Основи на православната вера – XIII дел

Житија на Светиите

Посебно место меѓу изворите на христијанската вера е одвоено за житијата на Светиите. Под ова име се подразбираат делата од духовната литература во кои се собрани и опишани животите на светите личности, нивното прославување од страна на Бога, како и настаните чијшто спомен Црквата ги празнува, иако повеќе од сигурно е дека на соборот на Светиите му припаѓаат и оние чиишто животи не се запишани.

Житијата на Светите, според зборовите на отец Јустин Поповиќ, „го претставуваат животот на Господ Христос кој се повторува во животите на Светиите“, бидејќи Црквата, и сè во неа, го одразува животот на Господ Исус Христос. Светиите длабоко во себе го врежале Христовиот лик и христијанскиот начин на живот, поради што верните во Црквата ги доживуваат како вистински сведоци на вистинската вера.

 

Повик кон светост

Господ Христос преку апостолите ги повикал сите верни да бидат свети, велејќи: Бидете свети бидејќи јас сум свет (1.Пет. 1,16). Секој кој вистински верува се поистоветува со Христа и станува свет и „семоќен“, така што може со апостолот Павле да рече: Сè можам во Христа Исуса Кој ми дава сила (Фил. 4,13). И навистина светите апостоли правеле величествени дела со силата што има ја подарил Господ: воскреснувале мртви, исцелувале со својата сенка или убрус. Така тие на дело ги исполниле Христовите зборови: Вистина ви велам: кој верува во Мене делата што ги прават Јас ќе ги прави и тој, и поголеми од овие ќе прави (Јован 14,12). Образецот на поистоветување со Христа го наоѓаме во зборовите на апостол Павле: Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2,20).

Животите на светите апостоли и на првите христијани се опишани во Делата апостолски. Евангелистот Лука ги изнел подвизите и страдањата на првите ученици на Спасителот и на останатите Негови следбеници. Делата на светите апостоли се продолжение на животот и делата на Господ Христос и тие со посредство на Духот Свет се пренесуваат на верниците во Црквата. Житијата, пак, на Светиите се своевидно продолжение на Делата апостолски, бидејќи покажуваат личности, чијшто живот е исполнет со вистинска вера во Господа Христа, во Света Троица, во Црквата и Светите Тајни.

 

Видови на светост

 Светиите меѓусебно се разликуваат според личните дарови и придонесот кон живото Предание на Црквата. Пророци се оние свети Божји луѓе кои живееле во времето пред Христовото Овоплотување. Тие на избраниот народ Божји му го прорекувале доаѓањето на Синот Божји на земјата и други настани од Неговиот живот, како и од животот на Црквата.

Апостоли се учениците Христови и непосредните сведоци на Неговиот живот и Божествените дела. Овде е важно да се спомне дека на апостол Павле, кој не бил следбеник Христов за време на Неговиот живот, Господ му дал дар на апостолство, јавувајќи му се на патот за Дамаск (Дела, 9, 3). Бидејќи апостоли можеле да бидат само оние кои Го виделе Господа, јавувањето на Спасителот на дотогаш ревносниот гонител на христијаните бил настан кој го означил почетокот на неговото апостолско сведочење.

Меѓу апостолите посебно место заземаат Евангелистите: Матеј, Марко, Лука и Јован, кои ги запишале најважните настани од Христовиот живот, зашто како што вели апостолот и Евангелист Јован: А има и многу други работи што ги направи Исус, кои ако би се запишале не би можеле да се соберат во целиот свет на пишаните книги (Јован 21, 25).

 

Мачеништво и исповедништво

Во сведочењето на верата во раната Црква голема улога имале мачениците. Според зборовите на Тертулијан, нивната крв била семе за нови христијани. Мачениците достигнале највисок степен на љубов кон Христа, жртвувајќи го сопствениот живот од верност кон Него. Тие се и најслични на Господа Христа, Кој и Самиот бил маченик и образец на мачеништвото. Прв кој пострадал за верата бил Св. Архиѓакон Стефан. Тој во часот на смртта покажал љубов кон оние кои го каменувале, велејќи: Господи не земај им го ова за грев (Дела 7,60). Одлика на сите маченици е што страдале без омраза кон своите убијци, подражавајќи Го Господа на Крстот, Кој Му се молел на Отецот за безумните Евреи: Отче, прости им, не знаат што прават (Лука 23, 34).

Од првите векови постојат записи со подробни описи на страдањата на мачениците, познати под името Маченички податоци. Овие записи во раната Црква биле читани на црковните Собори веднаш после Светото Писмо. Картагинскиот Собор од 418 година усвоил и правило тие задолжително да се читаат и на богослужбите во деновите на славењето на Светите маченици.

Покрај мачеништвото, во Црквата постојат и други видови на сведочење на вистинската вера. Свети Кипријан Картагински му пишувал на своето свештенство посебно да ги помнат деновите кога се упокоиле исповедниците на верата Христова, за да може целата Црква да го слави нивниот спомен, заедно со споменот на мачениците. Исповедниците во клучните настани од животот на Црквата го исповедале нејзиното вистинско учење и ја бранеле Црквата од соблазната на разните ереси. Голем исповедник меѓу Светиите е Св. Максим Исповедник.

 

(Продолжува…)