Верата и доказите за Божјото присуство – Основи на православната вера XIX дел

Верата е заснована на многу настани кои неоспорно се случиле во историјата и за кои постојат сигурни сведоштва. Тие сведоштва ги наоѓаме и во Стариот и во Новиот Завет, како што ги наоѓаме и во литургискиот живот на Црквата. Стариот Завет е историја на еврејскиот народ кој чудата што Бог ги правел (избавувањето од египетското ропство и воведувањето во Ветената земја, хранењето со манна во пустината, освојувањето на Ерихон и др.) ги доживувал како докази на Божјото присуство. И Новиот Завет е преполн со настани што ја утврдуваат нашата вера. Сите чуда кои Господ Исус Христос ги правел се случувале во присуство на мноштво луѓе: умножувањето на лебовите и хранењето на 5 илјади луѓе, воскресението на Лазар и на Јаировата ќерка и др. Бог не се оставил Себеси непосведочен (Дела 14,17). Настаните опишани во Светото Писмо, како докази на Неговото постоење, не можат да се заобиколат и тие несомнено претставуваат историска поткрепа на верата. Меѓутоа, се поставува прашањето дали сведоштвата за Божјото делување во Стариот и Новиот Завет, во животот на Црквата го намалуваат значењето на верата или дури претставуваат и препрека за верата?

Со внимателно читање на Светото Писмо може да се согледа дека Господ Христос не сакал ни Он, ни Неговото Воскресение, да бидат нужно посведочени. По Воскресението Господ го повикува апостолот Тома: Дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; (Јован 20,27), но исто така му вели: Ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале! (Јован 20,29). Блажени се оние што веруваат, а не виделе, токму затоа што својата вера ја засноваат на слобода, а не на принуда. Во таа смисла треба да се сфати и настанот на Вознесението, зашто Господ Христос да останеше на земјата по Воскресението, неоспорно Неговото присуство ќе принудеше многумина да поверуваат во Него. Он меѓутоа, на Своите ученици им Го вети Светиот Дух Утешител, за сите кои потоа ќе поверуваат слободно да Го признаат за Господ. Тоа и се случило на Педесетницата, кога Светиот Дух слегол на апостолите и кога 3 илјади луѓе поверувале во Спасителот. Светиот Дух е Дух на слободата и како што вели апостолот Павле: Никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух (1.Кор. 12,3).

 

Знаењето за Бога – благодатен дар на Духот

И после Педесетницата, во текот на целокупната историја на Црквата, Бог дава знаци на Своето присуство, но притоа, не им ја одзема на луѓето слободата на изборот, туку им остава можност да Го прифатат или не прифатат. Очигледен пример на верата е токму Светата Тајна Евхаристија, во која Христос им се дава на верните во Светата Причест, која е Негово вистинско Тело и Крв, а која неверниците ја гледаат само како леб и вино. Со оглед на тоа дека промената на даровите во тело и крв Христова не е видлива и надворешно, постои можност некој да не поверува во Тајната која се остварува со призивот на Светиот Дух.

Сите наведени примери ни зборуваат дека верата не се заснова на надворешното знаење и не се сведува на ниво на очигледност. Знаењето за Бога до кое се доаѓа со вера, е благодатен дар на Светиот Дух и тоа се прима во Црквата која е ризница на севкупната мудрост.

Продолжува