„Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“

За славословието на почетокот на Светата Литургија

 

 

  1. Почетокот на светата Литургија е славословието: Благословено е царството на Отецот и Синот и Светиот Дух!
  2. Разговор со Бога е: благодарењето, славословието, исповедта, молитвата.
  3. Прво од сите е славословието. И тоа најнапред затоа што на благодарните слуги им е својствено, пристапувајќи кон господарот, да не изнесуваат веднаш на самиот почеток тоа што ним им припаѓа, туку само она што исклучиво му прилега на господарот. Такво, всушност, е славословието.
  4. Всушност, оној што тоа го бара, го прави затоа што својата состојба сака да ја направи уште подобра; кој се исповедува, се обвинува себеси, бидејќи сака така да се ослободи од злото, а оној што благодари јасно е дека се радува заради своите добри дела, па заради тоа Му благодари на Оној што му ги подарил; но оној што славослови – оставајќи се настрана себеси и сè свое – го славослови Господа поради Него Самиот и заради Неговите сили и слава.
  5. Конечно, и самата природа и редот на работите бара ова славословие да биде на прво место. Зашто, штом Му пристапиме на Бога, веднаш стануваме свесни за непристапноста на Неговата слава и сила и на Неговото величие, па оттаму доаѓа нашето чудење, восхитување и слични чувства; затоа сосема е природно на тоа да следи славословие.
  6. Продолжувајќи, сознаваме за Неговата добрина и за Неговото човекољубие, а на тоа им следи благодарност.
  7. Потоа ги согледуваме изобилните добрини и богатството на Неговото човекољубие и дознаваме дека нашата злоба претставува доволен показател на тоа изобилство и на тоа богатство. Бидејќи, иако сме такви, Он не престанува да ни прави добро. Навистина, овој факт и пред сите останати може да нè поучи колку Бог е човекољубив, затоа што најблизок ни е оној што е во нас и што ни е пред нашите очи. А кога пред Бога се потсетуваме за своите гревови, тоа е она што се нарекува исповед.
  8. Четврта по ред е молитвата. Навистина, после овие мисли што укажуваат колкава е добрината Божја кон нас и колкаво е Неговото човекољубие, сосема е оправдано да сметаме дека ќе го добиеме сето она за што се молиме. Бог е добар кон нас дури и кога сме грешни – тогаш каков ли ќе биде кон нас кога би се промениле, исповедувајќи ги најпрво своите гревови и кога би добиле оправдување! Зашто пророчките зборови велат: Говори, за да се оправдаш (Иса. 43,26).
  9. Оттаму славословието зазема прво место во разговорот со Бога. Затоа свештеникот, пред кои било други молитви и свети работи, Го славослови Бога.
  10. Зошто, меѓутоа, ја слави троичноста Божја, а не Неговото единство? Бидејќи тој навистина не вели: Благословен и нашиот Бог или: Благословено е Царството Божјо, туку одвоено ги споменува Божествените Ипостаси, велејќи: Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух. Така зборува затоа што луѓето, преку овоплотувањето на Господа, за прв пат дознале дека Бог е во три Лица. Всушност, сè што се извршува на светата Литургија, претставува воведување во тајната на овоплотувањето Христово. Оттаму било потребно во самиот почеток на оваа служба да заблесне и да се објави Светата Троица.

Извадок од книгата: Свети Никола Кавасила, Толкување на Светата Литургија, превод: Митрополит Тимотеј, Охрид 2008, 32-33.