг во Православието, затоа што тука се работи за сосема засебно прашање. Се разбира, како што веќе образложив, најголемо историско и канонско право, во однос на другите Цркви, да ни биде Црква-Мајка има Бугарската црква.

Средба на комисиите на двете Цркви

Сметам дека Бугарската црква тоа добро го разбира и нејзиниот Свети Синод, возглавен од богомудриот Патријарх Неофит, ќе се потруди, како што и самиот изјави, да направи сѐ што е неопходно за да се исправи историската неправда со Охридската архиепископија. Чекорите што бугарските архиереи досега ги презедоа одат во прилог на тоа. БПЦ-БП навистина се постави како Црква-Мајка, со високо развиено чувство за пастирска грижа за нивните православни браќа во Македонија, во духот на Христовата љубов. За разлика од СПЦ, која веќе 70 години го игнорира нашиот проблем и непастирски се однесува кон македонската паства, БПЦ-БП веднаш по историското писмо од страна на нашиот Свети Синод, формира комисија и ги повика нашите архиереи за заеднички да го договорат понатамошниот тек на процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ-Охридска архиепископија. Самото тоа е показател за нивното големо братољубие и евангелска пожртвуваност.

Добро би било да се разјасни тука и тоа дека МПЦ-ОА, по признавањето на нејзиниот автокефален статус, станува сестра во семејството на сите автокефални помесни православни Цркви. Тоа значи дека таа и БПЦ-БП ќе бидат две рамноправни сестрински православни Цркви во тоа големо семејство, со тоа што свештената благодарност и почитта на МПЦ-ОА кон БПЦ-БП ќе остане вечна и ќе биде уште еден непобитен сведок за нашата историска блискост.

  1. Според Вас кога би можеле да го очекуваме признанието на автокефалноста на МПЦ-ОА?

Архимандрит Партениј: Верувам дека семудриот наш Бог сѐ добро устројува и се грижи за спасението на сечија душа. Погледнете само како по Негова промисла, на нашиот архиепископ Доситеј и тогашните архиереи и целокупното духовенство, им се укажала историската прилика да ја прогласат автокефалноста на возобновената Охридска архиепископија, точно 200 години после нејзиното неканонско укинување од османските власти. Сега, пак, се надеваме дека после илјада години (1018-2018) од нејзиното официјално признавање во времето на византискиот василевс Василиј II и првиот архиепископ Охридски Јован Дебранин, (кој, патем речено, е и ктитор на Свештената Бигорска Обител), ќе се случи и нејзиното прифаќање од останатите помесни православни Цркви, преку мајчинското застапништво на БПЦ-БП. Да се молиме на Бога љубовта и вистината да надвладеат, та да се собереме сите заедно во древната столица на нашата Архиепископија – прекрасниот Соборен храм „Света Софија“ во Охрид, на литургиско единство меѓу Охридскиот архиепископ и Бугарскиот патријарх, а се надевам и на други поглавари и архиереи од останатите помесни православни Цркви.

  1. Дали Ви е познато како на сето ова реагира Синодот на СПЦ?

Архимандрит Партениј: Неодамна, непосредно после нашето барање упатено до БПЦ да се застапи за нас како Мајка Црква, епископот Захумско-херцеговачки г. Григориј самокритично изјави дека не „биле сосредоточени на ова прашање, колку што неговото значење тоа го бара“, изразувајќи подготвеност сѐ да направи за наскоро да дојде до дијалог и идно решение на проблемот. И замислете, зарем тоа не е навистина сериозен проблем – повеќе од два милиони верници (вклучувајќи ја и дијаспората) да бидат одлачени од заедница со Православието?! Па дури беше донесена и одлука на Светиот Синод на СПЦ, а на барање на Синодот на ПОА, според која православните верници од Македонија не можат да се причестуваат со Светите Тајни во другите православни Цркви! Крајно анахроно, инквизиторски и далеку од духот на Христовото братољубие! Значи, со исклучок на споменатава благонадежна изјава, претежно она што на тој план ни доаѓа од Синодот на СПЦ се само опструкции и навреди. Очигледно е дека тие прават некаква деструктивна тајна дипломатија, користејќи ги контактите на пријателска основа со архиереите од другите Цркви, а сѐ со цел да го опструираат чинот на признавањето на МПЦ-ОА, која за нив е само една  расколничка организација. И тоа се прави со години. Еве и последнава изјава на Бачкиот епископ г. Иринеј Буловиќ, кој, сепак, важи за голем и почитуван теолог во Православието, недвосмислено покажува дека во тој поглед кај СПЦ ништо не е сменето. Тој во своето неодамнешно интервју, кое може да се најде на сајтот на СПЦ, почнува да зборува за некакви конспирации и се окупира со апокалиптични размислувања. Така овој наш обид да влеземе во лоното на Православната Црква, според него е сојуз, своевиден заговор, за уништување на Православието. И покрај сѐ, ние немаме ништо против него, како ни против Српската црква, дури и сега, доколку таа покаже добра волја, секоја добра иницијатива од нивна страна ќе биде благонаклоно пречекана од нас. Но таа треба навистина активно да се потруди да направи нешто за најпосле да се залечи оваа долгогодишна рана, а и пред Бога и луѓето да се оправда за повеќето неправди направени кон православниот народ во Македонија и кон МПЦ-ОА, особено со создавањето на паралелната црковна јерархија, која стана причина за уште поголемо заладување на односите и за соблазна и раздор меѓу верниците.

  1. За две години Бигорскиот манастир ќе одбележи голем јубилеј, 1000 години од постоењето. Дали ја подготвивте програмата за оваа прослава и што содржи?
Ктиторот на Бигорската Обител, Архиепископот Охридски Јован Дебранин

Архимандрит Партениј: Бигорскиот Манастир стои пред еден многу значаен јубилеј – илјада години од неговото основање и оваа годишнина нераскинливо е поврзана со првиот Архиепископ на Охридската Архиепископија, Јован Дебарски. Тоа е особена чест и за нас како Обител, но и за целиот македонски народ, бидејќи Бигорски е Манастир во кој илјада години наназад, во континуитет се чува словенската традиција, почнувајќи уште од неговото создавање, во 1020 година, па сѐ до денешни дни. Малку се оние кои можат да се пофалат со толку долго присуство на еден простор. Притоа, не смееме да ја занемариме ни неговата особено важна улога во 19 век, кога во Македонија започнува Преродбата, толку пресудна за нашето опстојување и за нашиот идентитет. Сведоштво за примарната улога што манастирот во тоа време ја одиграл, наоѓаме во сознанието дека познатиот бигорски игумен, архимандрит Арсениј бил духовно поврзан со голем дел од нашите преродбенски дејци како што се: Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, браќата Миладиновци, но и духовен отец на Анатолиј и Партениј Зографски, кои направиле многу за народното будење во тие тешки години на Отоманскиот период, кога и самиот наш опстанок бил доведен во опасност. Значи, нашиот манастир направил многу за народната Преродба, неговото влијание врз текот на тоа движење било многу големо. Од последното писмо што еден наш пријател го пронајде во Народната библиотека во Софија, видовме дека врските на манастирот со Зографското светилиште биле многу подлабоки отколку што се претпоставуваше. Имено таму имало многу игумени кои потекнувале од Бигорскиот манастир, а и многу монаси што биле директно одговорни за одржување на манастирот, па дури и на некои скитови. Така, на пример, и во скитот на манастирот Ксенофонт имало извесен број бигорски монаси.

Значи, ова е голем и не така чест јубилеј и за да можеме најдостојно да го прославиме, потребна е голема помош. Ние веќе започнавме со најразлични активности и иницијативи. Имено, веќе стапивме во контакт со сегашниот министер за култура, го информиравме и ја побаравме неговата соработка на тој план, а и многу наши духовни чеда зедоа активно учество во целокупната организација на настанот, според која предвидено е забрзана обнова на бигорските параклиси и скитови, издавање на значајна стручна литература, спроведување на повеќе научни симпозиуми, од коишто подоцна можеби ќе произлезе и еден обемен зборник. Но тука ќе нагласам дека јубилејот, и покрај својот црковен карактер, треба да се сфати и поддржи и како своевидна државна манифестација, затоа што, вклучувајќи се со свој ангажман во тековните подготовки за прославата, државните институции  во голема мера ќе ги потврдат и промовираат оние вредности кои се од голем национален, културно-историски и државнички интерес, зашто веќе рековме дека овој јубилеј го засега и самиот наш ентитет.

  1. Во 1995 година дојдовте во древното македонско светилиште – Бигорски манастир „Свети   Јован Крстител“ и ја започнавте мисијата за обновување на монаштвото. Запознајте нѐ со  реализираните активности за зголемување на духовноста на верниците, за зачувување на црковното  наследство, како и за обнова и реконструкција на црквите и другите црковни објекти, изградбата на нови?

Архимандрит Партениј: Секогаш и на сите им кажувам дека не јас го избрав Бигорскиот манастир, туку самиот Св. Јован ме избра мене. Доаѓајќи во манастирот во 1995 година затекнав едно запуштено светилиште кое долги години наназад функционираше како културно-историски музеј – запуштени, претежно нефункционални згради, празен и запоставен храм. Почетокот на возобновата на монашкиот живот не беше ни малку лесен, но и покрај сите тешкотии, никогаш не се вртев назад, туку секогаш гледав само напред и се трудев колку што можам да Му послужам на Бога, творејќи, заедно со моите браќа, што повеќе дела во слава Божја. Сега, пак, после повеќе од 20 год, правејќи некаква  ретроспектива, на духовен план, гледам стотици, па и илјадници верници кои се воцрковија токму поради трудот на нашето монашко братство. Ова не го зборувам заради себе, туку за да го истакнам тој пожртвуван труд на браќата, но и на сестрите, коишто денес се населени во три манастири, па и на целото монаштво во нашата Татковина. Сега, знаете, со благослов на Митрополитот Тимотеј, под мое духовно раководство се 4 манастири – Бигорскиот, Рајчичкиот, и уште две монашки сестринства што произлегоа од последниов: Пречистанското и Кнежинското. Затоа ја користам приликата да ги замолам сите духовни чеда, сите верници да се молат за нас, Господ да ни дава сила да продолжиме по тешкиот пат на спасението и на духовната преродба на нашиот народ, да растеме заедно едни покрај други.

За реконструкцијата на Обителта и околните храмови сме зборувале многу пати до сега, и во тој поглед многу е направено, но сега сакам да ја споделам радоста за манастирот во Рајчица, зашто денес таму се случува уште една голема архитектонска преродба. Имено, уште пред неколку години, почнавме да откупуваме објекти и земјиште од непосредната околина и сега, со помош на една наша блиска пријателка и голема православна верничка, а можам слободно да кажам и прекрасна личност, којашто веќе станува генерална ктиторка на манастирот, г-ѓа Елена Пандева, се гради чудесно убав конак во византиски стил, кој ќе биде идно сместувалиште за гости, но и за работилниците за сестрите, бидејќи Рајчица, како манастир-мајка, или расадник за другите женски манастири, е веќе претесен.

Во тој контекст морам да кажам дека сега, во пресрет на илјадагодишнината, од особена важност, не само за Бигорскиот манастир, туку и за целиот овој крај, кој премногу ѝ дал на нашата Татковина во однос на духовното, народното будење, црковната уметност, писменост, е да се создаде еден, таканаречен музеј на сакралното преродбенско творештво. Знаете, крајов изобилува со преубави храмови во кои, за жал, во изминатиот период, се случија ужасни грабежи на иконите, при што многу од нив беа изнесени надвор од Македонија и не знаеме каде денес се наоѓаат. Затоа би сакале дел од иконите што превентивно беа однесени во Митрополијата во Охрид, како и оние привремено сместени во Бигорскиот манастир, да се вратат и да се сместат во овој преродбенски музеј, што за таа цел би се направил во Рајчичкиот манастир, кој во случајот е најпогоден за тоа. Овој предлог, за кого се согласува и нашиот надлежен митрополит г. Тимотеј, е веќе доставен до сегашниот министер за култура. Со тоа иконите ќе си останат таму каде што биле создадени, сведочејќи пред целата светска јавност за нашиот идентитет за духовното богатство на овој прекрасен дебарско-рекански крај, бидејќи двата манастири се доста посетувани од страна на странските туристи.

  1. На самиот крај, каква порака сакате да им испратите на православните верници за празникот Божик?

Архимандрит Партениј: На денот на самото Христово Раѓање ангелите над Витлеем торжествено ја разгласија многу познатата порака до светот: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Современиот човек денес особено копнее по мир, а вистинскиот мир е само оној кој доаѓа од висините. Него на земјата го донесе токму Христос, Кој смирено се роди во Витлеемската пештера. Секогаш кога Нему со смиреност Му пристапуваме, во нашето срце доаѓа тој неискажлив мир. Како и секогаш, така и денес, мирот во светот е најпосакуваното нешто, посакуван е од сите нас. Но за да можеме да го внесеме мирот во светот, најнапред треба ние лично да се потрудиме да го стекнеме внатре, во нашите срца. Затоа на сите Христијани им порачувам да не го празнуваат Божик само формално, со преполнети празнични трпези, атрактивни туристички понуди и хотелски аранжмани, лишени од духовни содржини, туку евхаристиски во храмовите, и со срца преполни љубов кон миротворецот Христос и кон сите луѓе. Да се вслушаме, значи, добро во ангелската божикна песна: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“, да ги врежеме нејзините зборови длабоко во нашето срце и да дејствуваме според нив, славејќи Го Бога и љубејќи ги во мир сите луѓе, без разлика на нивната верска, национална и политичка припадност. Амин.



Информации за медиумот: Дневен весник „Нова Македонија“ (Нова Македонија) — е најстариот дневен весник во Македонија. Основан: 29 октомври 1944