Некои моменти од нашата црковна историја

Господ Исус Христос: Патот, Вистината и Животот

Во интервјуто за интернет порталот „Поглед.мк“ од 8 ноември 2017 година, бигорскиот Старец и игумен, архимандрит Партениј, говорејќи за вистината, меѓу другото, кажа дека „треба да се запрашаме, и како поединци и како народ, дали дејствително ја бараме вистината или, пак, на неа гледаме само философски, како на некаква апстракција, релативизирајќи ја и исклучувајќи Го Бога“. Во истото интервју о. Партениј потсети дека „вистината е патот по којшто секогаш треба да одиме, и како поединци, но и како народ; таа е и една прекрасна добродетел што треба секој од нас да ја негува“. Притоа, Старецот предупреди дека таа „никогаш не е добро да се прикрива, или извртува, зашто, според една наша стара поговорка, вистината секогаш излегува на виделина“. И не само што излегува, туку таа има моќ да ги преобразува личностите и општествата, да ги восовршува, да ги ослободува. Ќе ја познаете Вистината, и Вистината ќе ве ослободи – вели Ослободителот на човечките души од ропството на гревот, злото и смртта, нашиот Спасител Господ Исус Христос (Јован 8,32). Во овој контекст го цитираме и големиот руски философ, Николај Бердјаев, кој не ја определува слободата како „задоволство, леснотија и насладување“, туку на неа гледа како на „бреме, тежина и страдание“. Според него „во животот на човекот неопходно е да настапи време кога тој ќе го земе врз себе тоа бреме, тежина и страдание, за да би можел да влезе во возраста на духовната зрелост… Етиката на слободата е сурова и бара хероизам“. Реченово се однесува не само на индивидуата, туку и на поширокото општество како еден макроорганизам. Во овој контекст, за жал, македонското општество и Македонецот како поединец, сѐ уште не се ни блиску до полнотата на духовната зрелост на слобода, а им недостасува, веројатно, и соодветна храброст. Тој недостиг се пројавува особено на полето на непознавањето на сопственото битие, словесност, историја… А без познание нема ни вистина; затоа Христос вели спознајте ја Вистината, бидејќи познанието и вистината во подлабока смисла се синоними.

Притоа, ако сакаме да сме чесни „пред себе и пред Бога“, тогаш мораме да си признаеме дека изминатиов период, преку јавните гласила и социјалните мрежи, бевме сведоци на широка манифестација на едно големо непознавање на нашата политичка и културна, а пред сѐ, на нашата црковната историја. Немам намера, а ни повиканост овде да ги разгледувам сите тие изблици на незнание, или злонамерно искривување на одредени историски факти и процеси. Единствено што би сакал во оваа прилика е да дадам еден скромен и мошне краток преглед на црковните состојби и историски процеси сред православното словенско население од Македонија, во периодот од укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 г., па сѐ до нејзиното востановување во лицето на Македонската православна црква, со посебен нагласок на некои личности од времето на Преродбата. А тоа го правам како еден благодарствен одговор на љубезната покана од редакцијата на порталот „Поглед.мк“.

Не верувам дека постои нешто друго, толку нераскинливо сврзано со душата на македонскиот народ, со нејзиното внатрешно битие, со животното срцебиење на Македонецот, како што е тоа неговото црковно свештеноначалие – Охридската архиепископија. Најголемото име од областа на изучувањето на Архиепископијата, академик Иван Снегаров, родум од Охрид, во предговорот на вториот том од неговото капитално дело „История на Охридската архиепископия – патриаршия“ (1932), пишува:

Академик Иван Снегаров

„Историјата на Охридската црква е историја на осумвековната духовна независност, би рекол, на духовна сувереност на Македонија. Политичката власт во таа земја била турска, но духовната ѝ принадлежела на самата неа, во лицето на нејзината народна Црква, која го опфаќала поголемиот дел од таа земја и чијашто паства составувала грамадно мнозинство во неа, како и денес. Охридската архиепископија-патријаршија имала законодавна, извршна и судско-граѓанска власт. Таа имала морален авторитет, пред кој се приклонувале (со ретки исклучоци) сите нејзини членови, зашто тие верувале дека таа е патот кој ги води кон земна благосостојба и кон најважното – небесното идеално суштествување… Автономниот дух на Македонија не е нов, а е рожба на нејзиниот историски живот. Тој бил развиван од автокефалната Охридска црква. Историјата на последната нѐ уверува: 1) дека Македонија има право и е слободна и за политичка самостојност, така како што можела да функционира 8 века како независна духовна организација; 2) дека, како што во старо време била основа за духовно обединување на балканските народи, така и сега таа може да се преобрати од јаболко на меѓубалкански раздори, во алка на општо-балканското братство“.

Разбирлива е неизмерната тага на православната паства од Македонија, што уследила после неканонското укинување на нејзината возљубена Архиепископија. Подоцна, таа сенародна скрб нашла свој елегиски израз во поемата „Песна за Патрикот“, објавена од Григор Прличев, а според некои – составена од неговата современичка и пријателка, монахињата Касијана (Деспина Депа Каваева) од Охрид. И навистина, со укинувањето на Охридската архиепископија (а и претходно со грцизирањето на нејзината повисока јерархија), меѓу другото се губеле и надежите на словенското население дека неговото слово ќе преживее. Епархиите на укинатата Архиепископија потпаднале под власта на Цариградската патријаршија, којашто, пак, насекаде задолжително ја налагала употребата на грчкиот јазик како на богослужбите во храмовите, така и во црковните и народни училишта. На тој начин, славјанскиот народ во Македонија се нашол под двојно ропство –  политичко, под власта на теократската Османлиска држава и духовно, под власта на грчкото духовенство на Цариградската патријаршија. Се чинело како светото Кирило-Методиевско наследство сосема да пропаднало и тоа токму во нивната татковина; како Бог да го заборавил народот на светите Климент и Наум… Но, сепак, не било така. Имено тогаш кога славјанското слово на Балканот било свенато под жегата на двојното иго, навидум потонато во гробен молк – токму тогаш од Светата Гора Атонска, од манастирот Хилендар, загрмел македонскиот монах Паисиј, роден некаде во Банско. Во својата револуционерна „История славеноболгарская“, пишувана во 1762 година, на црковнословенски јазик со изразени примеси на северномакедонско говорно наречје, со нескршлива надеж тој извикува: „Прекрасни се пресудите на Бога, неиспитлива е бездната на Неговите совети за управлението на овој свет и за промислата, со којашто ги управува царствата на овој свет… Понекогаш ни се чини како да не се грижи за нас, како да нѐ пренебрегнал со бескраен заборав, но не е така…“

Насловната страница од „Страшното и Второ Христово доаѓање“ од о. Јоаким Крчовски

И несомнено не е така. Паисиевата „Историја“ била силна пробуда и други црковни дејци од Македонија да се зафатат со црковно-народното просветно дело и ширењето на словенското писмено наследство. Така, македонскиот свештеник роден од Кичево, Хаџи Јоаким Крчовски, е првиот кој во книжевноста го воведува говорниот јазик. Во 1814 година, во Будим, тој го печати првенецот во современата македонска книжнина, со следново заглавие: „Повѣстъ ради страшнаго втораго пришествия Хрïстова собранная ωт различныхъ святыхъ писанияхъ и приведенна на простѣiшій языкъ Болгарский, ползованiя ради простѣйшихъ человѣковъ й некнижнихъ“.

Неразделниот соподвижник во народното дело на Хаџи Јоакима, јеромонахот Кирил Пејчинович Тетоец, две години подоцна, во 1816 година, исто така во Будим, го печати блескавото „Огледало“, на својот мајчин тетовски говор, со следниов воведен опис: „Книга сія зовомая Ѡгледало ωписа ся ради потребы и ползованія препростѣйшымъ и не книжнымъ іазыкомъ Болгарскимъ долнія Міссіи, многогрѣшнымъ во іеромонасѣхъ… Кириллъ тетоецъ Пейчиновичъ“.

Друг еден монах, архимандритот Теодосиј Синајски, родум од Дојран, во 1838 година, во Солун ја отвора првата славјанска печатница во Македонија. Меѓу четирите книги отпечатени таму, била и „Утешенïе грѣшнымъ“ на отец Кирил Пејчинович.

Во тоа време, со својата неуморна народно-просветна дејност како сонце блеснува и македонскиот монах Неофит, подоцнежниот игумен Рилски. Како и преподобниот Паисиј Хилендарски, тој бил роден во едно село во Банско (Разлошко). Незаборавно е неговото учителско дело, а незаборавни се и неговите зборови, упатени до народните водачи: „Градете првин училишта, а сетне цркви и манастири… Зашто при нужда, можеме да се помолиме на Бога и на полето и во пустината и на секое друго место, додека, пак, образованието не може да биде дадено ниту во гората, ниту во пустината, а само во училиште“. „Дури и најцивилизираните народи“ – пишува за Неофита ресенчанецот Симеон Радев – „би се восхитиле од еден таков религиозен мислител, способен да ги напише горните редови“. Би го додал и тоа дека о. Неофит Рилски го прави првиот превод на Новиот Завет на народен јазик. Чешкиот славист Константин Јиречек го нарекува „патријарх на бугарските писатели и педагози“.

Митрополит Натанаил Охридски и Пловдивски

Од многуте живи кандила коишто ја осветлувале иконата на преродбата во Македонија, со посебен блесок сјаела личноста на уште еден македонски монах – Натанаил, роден во скопско Кучевиште. Овој непобедлив паладин во нашето црковно-народно движење заслужува почесно место во современата македонска историографија, којашто досега, од разни идеолошки причини и стравови, наполно го имаше занемарено, па на места дури и оцрнето. Кој би можел да ги наброи сите негови подвизи, учителствувања, патувања по балканските и европските земји и Русија, сѐ со цел да ѝ помогне на својата страдална Македонија? „Овој необичен човек, роден селанин, од неграмотни родители, во едно толку незначително селце на Македонија, што човек со мака би го нашол на картата…, станал голем писател на едно наречје, коешто не било уште оформено во литературен јазик; се дружел со највисоките чиновници на Руската црква и на руската држава; одржувал опширна преписка со славјанските учени во сите земји и, отклонувајќи се од најпримамливите предлози за сопствената иднина, ѝ послужил скромно, со ревноста на апостол и со душа на светец, на својата несреќна, унижена родина, во чиешто будење тој бил претеча од почеток и раководител отпосле“ (С. Радев). Натанаил Кучевишки бил зачетник и еден од идеолошките творци на Бугарската егзархија, во која тој гледал обновување на Охридската архиепископија и спас од духовното изумирање на својот народ. И ете, поради тоа свое родољубие, тој се удостоил да стане првиот словенски митрополит што седнал на епископската столица на Свети Климент; во 1872 година Натанаил станува првиот егзархиски владика во Охрид.

И сега пополека доаѓаме до светата Егзархија. Токму тука не можеме да го заобиколиме ни големиот борец за нејзиното создавање од редот на мирјаните, незаборавниот охриѓанец Глигор Прличев. Овој горд деец на народната борба, остар на јазик кога станува збор за одбрана на Егзархијата, во пригодното слово за нејзиното формирање, изговорено во Охрид, на 8 март 1870 година, пред мноштвото народ вели: „Благословен е Господ, Кој ги посети и избави луѓето свои! … Во растојание од 108 години бевме потонати во црна темница, еве денеска заблеска за нас светол ден, весел ден, ден велик, ден свет, радост над радости, празник над празници…“.

Уште еден непобедлив великан на македонската црковно-народна борба е родољубивиот учител, преродбеник и духовник Методиј Кусев. Тој со неговиот остар и динамичен, но крајно добродетелен характер и со непреклонливата своја волја победоносно го издигнал знамето на црковната и народна слобода, најнапред во родниот Прилеп, а потоа и во Цариград. Имено, незаборавна е неговата реч на Црковно-народниот собор во Цариград од 1871, во полза на учеството на делегатите од Македонија на основачкото собраните на Егзархијата. Впрочем. Методиј Кусев неколку пати се јавува како спасител на егзархиското црковно и училишно дело во македонските епархии. Познат е и неговиот не мал придонес во борбата за правата на христијанското население во Османлиската империја, како и во Руско-турската војна од 1878 година. Како реален критичар на руската дволична политика кон Балканот, кратко после поделбата на Македонија, во 1914 година тој пишува: „За тој смртен грев ќе биде накажана Русија со страшен погром, многу пострашен од оној којшто ѝ се нанесе во време на руско-јапонската војна. За направениот грев… ќе се отплати со разгромот, со распадот на великата руска империја. Народе, да се помолиме Богу, Тој да ѝ го прости овој грев. Нека ѝ простиме и ние“. Со мало отстапување од темата, ќе забележиме скрбно дека руската негаторска политика кон македонското црковно прашање продолжува и денес… Но, ќе ѝ простиме и ние. Неуморниот Методиј Кусев се успокоил во Господа во 1922 година, а смртта го затекнала на положбата егзархиски митрополит на Стара Загора.

Исчитувајќи ги историските извори, неминовно доаѓаме до констатацијата дека македонската историографија од комунистичкиот период конструирала сосема погрешен и научно неточен став кон историското место и улога на православната Егзархија во османлиска Македонија. За жал истите состојби и тенденции продолжија и во поголемиот дел од општествената и црковна јавност во независна Република Македонија. Притоа доколку објективно ги анализираме историските извори ќе дојдеме до неспорниот научно-историски заклучок дека најголемиот дел од православното население во Македонија ја сметало православната Егзархија за своја домородна црква. Само како илустрација во прилог на кажаново го наведуваме податокот дека претежно нејзиниот клир, вклучително и високиот, потекнувал од домородното православно население во османлиска Македонија. Едноставно, Егзархијата, како црковна јерархија, била посакувана од нашиот народ, вклучително и од најголемите синови на Македонија од XIX век, со кои денес се гордееме. Најголемиот дел од нив, речиси сите, пожртвувано го посветиле својот живот за нејзиното формирање и за нејзината дејност.

Митрополит Партениј Полјански и Нишавски

Меѓу споменатите личности, во редот на најгласните борци за создавање на Егзархијата бил и великиот македонски преродбеник, писател, учебникар, фолклорист, народен деец и духовник, галичанецот Партениј Зографски, егзархиски епископ во Дојран (Полјанин) и митрополит Нишки. Изворите сведочат дека тој имал големи шанси да стане и првиот претстојател на Егзархијата. Меѓу другото, тој е и првиот македонски владика во Егзархијата, кој заедно со митрополитите Иларион Макариополски, Паисиј Пловдивски и Авксентиј Велешки, се отцепуваат од Цариградската патријаршија и пристапуваат кон формирање на Бугарската егзархија. Партениј Зографски влегува во редот на втемелувачите на современиот кодифициран македонски јазик. Во своите „Мисли за Болгарскïи-отъ язикъ“, печатени во Цариград во 1858 година, владиката филолог, пишувајќи на својот мијачки говор, забележува: „И другïй потъ сме кажале, пакъ сега кажуваме, що за да можетъ да се составитъ еденъ общïй писмениïй язикъ пьрво е потребно да излезетъ на яве си-те местни наречïя и идïотизми на язикъ-отъ ни, вьрху кои-то общï-отъ язикъ иматъ да се зиздатъ… Нашïй-отъ язикъ, како що е познато, се дѣлитъ на две главни наречïя, отъ кои-то едно-то се говоритъ во Болгарïя и Тракïя, а пакъ друго-то во Македонïя. Пьрво-то отъ нихъ векье е семъ известно… За да изведеме на светъ Македонско-то наречïе со си-те негови общи и местни идïотизми, до колко е то намъ возможно, мïе имаме намеренïе да составиме на него грамматика въ параллелъ со друго-то… Македонското-то наречïе не толко не трѣбетъ и не можетъ да бидетъ исключенно отъ общïй-отъ писменнïй язикъ но добро тьа беше ако оно сѫ прïимаше за главна негова основа“.

Митрополитот Партениј, учителот, преродбеникот, философот, филологот, полиглотот, духовникот, владиката – нашиот велик црковен и народен светец – спротивно на природното течение, изгреа како сонце за нашиот народ, не на исток, ами од најзападните покраини на Македонија, од гордиот Галичник, за да зајде на исток – во Цариград. Заспал во Господа ноќта спроти својот именден, на споменот на Св. Партениј Лампсакиски, во 1876 година. Погребан е во дворот на егзархиската „Железна црква“ на Св. Стефан. 

Не би имал повеќе време, а и место да напишам по некој збор и за другите заслужни дејци за црковната слобода на Македонија, за архимандритите Арсениј Бигорски, Анатолиј Зографски и Антим Ризов, за Џинот и Жинзифов, за Миладинови и Робеви, за Цепенков и Мишајков… Ќе напоменам само дека во редовите на автохтониот македонски висок клир на Егзархијата меѓу другите биле и јерарсите: Неофит Скопски, Панарет Брегалнички, Панарет Пловдивски, Мелетиј Велешки, Козма Дебарски (Пречистански), Борис Неврокопски, архимандритите Евлогиј од Битола, Кирил Рилски, Софрониј Пречистански итн.

Неоспорен факт е дека македонските дејци што борбено се залагале за својата народна црковна управа, радо го прифатиле создавањето на Бугарската Егзархија, во којшто процес и активно учествувале. Тие дури ја сметале Егзархијата и како обнова и продолжение на Охридската Архиепископија. Така, знаменитиот наш учебникар и народен учител од Охрид, Кузман Шапкарев, во едно свое писмо соопштува за идејата што била присутна во тогашните црковни кругови – Егзархијата да се нарекува Охридска архиепископија. Меѓутоа, со оглед на тогашните општествено-политички услови тоа било невозможно, дотолку повеќе што Високата порта во Цариград по секоја цена настојувала да не ги загуби македонските територии. Имено, независна Архиепископија со седиште во Охрид би значело, всушност, и целосно губење на контролата над Македонија.

На плебисцитите од 1873/4 година, Егзархијата била прифатена со големо одобрение од страна на речиси целокупното тогашно православно словенско население во Македонија. Со свој домороден висок и низок клир, таа сосема успешно ја спроведувала својата пастирска мисија, напојувајќи го словесното стадо со евангелското спасително слово – за време на светите богослужби на црковнословенски јазик, а во училиштата на мајчин јазик. Освен тоа, Егзархијата развила широка издавачка и образовна дејност, со бројни народни училишта, во кои се школувале и учителствувале многу наши идни духовници, општественици, борци за слобода, интелектуалци, идеолози, народни водачи, меѓу кои и творците на современата македонска држава… И да не заборавиме: од редовите на Егзархијата и од нејзините приврзаници произлегуваат и возобновителите на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Денес градот Охрид, по Божја промисла, се наоѓа во независна Република Македонија, православна земја со силно развиен црковен живот, светотаински практикуван од една канонски и догматски сосема исправна црковна јерархија: МПЦ – Охридската архиепископија. Таа е Црква на сите православни граѓани на Македонија, без разлика на нивната народност. Неправославно, нехристијански, па би рекол и нечовечки е нејзиното негирање и политички наметнатата изолација од останатиот православен свет, иницирана и потсилувана од страна на СПЦ.

Накрај, како што и започнав, ќе завршам со зборовите на игуменот архимандрит Партениј, од неговото Божикно интервју за весникот „Нова Македонија“ од 6 јануари 2018 година:

Архимандрит Партениј

„Верувам дека семудриот наш Бог сѐ добро устројува и се грижи за спасението на сечија душа. Погледнете само како по Негова промисла, на нашиот архиепископ Доситеј и тогашните архиереи и целокупното духовенство, им се укажала историската прилика да ја прогласат автокефалноста на возобновената Охридска архиепископија, точно 200 години после нејзиното неканонско укинување од османските власти. Сега, пак, се надеваме дека после илјада години (1018-2018) од нејзиното официјално признавање во времето на византискиот василевс Василиј II и првиот архиепископ Охридски Јован Дебранин, (кој, патем речено, е и ктитор на Свештената Бигорска Обител), ќе се случи и нејзиното прифаќање од останатите помесни православни Цркви, преку застапништвото на БПЦ-БП. Да се молиме на Бога љубовта и вистината да надвладеат, та да се собереме сите заедно во древната столица на нашата Архиепископија – прекрасниот Соборен храм “Света Софија” во Охрид, на литургиско единство меѓу Охридскиот архиепископ и Бугарскиот патријарх, а се надевам и на други поглавари и архиереи од останатите помесни православни Цркви“.

На сите коишто својот живот го посветиле за црковната и народна слобода на Македонија – вечна благодарност и вечен им спомен!

 

Јеромонах Кирил Деловски (Бигорски манастир),
дипломиран историчар и класичен филолог


Оваа колумна е првоначално објавена на порталот „Поглед.мк“, на 13 март 2018 година