Односот помеѓу верата и знаењето – Основи на православната вера – XVIII дел

Постојат различни сфаќања за односот помеѓу верата и знаењето. Многу често во свеста на луѓето верата и знаењето меѓусебно се исклучуваат: или „нештото“ се знае па нема потреба од вера, или се верува во она што не се знае. Како пример за спротивставеноста на верата и знаењето, погрешно се наведува мислата на западниот теолог Тертулијан: „Верувам затоа што е тоа апсурдно“. Тертулијан, меѓутоа, не ги соочил верата и знаењето, туку само нагласил дека верата е необјаснива од рационален аспект, односно не може да се сведе на рационални докази.

 

Верата и рациото

Со тек на време во западната теологија се утврдило мислењето дека знаењето ѝ претходи на верата. За воопшто да се поверува во нешто или за нешто да се сака, потребно е претходно да го запознаеме. Од познавањето на Бога, според мислењето на Августин, претставник на западната теолошка мисла, душата има свој внатрешен пат кон Него, а Божјото постоење се потврдува со постоењето на човековата мисла, за еден таков трансцендентен „објект“. Душата го слуша призивот на верата која дејствува преку јаснотијата на мислата. Верата се состои од мисли и согласности. Редоследот во остварувањето на верата е следниот: Припрема за вера преку мислите, самата вера и расудување на содржината на верата. Верата на тој начин, најдлабоко се поврзува со спекулацијата која станува „логичко истражување на содржината на верата“, според изразот на Жилсон. Таквата вера е длабоко поврзана со индивидуалистичкото поседување на Бога како ментална разумна спекулација. Оваа активност на рациото е содржина на волевото движење во кое разумот има тенденција да ја прифати Божјата суштина. Кај Августин мистичното е вкоренето во менталното, бидејќи мистичното се наоѓа во ентелехијата.

Во православното богословие, пак, се тргнува од истоветноста на верата и знаењето. Познавањето на Бога не е резултат на активноста на разумот, кое е под силен диктат на волјата што тежнее кон поседување на Бога. Заедницата со Бога не е можна ни поради некаква спиритуална сродност на двете природи, божествената и природата на душата. Таа е остварлива само преку божествените енергии со кои единствено човекот може да биде причесен на Бога. Верата не е израз на ментална, туку на кенотичка отвореност за Бога, отвореност не со волево насоченото рацио, туку на целото човечко битие, и на душата и на телото. Резултатот на таквата средба со Бога е единственото уверение и познание, кое Св. Василиј Велики го искажува со овие зборови: „Оној што верува исто така и познава; од оној што верува од него, всушност, и познава, или спротивно, од оној што го познава, од него, всушност, и верува“. Овие зборови на Св. Василиј го потврдуваат Библиското и светоотечкото искуство дека верата и знаењето секогаш одат заедно, испреплетувајќи се до таа мера, што претставуваат една двоцелинска духовна реалност, која ги воведува верните во најдлабоката тајна на средбата со Бога, од која произлегува богопознанието.

 

Познавањето на Бога во заедницата на љубовта

Во православното толкување на верата, „верувам“ значи исто што „и знам“, но „верувам“исто така значи „и љубам“. Целта на верата е стекнувањето на љубовта и вистинското знаење. „Да ја стекнеме верата за да можеме да дојдеме до љубовта која ја раѓа светлината на знаењето“, вели Св. Таласиј. Знаењето за Бога е засновано на љубовта и вистинско е само она знаење кое е проткаено со љубов. За ова сведочи и ап. Павле, велејќи: Умот возгордува, а љубовта изградува. Ако некој мисли дека нешто знае, тој уште ништо не узнал, како што треба да знае. Ако, пак, некој Го сака Бога, Бог него го знае (1.Кор. 8, 1-3).

Да Го познаеш Бога значи да оствариш единство со Него, а за тоа е неопходна љубов. Оваа вистина најконцизно ја изразил Св. Григориј Ниски, велејќи: „Знаењето е љубов“. Ако човекот не може да љуби, тогаш не може ни да Го познае Бог. Потврда за тоа наоѓаме во зборовите на евангелистот Јован: Кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов (1.Јов. 4,8).

(Продолжува…)