Најголемиот предизвик за монаштвото: Eвангелизацијата на народот

Билјана Бејкова: Вие сте еден од востановителите на монаштвото во Македонската православна црква. Дали тој процес на негово востановување е заокружен и кои се предизвиците, воопшто, со кои се соочуваат македонските монаси?

Архимандрит Партениј: Низ историјата на нашиот народ монаштвото одиграло многу значајна улога за нашето опстојување низ вековите. Навистина, и самото наше историско постоење како етнос најмногу се должи на монаштвото, а да не зборуваме за духовното издигнување на народот и неговото општо спасение.  Но, за жал, во времето на атеизмот, кога голем дел од нашиот народ, заблуден од идејата на комунизмот, стана бунтовник против својата мајка – Црква, монаштвото доживеа голема криза, така што слободно може да се каже дека општежителното монаштво наполно исчезна. Но, кој е голем како нашиот Бог, Он е Бог што прави чудеса. Он може од камењата да направи чеда на Авраама (сп.Мт.3,9) и Он благоизволи во последниве години повторно да биде востановено општежителното монаштво. По Божја промисла јас сум монах од самиот почеток на тој процес на востановување. Најголемата заслуга за ова јас би му ја припишал на митрополитот струмички г.Наум, кој во подолг период беше жител на Света Гора, а подоцна тоа ни го овозможи мене и на о.Климент, а кои, пак, станавме први игумени на општежителни манастири. Сметам дека монаштвото е поставено на добри темели, бидејќи се базира на опитот на исихастичкото атонско монаштво. Во самата природа на монаштвото е тоа постојано да се усовршува, бидејќи ни е дадена најголемата мерка “Но, бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт.5,48). Најголем предизвик на нашето монаштво е евангелизацијата, односно воцрковувањето на нашиот народ. Мислам дека нашето младо монаштво досега тоа успешно го прави, бидејќи многу наши верници почнаа литургиски да живеат токму преку манастирите, а тоа посебно се однесува на младите луѓе кои вистински почнаа да ја сфаќаат смислата на Христовата Црква во светот и тоа да го пренесуваат на своите блиски. 

Билјана Бејкова: Во изминатите неколку месеци македонската јавност своето внимание го фокусираше токму кон монаштвото. Мислењата се многу поделени, чувствата уште повеќе. Оттаму, според Вас, колку во Македонија постои вистинско разбирање на монаштвото и неговото значење и што би требало да се направи за во иднина да нема скандали и афери за него и околу него?

Архимандрит Партениј: Монаштвото единствено може да се почувствува и вистински да се разбере внатре во Црквата. А да бидеш внатре во Црквата значи да живееш литургиски живот и целиот свет да го гледаш преку светата литургија, сеќавајќи се на сето она што Господ го направи за нас: крстот, гробот, тридневното воскресение и вознесението на Небесата. Значи, принесувајќи се самите себе и сѐ околу нас на Бога, бидејќи монахот внатре во Црквата ја открива тајната на својата личност преку крстот и воскресението Христово, стремејќи се кон совршенство. Така надвор од Црквата е многу тешко или невозможно да се разбере суштината на монаштвото. За жал, на сите ни е позната духовната состојба на поголемиот дел од нашиот народ, кои се задоволиле со тоа само да бидат крстени во црквата и традиционално да го носат името православни христијани, не трудејќи се навистина да станат тоа. За таквите номинални христијани, монаштвото е “тврда храна” (Евр.5,14), како што вели св.апостол Павле. И така таквите “христијани”, заедно со атеистите (безбожниците), кружејќи околу возвишената суштина на монаштвото и бидејќи се неспособни да навлезат во неа, поради нивната замраченост и острастеност, а онакви какви што сме така гледаме и на другите, настануваат разните скандали и афери.

Билјана Бејкова: Дали личните искуства можат да помогнат во разбирањето и целосното прифаќање на монаштвото?

Архимандрит Партениј: Тука повторно би го нагласил претходно кажаното, дека е многу важно нашето вистинско живеење како православни христијани, влегувајќи во Црквата преку покајание и усовршувајќи се литургиски. Бидејќи целта на сите нас е нашето сапасение, без разлика дали тоа ќе го остариме преку монаштвото или преку бракот. Преку овие два пата кои се засновани во Светото писмо и кои се живеат во Црквата, луѓето во Црквата се спасуваат и осветуваат, што значи дека православен христијанин кој се определил да се спасува во Црквата преку бракот во никој случај не би го отфрлил монаштвото, туку би го прегрнал со сето свое срце и душа, бидејќи тоа го поттикнува со поголема ревност да му служи на Бога. На крај, умносрдечната молитва на монахот помага во спасението на сите луѓе.

Билјана Бејкова: Како, на пример, Вие станавте монах и какви искуства носите од искушеничкиот период на Света Гора? 

Архимандрит Партениј: Позивот да му служам на Бога го чувствував уште од најрана возраст. Првата можност да одговорам на овој позив беше Македонската православна богословија каде што со голема љубов се запишав да ја изучувам божествената наука. Но, чувствувам бескрајна благодарност спрема Бога и Мајката Божја што извесен период од мојот живот во Црквата, секако претходно определувајќи се за монаштвото, го поминав во Градината на Пресветата Мајка Богородица, и живеев помеѓу оние духовни цветови, кои преку молитвата осветени со несотворената Божја благодат од нивните срца точат благодатен и духовен мирис низ целото православие. Тој опит, таа жива средба со автентичното исихастичко монаштво, ми овозможи да можам да го живеам монаштвото, бидејќи монаштвото не може да се научи од книгата, преку ерудитски методи, туку единствено да се прими како начин на живеење преку опитот на отците, кои непрекинато го наследувале низ вековите токму на Света Гора, бидејќи таа е вруток на исихастичкото живеење. Атонска Света Гора е новиот Тавор којшто ни светли со вистинското предание на православното живеење. Таа е светилото за коешто зборува Господ во Евангелието, поставено на свеќник и им свети на сите (сп.Мт.5,15). Еден познат архитект, кој го посети Атос, прашан за архитектурата на светогорските манастири, рече дека нема зборови што би ја опишале прекрасната архитектура инспирирана од православната традиција, туку тоа треба да се види, додека, пак, јас беден со зборови чувствувам дека не можам да ја искажам големината на оваа земна, но Небесна држава на ангели во тело и ќе речам дека тоа, сепак, треба да се живее! 

Билјана Бејкова: Вашиот манастир ”Свети Јован Бигорски” се наоѓа во таканаречениот кризен регион на државава. Дали изминативе неколку месеци беа навистина кризни за Вас и за Вашите монаси? И, воопшто, дали актуелната политичко-безбедносна ситуација влијаеше и влијае врз монашкиот живот во манастирот?

Архимандрит Партениј: За да ги објаснам овие моменти треба да напоменам дека во изминатиот период од 7 години, односно од моето доаѓање во Бигорскиот манастир се воспоставени одлични односи на релација месно население – монаштво. Така, покрај православните, стекнавме пријатели и муслимани – Македонци, Турци и Албанци од целиот крај. Кога дојдоа тие кризни моменти за државава, односите воопшто не се нарушија, туку се продлабочија уште повеќе. Во моментите по палењето на Лешочкиот манастир, кога шансите ние да бидеме следни беа огромни, навистина имаше трогателен настан кога еден Албанец од Дебар се понуди да ни помогне со цело свое семејство во секој поглед, па и во заедничка одбрана на манастирот. Ете така поминаа тие кризни моменти, со целосна свест на локалното население дека некој сака да го искористи фактот дека тие се муслимани и со самото тоа наши непријатели и обратно. Кризата се чувствуваше преку слабата посетеност, дури и никаква, на манастирот од верници од другите региони што, секако, се одрази и на економската страна. Другото влијание беше позитивно, односно во сето ова го видовме Божјиот прст кој ни посочи дека се оддалечуваме од Неговата волја и дека терористите се користени како негов камшик и, секако, тоа влијаеше на зголемувањето на молитвеното правило, трудејќи се да ги разбереме зборовите на св.ап.Павле кога вели “смртта за Христа, за мене е придобивка”, бидејќи монахот треба секојдневно да биде подготвен за мачеништво. Господ им даде сила на сите мои браќа и сестри кои ниту за момент не се поколебаа, ниту, пак, помислија за напуштање на манастирот, знаејќи дека самиот чин на напуштање на оваа наша вековна татковска светиња е подобно на духовна смрт.

Билјана Бејкова: Оние кои го посетиле манастирот се свидетели на фактот дека е тој обновен и убаво среден. Вие сте познат како монах кој се грижи за ”благолепието”, односно естетиката во црквите и манастирите. Зошто е тоа важно и како се постигнува?

Архимандрит Партениј: Грижата за естетиката се должи на мојата љубов спрема убавината и уреденоста на Божјиот дом што отсекогаш ја чувствував во мене, а таква уреденост и убавина до совршеност видов во храмовите на светогорските манастири. Мојата желба беше тоа да го пренесам и овде, во Бигорскиот манастир, кој низ историјата е познат по своето благолепие, а сега и во востановениот метох св.Георгиј Победоносец. Дека е тоа важно ни говори и псалмопејачот кој вели: “Господи, го возљубив благолепието на твојот дом” (Псал.25,8). Свети Јован Златоуст, пак, во една своја беседа, оние кои се соблазнуваат од украсеноста на храмот и богослужбените одежди ги споредува со Јуда и неговите придружници, кои се соблазнаа од жената која го изли скапоценото миро врз главата и нозете Христови. Гледајќи ги нашите стари храмови, за нашиот народ можеме да кажеме дека навистина ја засакал убавината на Домот божји, бидејќи во нашите градови и села најубавото нешто биле храмовите.

Билјана Бејкова: Манастирот во с. Рајчица од неодамна е обновен. Дали во него сега се одвива монашки живот?

Архимандрит Партениј: Нашата желба да се обнови метохот се појави со самото доаѓање во Бигорски. Обновувањето се покажа дека, пред сѐ, е Божја волја, бидејќи сето тоа заврши за околу 15 месеци работа. Денес во манастирот имаме неколку искушенички, дневниот богослужбен циклус се извршува целосно и исто така, се служи секојдневна Божествена литургија. Во периодот на обновувањето, при нашите доаѓања во Дебар, стекнавме многу пријатели на манастирот и слично на Бигорски и овде кризните месеци поминаа со секојдневни посети на дебарчани. Не треба да се заборави фактот што ова подрачје е едно од покритичните, нешто што не влијае на нас лично, негативно влијае на доаѓањето на сите сестри кои имаа желба да живеат овде, како и на сите поклоници.

Билјана Бејкова: МПЦ го почна процесот на денационализација на дел од одземениот имот. Како на ова поле стојат работите кога станува збор за манастирот ”Св. Јован Бигорски”. До каде е постапката и колкав имот побарувате?

Архимандрит Партениј: Најнапред треба да се каже дека чекорот што беше направен со донесувањето нов Закон за денационализација, во кој беше вклучена МПЦ и другите верски заедници, беше нешто со кое се исправи неправдата, односно намерното исклучување од овој процес на МПЦ, како што предвидуваше стариот закон. Иако правно и теоретски е сѐ в ред, на терен, во практиката, работите стојат сосема поинаку. Станува збор за тоа што во изминативе 40-ина години во “Бигорски” немало живо монаштво кое би ги прибележувало одземените имоти и би ги чувало документите кои сега се неопходни за реализација на побарувањата. Така, моментално сме во потрага по документи за одземен имот на местото од сегашното вештачко езеро Шпилје, за имотот што се наоѓал во Скопје на местото околу Стоковна куќа “Мост” и други помали површини. Во тек на решавање се предметите за одземени пасишта во големина од 38 ха., и овоштарници во сегашниот центар на Гостивар, каде што има изградено основно училиште и неколку дуќани. Надвор од прашањето како констатација добро е што имотите на нашите метоси “Свети Георгиј Победоносец” во с.Рајчица, Дебар и “Свети Јован Претеча” во с.Небрегово, Прилеп, не се одземени, а спорно е што се случува со маслиновите насади во Елбасан, Албанија.
 

Билјана Бејкова: Вашиот манастир живее и е исклучително активен. Од каде ги црпите основните средства за опстанок. Дали од туризмот, од земјоделството, од шивачката работилница, од Заводот за заштита на културните споменици и сл.?

Архимандрит Партениј: Му благодариме на Бога за помошта која катадневно ни ја испраќа во манастирот за да имаме сила за обврските поврзани со богослужбите  и послушанијата. Основна наша помош се даренијата на гостите кои доаѓаат во манастирот, некои од нив се заинтересирани и за поголема помош, па во согласност со своите дејанија даваат поголеми дарови кои се од корист за манастирот. Ако поклоничките доаѓања на верниците во манастирот ги сметате за туризам – да, од туризам. РЗЗСК преку Министерството за култура реагираше за промена на покривот на конаците и отворање манастирска ризница која би била прва од постојан карактер на поширок простор, но двете идеи се половично завршени, односно е препокриен половина конак, а женската трпезарија каде што требаше да стојат реликвиите е подготвена, освен што недостасува климатизацијата и потпирачите за иконите и за другите предмети. Иконите целосно се реставрирани пред три години, за што е потрошена поголема сума пари и ако за скоро не се вратат кај нас, ќе мора да се врши нова реставрација, поради промена на микроклимата, што ќе значи дополнително трошење пари, а кое, всушност, е приближно истата сума потребна за да биде отворена манастирската ризница. Што се однесува на земјоделството, тоа засега не ги покрива ни нашите основни потреби, а исто така и шивачката работилница ја користиме за наши потреби. Но, овде треба да се спомне дека единствено во нашиот манастир изработуваме митри (круни) за нашите митрополити и за нас претставува особена чест што повеќето митри кои ги носат митрополитите се изработени во нашата шивачка работилница. Имено, имаме изработено митри за нашиот митрополит г.Тимотеј, г.Стефан, г.Наум, г.Петар и г.Агатангел.

Билјана Бејкова: Вие како архимандрит сте на кандидатурската листа за иден архијереј, член на Светиот синод на МПЦ. Дали веќе имате визија за Вашата идна архијерејска мисија, односно кои се клучните прашања (и проблеми) со кои би се соочиле и би ги иницирале како црковен великодостоинственик?

Архимандрит Партениј: Постоењето на таква листа е нешто кое досега беше непознато за мене. Моја единствена визија, односно мотив да се замонашам беше моето лично спасение и љубовта спрема целиот свет и спасението на сите луѓе. Господ Исус Христос рекол: “Немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло” (Мт.6,34). Моето место во Црквата сега е архимандрит и игумен на две живи свештени обители и многу духовни чеда на кои им помагам со моето скромно духовно знаење, а и тие мене со нивните молитви.

Билјана Бејкова: За време на изборите бевте виден на неколку митинзи на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, во Прилеп, во Ресен. Дали близината со одделни политички партии може и смее да ѝ биде иманентна на Црквата?

Архимандрит Партениј: Вистината е дека бев само на еден митинг, и тоа во Битола. Без да дадам какви било оправдувања, би ја искористил оваа можност за да побарам прошка од сите оние верници кои се соблазнија од таа глетка. Но, за да биде јавноста подобро запознаена, би кажал дека моето присуство таму не се должеше на некои ветувања од типот на власт, пари или разни привилегии. Тоа беше еден потег на кој му претходеа разни навестувања за подобро утре на нашата татковина, па и во целина за нашата Црква. Сега се гледа дека тоа биле само претпоставки и добри намери на некои поединци кои на еден начин ме инволвираа и мене во тие процеси. Во разговори со секој од нив одделно, согледуваме дека тоа, сепак, беше погрешен чекор, бидејќи се појави разделеност на верници, наместо нивно обединување и поголем напредок. Што се однесува до вториот дел од прашањето, тука работите се многу јасни: името партија само по себе означува дека станува збор за парт – дел од една целина (на пример Грците викаат комата – коматче, парче), додека Црквата е таа што ја дава целината, односно како што вели Символот на верата: една Света, соборна, апостолска и Вселенска црква. Значи, во самото обраќање до Црквата веќе го имаме и одговорот. А, во однос на близината: Црквата има право и обврска да работи на спасението на сите, а посебно на оние кои тоа го бараат, без разлика дали се тие припадници на една или друга политичка партија. Моја голема желба, а верувам и на многу други, е партиите да се обединети барем преку Црквата, бидејќи таа им е заедничка, но поради острастеноста на дел од луѓето во партиите не можат да се обединат дури ни во Црквата.

Билјана Бејкова: Иако можеби не директно, сепак, во неколку наврати бевте вклучени во разговорите со Српската православна црква околу признавањето на МПЦ. Дали е можно и реално скорешно поместување на сегашната статус кво ситуација?

Архимандрит Партениј: Според виденото и сознанијата кои ги имам, СПЦ има заземено цврст став во однос на признавањето, односно непризнавањето на нашата помесна Црква. На моменти се гледа дека се свесни за тоа дека нивниот став е погрешен, но потоа тие продолжуваат со старите барања. Проблемот на етнофилетизмот станува сѐ посериозен во светлината на овие настани, односно немањето способност и храброст да се признае вистината и да се смират пред фактите дека ние сме имале и дека сега, повеќе од 30 години, повторно имаме автокефална помесна Црква. Божјата промисла е скриена за нашите очи и ние не знаеме зошто ни се случува ова, но треба да знаеме дека е потребно преку нашето молитвено покајание да испросиме од Бога најнапред просветлување на нашите умови и отворање на нашите духовни очи, а потоа да го побараме тоа и за нашите браќа во Христа од СПЦ. Само така овој проблем ќе се надмине и со Божји благослов ќе продолжиме да работиме на единството помеѓу нас овде во нашата помесна Црква, а истовремено и на единството помеѓу сите православни низ целиот свет.

Билјана Бејкова: Трипартитната средба во Цариград неодамна беше актуелизирана, па засега повторно да биде одложена. Дали причината треба да се гледа во ригидниот став на СПЦ или, пак, во нерешителноста на вселенскиот патријарх?

Архимандрит Партениј: Сметам дека не сум компетентен да одоговорам на ова прашање, бидејќи немам доволно сознанија, но, сепак, главните причини се повторно етнофилетизмот и политиката.

Билјана Бејкова: Она по што, исто така, сте познат и ценет во редовите на монаштвото е Вашето познавање на византиското црковно пеење. Кои се спецификите на ова источно пеење и дали тоа полека, но сигурно, се враќа во македонските храмови?

Архимандрит Партениј: Следејќи ги темите во Вашата периодика, ме воодушеви тоа што посебно се истакнува потребата и значението на византиското или источно-православното пеење од страна на господин Јане Коџабашија. Спецификите тој веќе мајсторски ги има истакнато, освен тоа дека сѐ што е предание на Црквата е преку Светиот Дух и затоа тоа како дел од преданието е богооткриено и избрано за прославување на Бога. Впечаток е дека тоа е веќе вратено во сите манастири, додека во градските храмови се враќа многу бавно, претежно преку нашите духовни чеда.

Информации за медиумот: „Премин“ – периодична публикација на Струмичката епархија која излегува неколку пати во годината.