Илјадагодишен континуитет на светост, богоподобие, просветителство и уметност

Интервју со архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир по повод 1000-годишнината од основањето на манастирот


Специјално за „Битолски весник“, Киро Кипроски

Древното македонско светилиште Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ годинава ќе ги одбележи двата големи јубилеја: 1000 години од основањето и 25 години од возобнувањето на монашкото братство, што беше укинато со декрет на државата во 1948 година.

Вечерта на Бадник со промоција на првата книга со беседи „Бог се јави во тело, воскресна во слава” на архимандрит Партениј, игумен на Манастирот, започна одбележувањето на двата јубилеја, кое ќе продолжи низ целата година, а главната прослава ќе се одржи на 18 октомври. Тоа беше повод за интервју со отец Партениј специјално за Битолски весник.

  1. Б.В.: Отец Партениј, запознајте ги читателите на Битолски весник со програмата за одбележување на јубилеите?

Отец Партениј: Практично, целата 2020 година ќе биде посветена на големиот и навистина редок и уникатен по значење јубилеј 1000 години од основањето на Светата Бигорска Обител. Во тој поглед, ние веќе формиравме едно координативно тело, коешто ќе ги организира настаните поврзани со илјадагодишнината. Од планираните проекти би набројале дека веќе се подготвува документарен филм посветен на јубилејот, песна со видеоспот, неколку книжевни изданија, изложба на икони и предмети со духовна и културна вредност од Бигорски во соработка со МАНУ, а се разбира, и една централна прослава во Манастирот, на 18 октомври, со гости од целата Македонија, но и однадвор. Се планира, исто така, и медиумска кампања за подигнување на свеста кај нашата јавност за значењето на јубилејот. Остварувањето на сето ова зависи и од финансиската помош што ја очекуваме како од државата, така и од фирми и поединци што имаат разбирање и добра волја да помогнат.

  1. Б.В.: За Вас што претставува јубилејот?

Отец Партениј: Самата бројка 1000 години означува многу. Кога и еден најобичен предмет, творба на човечки раце, со древност од 1000 години има огромна музејска вредност, тогаш што би можеле да кажеме за една таква институција како што е Бигорски, за еден илјадагодишен континуитет на светост, богоподобие, просветителство и уметност?! Низ сето време на своето постоење Бигорската Обител, закрилувана од патронот, свети Јован Претеча и Крстител, дејствувала мошне благотворно, ги облагородувала нашите простори со духовна светлина и стремеж кон слободата, кон убавото и вечното. Таа произвела многу духовни и народни водачи, непознати Светии, учители, просветители, преродбеници. Затоа, сета историја на Манастирот, неговиот живот, монасите, иконите и животописите, сè што во него било со љубов и жртва творено, сето негово минато и сегашност, говори за еден непроценлив Божји благослов, излеан врз нашиот народ преку оваа сенародна Светиња. Уште од древни времиња, Манастирот верно го чувал духот на православната славјанска традиција, втемелена на овие простори од рамноапостолните наши татковци, светите Климент и Наум. Впрочем, и првиот ктитор и градител на Бигорскиот манастир, првиот Охридски архиепископ Јован, бил родум славјанин од Дебарско. И до денес ова сепочитувано светилиште верно чекори по стапките на основачите на нашата словенска традиција и цивилизацијата на Бигорски има есенцијално значење не само за самата Обител, туку и за целата наша држава и општество.  

  1. Б.В.: Четврт век сте игумен на монашкото братство на Бигорскиот манастир. Направете ретроспектива на постигањата на монаштвото во сите сфери на функционирањето на манастирот од неговото возобновување?

Отец Партениј: Големиот учител на народите, светиот Апостол Павле, на едно место во своите посланија вели: Мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку кого за мене светот е распнат, а и јас за светот (Гал. 6,14). Искрено сакам и го молам Бога, Крстот Негов да биде и моја лична пофалба. А за достигнувањата на нашето братство, ќе ги оставам да зборуваат делата и да прераскажуваат другите. Знам само дека сè што сме постигнале, сме го направиле со Божја помош и за Негова слава.

  1. Б.В.: Кога Ви беше најтешко, а кога бевте најсреќни?

Отец Партениј: Светоотечката теологија на православната црква не учи дека животот на христијаните на земјата е крстовоскресен. Што, всушност, означува тоа? Сите што избрале да го следат Господа Христа, кој е патот, вистината и животот (Јован 14,6), се соочуваат со распетија во животот, но и со предвкус на Воскресението и животот во невечерниот ден. Ние христијаните, кои се уште живееме во нашето земно тело, сме членови на Црквата кој постојано војува со злото од овој свет, за разлика од небесната црква, која е веќе победничка. Следствено, секојдневно се соочуваме со борби, искушенија и крст, но, преку Крстот Христов дојде Воскресението и радоста за целиот свет. Така што, со радоста која тивко, но победоносно зрачи од богопосетената пештера во Витлеем и од празниот Гроб на Голгота, ги победуваме искушенијата и ги надминуваме тешкотиите и токму таа радост треба да биде нашиот главен патоказ по тесниот, но благодатен пат кон Царството на Бога. По Рождественската радост, би рекол само дека искушенијата, колку и да се тешки, брзо се забораваат, така што во моето сеќавање останале само благодатните мигови на Христовото серадосно присуство.


Информации за медиумот: „Битолски весник“ — еден од најстарите весници во Македонија. Излегува еднаш неделно. Основан: 28 април 1964