На соновите не треба да им веруваме

Понекогаш човекот паѓа во „грешка“, во прелест под влијание на соништата – демонот го мами, прави од него некаков „пророк“. Не можеме да го негираме феноменот на соништата како таков. Во состојба на сон, човековата душа е почувствителна за импулсите од нематеријалниот свет. Меѓутоа, неволјата е во тоа што ние, поради отапеноста на нашата религиозна интуиција, сѐ помалку и помалку сме способни да разликуваме од какви сфери ни доаѓаат овие импулси, од кого потекнуваат соништата: од мрачната демонска, или светлата ангелска сила. Затоа, за да не паднеме во заблуда, најбезбедно е воопшто да не веруваме во соништа. Кон нив не можеме да се однесуваме со доверба, освен во неколку ретки случаи кога тие нѐ повикуваат на покајание.

Соништата личат на полици на кои едни покрај други можат да стојат и лекови и отров, а на кои не можат да им се прочитаат натписите. Затоа најдобро е да не ги фаќаме непознатите шишенца, за, мислејќи дека го земаме средството за лекување, да не погрешиме и да го земеме отровот.

Еден светител ја раскажал следната приказна:

„Мажот заминал од дома и ѝ рекол на жената:

‘До моето доаѓање немој никому да му ја отвораш вратата’. Меѓутоа, кога малку се оддалечил, решил да провери дали жената ќе ја исполни неговата молба. Откако се вратил, почнал да тропа на вратата и да ја повикува сопругата. Меѓутоа, таа му одговорила:

‘Мажот ми ми забрани да му отворам на било кој’. Сопругот ѝ рекол: ’Но јас сум твојот маж, зарем не ме препознаваш по гласот?’ ‘Можеби ти си мојот маж, но можно е и некој друг да го имитира неговиот глас, и затоа е подобро да го исполнам она што тој ми го рече’. Мажот цела ноќ стоел пред прагот, а утредента, кога влегол во куќата, ја пофалил жената бидејќи правилно постапила. Значи, дури и ако сонот е од Бога, а ние го отфрлиме од страв да не отстапиме од својот Создател, таквото отфрлање нема да биде навреда за Господ“.

Преподобниот Јован Лествичник вели: „Оној кој верува во соништа, личи на човек кој трча по сопствената сенка“. Некој подвижник, кој многу долго живеел во пустина, ѓаволот не можел со ништо да го победи. И решил да го измами преку соништа, прикажувајќи му со нив дека треба да му дојдат некои луѓе. И навистина, по некое време овие луѓе доаѓале: сатаната знаел дека луѓето, кои живееле далеку, се подготвуваат да дојдат кај пустиникот. Потоа почнал да му покажува – исто така во соништата – каде се наоѓаат различни изгубени или скриени работи, и тој навистина и наоѓал таму. Така демонските соништа еден по друг се повторувале и на крајот монахот-пустиножител целосно поверувал во своите сили. Тогаш паднатиот ангел почнал да му покажува два народи – еврејски и христијански. Евреите, заедно со праотците, во слава, а Христијаните во пекол. Овие соништа продолжувале и монахот помислил: значи, вистинска религија е религијата на Евреите, а Христијанството е погубно. Прелестен, тој го отфрлил монаштвото, отишол во светот, го примил јудеизмот, се оженил и умрел од тешка болест, не покајувајќи се.

Атонските отци го имаат следново правило – да не ги отфрлаат и да не ги прифаќаат соништата; да не зборуваат дека тој сон или видение е од Бога и да не тврдат дека е од ѓаволот, туку да речат: „Не знам“ и да одат понатаму. Во некои случаи, кога сонот ни оставил посебен впечаток, можеме да му го раскажеме на духовникот, но под услов тој да е познат по своето духовно искуство.


Извадок од книгата: Архиманадрит Рафаел Карелин, Како да живееме во Христа, Библиотека „Св. Гаврил Лесновски“ 2013.