Нека Библијата ви каже како да бидете жена

Има одредени пасуси во Библијата за жените на коишто едвај обрнуваме внимание. Тоа дека постарите жени треба да им ја пренесуваат мудроста на помладите е ценето. Тоа дека жените треба да ги сакаат своите мажи и деца е вообичаено и очекувано, дури и кога е предизвик на моменти. И сфаќаме дека во Христа, колку и да им придаваме важност на косата и облеката, внатрешниот човек го заслужува нашето најголемо внимание и украсување.

Но други пасуси предизвикуваат искри. Покорувањето може да предизвика жива реакција само по себе. Ако ја додадеме тука уште и „улогата како домаќинка“, и улогата во Црквата, и веќе можеби сме на допир на експлозија. Често жртва на сето тоа е, сепак, зборот Божји. Како верници имаме обврска да се однесуваме кон Светото Писмо, дури и кон т.н. проблематични пасуси, на начин достоен за Христа.

Однесување кон Светото Писмо со смирение

Кога се среќаваме со табу теми во врска со жената во Библијата, често се наоружуваме со нашето сопствено искуство и ставови. Овие теми се пресудни за нашиот идентитет како жени и чепкаат во ставови коишто се длабоко вкоренети. Речиси инстинктивно, ние стануваме да ги браниме. Но, во Христа, имаме многу повозвишен призив да го издигнеме Господа и Неговиот збор над сѐ. Смирението се поклонува пред зборот Божји. Смирението признава дека светот и сите богатства на светот ги замаглуваат нашите погледи. Наместо да ги браниме нашите лични ставови, повикани сме да ги испитаме нив во светлината на вистината. Во смирение, ние се молиме да ја разбереме вистината, не за таа да ни одговара на нашиот сензибилитет, туку онака како што Господ промислувал кога ни ја открил. Го молиме Господа да нѐ ослободи од било каква ставови и убедувања кои не потекнуваат од Него. Во текот на овој процес ние се преобразуваме и нашите умови се обновуваат (преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја) (Рим. 12, 2).

Кога се смируваме себеси не сме облечени во женственост, туку во Христа. Тогаш, не фрламе скептично око на Светото Писмо. Туку напротив, се предаваме на Бога и ги почитуваме Неговите зборови како свети. Особено таму каде што не ги сфаќаме, или не се согласуваме со Светото Писмо, треба да се смириме, знаејќи дека Господ е добар и Неговите патишта се повозвишени.

Однесувајте се кон Светото Писмо со свештена почит

Зборот Божји е боговдахновен, безвремен, полезен за изобличување, поправање и поучување во правдата (2. Тим. 3, 16), сѐ додека не се појави таква тема како што е покорувањето. Штом ќе навлеземе во една таква спорна тематика, почитта се губи. Наеднаш цели делови од Новиот Завет како да важат само за одредена група и само за одредено време. И веќе Апостол Павле не е верен слуга Божји, туку груб човек којшто зборува од свое лично убедување. Така стекнуваме слобода да им наметнуваме ставови на другите, вклучително и на самите себе, да го побиваме павловото дискутабилно смирение.

Уште од времето на рајската градина, непријателот сака да ја уништи почитта кон Словото Божјо. Божјиот збор е чист и свет. Христос е Словото Кое стана тело. Како Негови следбеници, ние требадлабокода го почитуваме Неговиот збор и тоа треба да се одразува во сѐ што велиме и правиме. Кај Посланието до Тит, често се фокусираме на она дека постарите жени треба да ги поучуваат помладите (Тит, 2, 3- 5). Но не треба да ја занемариме причината што ни е дадена: „Зборот Божји да не се валка“. Ако нашето однесување му прави чест или го бесчести зборот Божји, колку повеќе, пак, тоа се случува ако поради одреден проблем ја ставаме под знак прашање важноста и вистинитоста на самиот збор.

На оваа страна од небото нема да има едно исто толкување на одреден пасус од Светото Писмо. И секако, очекуваме светот да застане против сѐ во зборовите што се коси со актуелната култура. Но како следбеници Христови, треба добро да внимаваме како ќе се поставиме кон такви проблематични теми. Дали навистина сакаме да тврдиме дека извесни пасуси биле плод на зборувањето на Апостол Павле, претежно како човек? Дали сакаме да ја ставиме под знак прашање вистинитоста дека „целото Свето Писмо е боговдахновено“ (2. Тим. 3, 16).

Ако сакаме да Му оддадеме почит на Бога нема да целиме и стреламе во стиховите на Светото Писмо. Ние ќе треба да ги почитуваме тие стихови колку и да се проблематични и треба да ги сметаме како боговдахновени и свети, и да се молиме на Духот за да нѐ приведе кон нивно разбирање.

Ајде да бидеме искрени

Долгогодишната статистика покажува дека малку од оние коишто живеат христијански, ја читаат Библијата. Сепак, кога ќе се појават табу темите, особено во областа на библискиот однос кон жените, речиси секој има свој став. Често тоа е инстинктивна реакција, задоена повеќе од културата, можеби дури и од христијанската или верската култура, отколку од сфаќањето на самиот Божји збор.

А зошто не станеме искрени за нашиот недостаток на сфаќање, почнувајќи од самите себе, ако не сме ја проучиле темата проследена со молитва, зарем треба да станеме ревносни да ја дискутираме? И ако сме ја простудирале, дали тоа било со предрасуди, или со смиреност пред Бога? Како верници нашата цел треба да биде растење во сфаќањето на Библијата. А за да растеме, мора да бидеме искрени за она што не го знаеме. Треба да сакаме да бидеме брзи: „во слушањето, а спори во зборувањето и бавни на гнев“ (Јаков, 1, 19). И секогаш растењето оди заедно со барањето на Духот.