За Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква (V дел)

Оние кои борбената Црква ја разделуваат на видлива и невидлива

  1. го разделуваат неразделното и
  2. грешат против смисолот на името Црква 

Како прво, тие ја разделуваат Црквата. Црквата Христова е Црква на светите, во спротивно, таа воопшто не е Христова Црква. Црквата на грешниците не може да биде Црква на светиите. На тој начин Црквата Христова е Црква на Светиите.

Доколку постои Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, тогаш таа е Црквата на светиите. Зошто тогаш би била потребна невидливата Црква на избраните? И кои се тие, избраните? Кој може да ги нарече свети оние кои сè уште не излегле од арената како победници и кои сè уште не се овенчани со слава? Кого можеме да го наречеме блажен пред крајот на неговиот живот?

Како второ, тие грешат против името Црква, бидејќи ја делат на две, на видлива и невидлива, додека поимот Црква го означува само видливото.

Ако оние кои веруваат дека Црквата останува неразделна затоа што членовите на невидливата Црква се истовремено членови на видливата и затоа што видливата Црква е вклучена во невидливата, се појавува прашање за тоа, како Црквата на несовршените, т.е. грешниците, може во своето крило да ја содржи Црквата на совршените? Ако видливата Црква на несовршените, т.е. на оние кои не се свети, раѓа свети чеда, на кој начин таа е лишена од светоста? Ако членовите на Светата Конгрегација не потекнуваат од чедата на видливата Црква, поради што тогаш видливата Црква воопшто постои? За да ги избегнат противречностите и да останат доследни, оние кои веруваат во Светата Конгрегација би морале да престанат да го користат терминот Црква. Тогаш тие не би грешеле против поимот Црква и не би зборувале парадоксални работи, во еден случај да и веруваат на Црквата, а во друг – не.

Ако членовите на невидливата Црква не произлегуваат од видливата Црква и таинствено се соединуваат во Бога единствено со верата во Христа, тогаш во кого дејствува Спасителот и врз кого слегува Светиот Дух, кој станува свет и совршен? Се поставува прашање, поради што тогаш постои видливата Црква, ако веќе со ништо не придонесува кон соединувањето и усовршувањето во Христа Спасителот? Зошто тогаш и самиот назив Црква, ако нејзините членови се изолирани еден од друг и ако еден со друг не се познаваат, ако не сочинуваат една органска целина и нераскинлив сојуз во вистинската смисла на тој збор?

Вистина е дека тие, кои допуштаат постоење на невидлива Црква во потполност го отфрлаат поимот за видлива Црква. Со цел избегнување на конечното расчленување, тие допуштаат постоење на некој вид Црква, слично на собрание кое ги соединува нејзините следбеници заради прославување на Бога и слушање проповеди. Меѓутоа, сето тоа не е Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква која ја исповедуваме во свештениот Символ на верата. Тие сочинуваат собрание на Господови следбеници кои веруваат во Него без претходно и вистинско измивање во бањата, без вистинско достигнување на светост и совршенство. Значи, ако нивната видлива Црква не е Црква на несовршените, тогаш таа другата, невидливата Црква на совршените постои само во нивната фантазија.

Противречно е невидливата Црква да се нарече Собор на Светиите, т.е. севкупност на избраните кои не се познаваат едни со други и кои не се поврзани во единствена целина со органска врска. Бидејќи:

  • На кој начин оние, кои никогаш не се собирале, можат да претставуваат собор?
  • На кој начин Црквата, која се состои од индивидуи (единки), може да биде невидлива?

Црквата и невидливоста се два противречни, или подобро кажано, спротивни поими.

Во првиот случај тие се во својство на Собрание, Црква, значи нешто видливо, го разгледуваат она што уште не било обединето, а во вториот си противречат самите себе, нарекувајќи го невидливо.

Врска во Конгрегацијата не постои и не може ни да постои. Таа не постои затоа што Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, неразделната и видливата, ја сочинуваат оние кои се препородени во неа. Не постои нешто, што истовремено би било и видливо и невидливо.

Оние кои не се препородени со Божјата благодат која дејствува во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, не прават никаква Црква, ниту видлива, ниту невидлива.

Таканаречената Протестантска црква претставува исклучиво апстрактен поим. Тој е лишен од божествениот принцип, од божествениот и историскиот авторитет. Тој во потполност е соодносен само со човечките идеи и постапки и тој поседува неменлив, постојан карактер. Ако видливата Црква која тие ја сочинуваат, протестантите ја сметаат за Света Конгрегација, зошто тогаш постои невидлива Црква? Повторно се поставува прашањето, оние кои ја сочинуваат, како се покажуваат за свети, ако, според нивното сопствено одредување, човекот по падот во грев сосема се изопачил? Кој им го потврдил нивниот препород, нивната светост, нивното помирување и заедницата со Бога? Кој им докажал дека во нив дејствува благодатта Христова? Кој им посведочил за слегувањето на Светиот Дух, за преизобилството на Божјите дарови и божествените харизми?

Сето тоа во доверба и авторитативно се дава само во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Оној кој се препородил во неа, добива уверување за својата заедница со Бога.


Превземено од: Хондропулос, С. (2007). Свети Нектариј Егински: Светител од наше време. Ѓаконија. (Pages 362-365).

(Продолжува)