„Дело“: Ваше Високопреподобие, последните немили случувања во светата Македонска православна Црква повторно го актуелизираа проблемот на единството во високите кругови на нашата црква,а особено во монаштвото. Какво е Вашето мислење за сегашната состојба?
Архимандрит Партениј: Покрај сите жалосни собитија околу односите помеѓу двете помесни православни Цркви, поточно, по нехристијанскиот атак од страна на СПЦ врз нашата света МПЦ, радува фактот дека по сите суштествени и клучни прашања во врска со зачувувањето на авторитетот на нашата Црква – единството во Синодот, а и во монаштвото, освен некои незначителни исклучоци, е запазено. Сите инсинуации за тоа дека неединството произлегува од Синодот се неточни. Со таквите инсинуации тие, всушност, сакаат да ги прикријат своите итри намери, напаѓајќи ги епископите на недоличен начин преку медиумите, наместо своите проблеми да ги решаваат лице во лице со оние на кои им се ветиле на послушание.
„Дело“: Отцепувањето на малата група монаси и припојувањето кон расчинетиот владика Јован, во јавноста се доживеа како удар не само врз МПЦ, туку и кон македонската држава и Македонците воопшто. На што се должи тоа и дали се работи за расколништво, предавство или, пак, станува збор за мегаломански барања и нереализирани суети од страна на одметнатите монаси.
Архимандрит Партениј: Главни личности во оваа мала група монаси што ја споменувате, се тројцата игумени Максим, Давид и Софрониј, за коишто – како човек од македонското монаштвото – ми е жал што морам да кажам дека во последниве неколку години и не покажуваа некаков интерес за соборност и единство со останатото наше монаштво. Тоа го правеа во име на некакво си автентично монаштво, што, веројатно, нивното високоумие си го припишувало само на себе. Но тоа јас, заради љубовта кон нив и во интерес на нашето единство, се трудев да не го забележувам. Би напомнал дека иако лично ги ценам како интелектуалци и доста образовани луѓе, сепак, ни најмалку не ги оправдувам и ги сметам за одговорни за овој подмолен удар на монаштвото, бидејќи со себе повлекоа и други монаси и монахињи. Вториве решија да ги следат само од послушание, но, секако, требаше да се преиспитаат себеси кого следат, бидејќи нивните водачи го погазија својот завет за послушност кон епископот. Нивното одметнување е навистина директен напад врз угледот на нашата древна Охридска Архиепископија, која е обновена во лицето на МПЦ уште во 1967 год. Треба да се знае дека автокефалноста на нашата Црква е една од главните одлики на нашата самобитност. Оттаму, и секој обид за нејзино разнебитување, како што во случајов тоа го прави СПЦ, се смета за директен атак врз нашата држава и врз македонскиот народ. Значи, името Охридска Архиепископија припаѓа само на МПЦ, бидејќи таа како таква е обновена според нејзиниот устав. Така, нашите браќа, доколку навистина ја сакаа Охридската Архиепископија на која до вчера ѝ служеа, требаше да останат во заедница со нас, за сите заедно да се бориме за нејзино прифаќање од останатиот православен свет. Во овој случај, тие застанаа зад интересите на оние, коишто во обидите за разнебитување на МПЦ, почнаа штедро да доделуваат епископски чинови, не барајќи од кандидатите никакви услови.
„Дело“: Сето тоа е тесно поврзано со стандардно невралгичните односи со Српската православна Црква. Поводот е последниот таканаречен Нишки договор, со кој започна поделеноста во високите кругови на МПЦ, а која деновиве резултираше со раскол. Можеше ли да се избегне Нишкиот договор и што ќе се случеше доколку тој и натаму останеше тајна?
Архимандрит Партениј: Сметам дека Нишкиот договор е еден од многуте нацрт-договори кои се правеа последнава деценија, со цел Охридската Архиепископија, односно МПЦ, да биде прифатена од страна на целата православна екумена. Како и секогаш, и во овој случај македонската страна настапуваше во името на љубовта Христова, барајќи го единството со сите. Во последните четири години ваквите преговори добија еден навистина соборен карактер, бидејќи нашата православна Црква стапи во контакт со речиси сите православни архиепископии и патријаршии. Речиси сите од нив го примија нашиот архиепископ во пријателска посета, и сметам дека во Православието провејуваше еден убав дух за разрешување на повеќедеценискиот проблем со нашата Црква. Но за жал, констатацијата од сите беше дека проблемот, сепак, треба да го решаваме со СПЦ, која според нив, е мајка-црква за нас. Со ова јас лично не се согласувам, бидејќи ние имаме богато црковно наследство од Охридската Архиепископија, која била укината од иноверна власт, а сега е веќе обновена, при што Српската и другите православни Цркви требаше тоа само да го прифатат, на ист начин како што се направи со Албанската православна Црква, која, исто така, била укината од безбожната власт. Кога во 1992 год., се исполнија условите за нејзино повторно обновување, таа беше обновена од Вселенската патријаршија и прифатена од сите православни Цркви без никакви приговори. Значи, очигледно е дека проблемот помеѓу двете Цркви е политички, зашто Српската црква е продолжена рака на Српската шовинистичка политика за негирање на постоењето на македонскиот народ и држава.
Нишкиот договор не беше никаква тајна, тоа беше само еден работен договор на двете црковни комисии, по кој требаше да се произнесат Синодите на двете Цркви. Нашиот Синод овој договор го отфрли, при што исклучок беше само поранешниот Повардарски митрополит Јован, кој уште од порано беше познат по својата непослушност кон Синодот и по своите избрзани постапки.
„Дело“: Меѓутоа, во животот ништо тајно не останало тајно. Тоа е горчливата реалност што е зад нас и како резултата на тоа имаме српски егзарх во Македонија. Какво е вашето објаснување за тој очекуван, но многу ригорозен чекор на Српската Црква?
Архимандрит Партениј: Мислам дека таквиот чекор никој не го очекуваше. По неприфаќањето на Нишкиот договор, сите ние сметавме дека СПЦ ќе ја почитува одлуката на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, што би било и природно, бидејќи Синодот е, всушност, единствениот кој би можел да донесе конечна одлука по тоа прашање. Затоа сметавме дека преговорите ќе продолжат сe додека не се дојде до вистинското решение на повеќедеценискиот проблем меѓу двете Цркви. Но, за жал, СПЦ реши арогантно да го игнорира ставот на нашиот Синод, и надвор од сите канони испрати повик до целиот македонски клир, поединечно, за стапување во канонско единство со СПЦ. Ваквиот повик наиде на одѕив единствено кај тогашниот Повардарски митрополит Јован, кој од Синодот беше опоменет да не избрзува со прифаќањето на овој неканонски повик. Но тој, како и секогаш, и овде ја искажа својата непослушност кон Светиот Синод и самоволно, без поддршка од народот и свештенството, прогласи дека стапува во единство со СПЦ. По ваквиот негов чин во епархијата настанаа големи немири, коишто завршија со негово протерување. Синодот, и покрај ова негово самоволно однесување, со кое тој нанесе голема штета на угледот на МПЦ, постапи во духот на христијанската љубов, доделувајќи му манастир каде што би можел да ја преиспита својата одлука. Упорен на патот по кој беше тргал, поранешниот митрополит Јован го игнорираше секој обид на Синодот и големото незадоволство кај народот, поради што беше протеран од манастирот. Сето ова добро му дојде на Синодот на СПЦ, кој, негирајќи ја реалноста на постоењето на МПЦ, многу пати наназад поставуваше српски егзарси и администратори за Македонија. Последен таков администратор и српски егзарх за Македонија сѐ до 1999 година, беше сегашниот патријарх Павле, кој како и неговите претходници, не успеа да ја оствари својата мисија доделена од неговиот Синод. Можност за исполнување на својата цел – потчинување на МПЦ – тој сега гледа токму во одметнатиот епископ Јован.
„Дело“: Сведоци сме дека г-дин Зоран Вранишковски, поранешниот владика на МПЦ, а сега егзарх на СПЦ, е во конфликт со македонската држава и во мигот се води истражна постапка против него. Дали го оправдувате мешањето на државните органи во разрешувањето на проблемите на Црквата?
Архимандрит Партениј: Како што веќе спомнавме, народот на неговата епархија, поточно неговата паства, не го одобри чинот на неговото приклучување кон СПЦ и остро реагираше. Но, впрочем, Јован беше познат по понижувањето и игнорирањето на својата паства. Познато ми е дека тој, откако беше исклучен по своја сопствена волја од МПЦ, неколку пати се обидуваше насилно да влегува во храмовите на МПЦ со цел да богослужи, и со тоа го наруши јавниот ред и мир, заради кое се одговара пред државните власти. Исто така, во неговите пропагандни материјали кои самиот ги печати, тој противуставно се користи со туѓо име, присвојувајќи го името на нашата Охридска Архиепископија, а истовремено го понижува Уставот и го урива авторитетот на МПЦ. Сметам дека она што го прави државата е оправдано, бидејќи кажавме дека проблемот не е само црковен, туку и политички, и претставува директно мешање во внатрешните работи на државата.
„Дело“: Во јавноста сe повеќе отворено се дискутира за жестока пропаганда којашто успеа покрај Зоран Вранишковски да приклучи кон СПЦ и поголема група монаси од МПЦ. Како се случи за толку кратко време монасите да го сменат своето мислење?
Архимандрит Партениј: Кога станува збор за овие монаси, на црковните кругови им е добро познато дека тие неколку пати го променија својот духовник и местото на живеење. Што се однесува, пак, до мислењето за поранешниот митрополит Јован, тие исто така неколку пати го променија својот став, а и тоа ѝ е познато на целата македонска јавност, затоа што своите ставови ги изнесуваа токму преку јавните гласила, не штедејќи го ни малку поранешниот митрополит. Во сеќавање ми е еден напис, во кој остро се напаѓаше Нишкиот договор, а посебно личноста на поранешниот митрополит Јован. Жал ми е што сега не можам дословно да цитирам делови од тој напис, но добро се сеќавам дека во написот беше анализирана личноста на Јован, кој буквално беше наречен шизофреничар и човек достоен за во лудница. Под таквиот напис беше потпишан игуменот Максим, а во фуснота под него, одговорност за написот зедоа и игуменот Давид и Архимандритот Софрониј.
Факт е дека проблеми во Црквата има, но проблемите треба да ги решаваме внатре и сите заедно. Впрочем, во етиката на монахот е да не осудува никого, а камоли целиот епископат и Црквата. Но очигледно се работи за монаси кои ја изгубиле својата монашка етика. Се работи за славољубиви личности, кои по секоја цена сакаат да дојдат до власт во Црквата.
„Дело“: Епископите на МПЦ, господин Петар и господин Тимотеј на оваа проблематика гледаат поинаку. Првиот монаштвото го обвинува за преголема комоција, а вториот има големи забелешки за избрзаното пополнување на монашките редови на МПЦ. Значи има сомненија и забелешки. Каков е вашиот коментар за ова?
Архимандрит Партениј: Не би се согласил дека митрополитот Петар дословно мисли така, можеби тоа го констатирате од некои негови конкретни изјави во медиумите, кои беа упатени кон конкретни манастири, а со кои јас, лично, не се согласувам. Што се однесува до изјавата на Митрополитот Тимотеј, кој е наш надлежен епархиски архиереј, сметам дека во врска со тоа што го изјави за пребрзаното замонашување, во одредени случаи беше во право, бидејќи таква појава во зачетокот на монаштвото навистина постоеше, особено некаде во 1995/96 год., кога се замонашени токму овие монаси, коишто тука многу ги споменуваме. Но, сепак, такви пребрзани замонашувања веќе не се случуваат во ниеден од македонските манастири.
Меѓу архиереите и монаштвото нема никакви сомнежи, конкретно нашиот архиереј е секогаш отворен за разговор со нас и подготвен за решавање на какви било проблеми, доколку се појават. Тоа можам слободно да го кажам за сите архиереи, за кои тврдам дека се отворени кон монаштвото и се монахољубиви, што се покажа многу пати од основањето на монаштвото па до денес.
„Дело“: Да се вратиме сега на најголемиот проблем. На признавањето на автокефалноста на МПЦ. Колку сегашниот статус е „неиздржив“ за високиот клир на нашата Црква и дали менувањето на таа позиција треба да содржи многу компромиси и отстапки?
Архимандрит Партениј: Еден од важните услови за автокефалност на една помесна Црква е волјата на народот и независноста на државата. Овие услови, коишто се очигледни, а и сите други канонски услови, кои се потребни за една автокефална помесна православна Црква, ние ги исполнуваме, и како нова Црква, но уште повеќе како наследници на Охридската Архиепископија. Да зборуваме за славната, древна Охридска Архиепископија, навистина би ни требало многу време. Извесен период од своето постоење таа се повикувала дури и на духовното наследство на Архиепископијата Јустинијана Прима од VI век, иако во историографијата добро се знае дека таков црковен континуитет не би можел да постои, со оглед на тоа што Јустинијана Прима не фатила длабоки корени и престанала да суштествува набрзо по нејзиното формирање. Како точна година за официјално признавање на Охридската Архиепископија се зема 1018та, кога византискиот василевс Василиј II со две царски моливдовули ја потврдил нејзината јерархија и диезеца. Таа продолжила да постои сѐ до 1767 год., кога е насилно укината од тогашната иноверна власт. Историјата на Охридската Архиепископија е добро позната на сиот православен свет, и една добра работа во сета оваа жалост за македонскиот народ е тоа што конечно Србите и Грците признаа дека токму ние имаме право на духовното наследство од Охридската Архиепископија, нешто што до вчера не ни го признаваа. Се сеќавам на разговорите во нашиот манастир во 1999 год., кога Србите не сакаа ниту да слушнат за тоа дека ние сме обновена Охридска Архиепископија, сметајќи ја неа за исклучително грчко и бугарско наследство и инсистираа дека можеме да се викаме единствено МПЦ, но поради името не би можеле да бидеме признати од грчкиот блок на Цркви. Следејќи ги сите преговори, Србите целото време се служеа со нехристијански демагогии, само за некако да ја изиграат македонската страна која, како што веќе напомнавме, постојано настапуваше отворено и со христијанска љубов. Но, благодарни на Бога и на молитвеното застапништво на св. Климент Охридски, Србите и Грците конечно признаа дека нам ни припаѓа наследството на Охридската Архиепископија.
По укинувањето на нашата народна Црква – Охридската Архиепископија, откако народот западнал во духовно и световно ропство, тој многупати преку своето домородно свештенство се обидувал да ја обнови својата Црква. Но сите тие обиди, за жал, биле попречувани, бидејќи македонскиот народ немал своја држава. Тоа се случи дури во 1967 год., во претходно создадената НРМ, на чија територија домородното свештенство и народот не сакал да ги прими тројцата српски епископи, коишто ја напуштиле Македонија заедно со српската војска во 1941 год. Познати се обидите на српскиот Скопски митрополит Јосиф, кој неколку пати се обидувал преку федералната југословенска власт да се врати во митрополијата во Скопје, но во тоа бил попречуван токму од домородното свештенство и верниот македонски народ. Тоа значи дека волјата на свештенството и народот во Македонија била да има своја сопствена автокефална Црква, и тоа со Божја помош беше сторено. Знаеме дека од страна на СПЦ беше дадена широка автономија, по што од нејзина страна следеше одлука дека нејзиниот Устав веќе не важи на територијата на Р. Македонија. Ваквата автономија, по волја на Србите, не беше никаде меѓународно признаена, а Српскиот патријарх никогаш не ја претставуваше нашата Црква пред другите помесни Цркви, туку цело време се настојуваше да се наметнува српското влијание, особено во дијаспората.
Уште еднаш ќе нагласам дека прогласувањето на автокефалноста во 1967 год., беше единствен избор на македонскиот православен народ, свештенството и преподобното монаштво. Длабока навреда за народот и за свештенството е тоа што го тврди поранешниот митрополит Јован, дека МПЦ е измислена комунистичка Црква. Обновувачите на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, од кои поголемиот дел се преминати во небесната татковина, биле длабоко побожни луѓе, докажани патриоти, бидејќи и самите биле учесници во борбата за ослободување на македонскиот народ, а самиот возглавител на возобновената Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, бил една добродетелна личност, доста позната во православните кругови и кај другите сестрински Цркви, исклучително добар монах, многу почитуван и во СПЦ, награден со епископски чин – викар на Српскиот патријарх.
Прогласувањето на Автокефалноста било пречекано со солзи радосници од страна на македонскиот народ, поздравено со празнично биење на камбаните по сите македонски храмови и прославено со богослужби на народен јазик. Сега сето ова, некои кои вчера дошле во Црквата сакаат да го погазат. Тоа е крајно непочитување на сопствената историја, дрско газење по коските и гробовите на нашите доблесни архиереи, свештеници и монаси, кои сметале дека го исполниле долгот кон многуте генерации пред нив. Ваквиот нивен однос е страшен грев против Христа и нашите предци, и Бог нека им прости.
„Дело“: Во состојбата таква каква што е, какви се релациите на нашата Црква со другите православни Цркви?
Архимандрит Партениј: Кога станува збор за релациите со останатите православни Цркви, би рекол дека последнава деценија тие одат по нагорна линија. Многубројни се нашите контакти со духовници од Света Гора, Грција, Бугарија, а посебно би ги истакнал контактите со клирот од Романската православна Црква, со кои многупати сослужувале наши архиереи во Романија, што де факто значи признавање на автокефалноста. И во нашиот манастир зачестија посетите на Романски свештеници со кои дури и сослужуваме. Сепак, овие релации не се на ниво на кое би требало да бидат, бидејќи сѐ уште не сме прифатени како автокефални.
„Дело“: Се зборува за востоличување на нови епископи во МПЦ. Дали новите владици ќе бидат насочени кон надминување на затегнатоста?
Архимандрит Партениј: Сметам дека имаме достојни кандидати од редовите на монаштвото, кои одговорно ќе ја понесат тежината на епископскиот чин. За почеток би требало да се пополнат празните епархии, а добро би било и постоечките големи епархии да се поделат на повеќе епископи. Со тоа епископите повеќе би се доближиле до народот, а духовно и административно подобро би ги организирале епархиите. За крај би сакал да испратам порака до македонскиот народ, сите заедно, имајќи ја Божјата помош и молитвите на св. Климент, да истраеме во зачувувањето на автокефалноста, историјата и авторитетот на нашата МПЦ.
Разговарал: Братислав Ташковски