За верата – Основи на православната вера – XVII дел

Верата е човечкиот одговор на Божјото Откровение и неопходен услов за да Му се пристапи на Бога и влезе во Црквата, зашто: Без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат (Евр. 11,6).

Апостолот Павле, во посланието до Евреите истакнува дека верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа (Евр. 11,1). Во Новиот Завет, овој стих претставува единствена дефиниција за верата, која останала во текот на целата историја на Црквата. Од зборовите верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, произлегува дека да се верува, тоа значи човек да се сврти кон идните настани, да се надева на вечното постоење кое, според природата, како создадени битија го немаме, а кое преку верата во Христа можеме да го стекнеме. Оттука, верата е неодвоива од Личноста на Господ Исус Христос, Кој како Началник и Завршител на верата (Евр. 12,2), според зборовите на Св. Игнатиј Антиохиски, е нашата совршена вера.

Зборовите дека верата е докажување на она, што не се гледа, означуваат дека ние ја признаваме реалноста за постоењето на Идниот век, иако таа сѐ уште не е остварена. Во таа смисла, Св. Василиј Велики вели дека „верата е безрезервно прифаќање на она што сме го чуле, а кое е проповедано со благодатта Божја во полнотата на вистината“. Ваква вера покажал Авраам кој не се посомнева со неверие, туку остана тврд во верата, и Го прослави Бога, наполно уверен дека Он е силен и да го изврши она, што го ветил (Рим. 4, 20-21).

 

Верата – израз на слободата

Верата сфатена како сознание за она што ќе се случи, иако тоа сѐ уште не можеме да го видиме, ја подразбира слободата. Нештата кои ги гледаме во секојдневниот живот нѐ принудуваат да признаеме дека постојат, што, всушност, ја исклучува слободата. Гледањето на невидливата реалност е возможно благодарение на слободата која е дар од Светиот Дух, зашто каде што е Духот Господов, таму има слобода (2.Кор 3,17).

Слободното постоење подразбира надминување на сите слабости и детермираноста на природата: гревот, злото и смртта. Основа на постоењето за слободата од смртта е верата во Воскресението Христово. Тоа воедно е и основа на личноста на секој христијанин, зашто да се биде личност, всушност значи да се постои слободно и вечно. Оној, пак, кој ја прифаќа смртта како своја последна реалност, не може да се оствари како личност.

 

Вртење кон Источникот

Исповедањето на верата, пред сѐ е врзано за Крштението како тајна на повторното раѓање, и Евхаристијата како тајна на новиот живот во Христа. Како во раната Црква, така и денес, исповедањето на верата ја подразбира праксата на вртење од Запад кон Исток, што значи дека оној кој го изговара Символот на верата, треба да биде спремен да го промени својот живот, т.е. да живее поинаку, да не живее како што живеел пред Крштението. Св. Кирил Ерусалимски за тоа вели: „Кога се одрече од сатаната, кога го згази секој завет што нему си му го дал, разрешувајќи ги сите стари врски кои те врзуваа за адот, тогаш пред тебе се отвори рајот кој Бог го засади на Истокот (1.Мој. 2,8), од каде, поради престапот, беше изгонет нашиот праотец. Овој настан го символизира твоето свртување од Запад кон Исток, кон местото на светлината. Тогаш ти рекоа да кажеш: ‘Верувам во Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и во едното Крштение за покајание’“.

Првите христијани, кога се молеле на Бога секогаш се свртувале кон Исток. Од Исток го очекувале и Второто Христово доаѓање, зашто Господ рекол дека Неговото доаѓање ќе биде како што молњата доаѓа од Исток (Матеј, 24,27). Затоа свртувањето кон Исток означува дека оној што верува треба, од минливите нешта да се заврти кон вечното Царство Небесно и Воскресението на мртвите.

 

Раѓање за вечност

Изразувањето на верата во Крштението подразбира да се стават во втор план сите биолошки и социјални врски. Господ Христос рекол: Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене (Матеј, 10, 37-38). Бог стана Отец за сите верни, а Црквата – Мајка која ги раѓа за вечен живот. Сите членови на Црквата стануваат ближни, браќа и сестри во Христа.

Од сѐ што досега кажавме, може да се заклучи дека верата секогаш е свртена кон идните настани. Меѓутоа, во западната теологија, таа превосходно е свртена кон минатото, така што и Литургијата се сфаќа како повторување на настаните од Христовиот живот – Тајната Вечера и Голготската Жртва. Во православното искуство, со призивот и благодатното дејство на Светиот Дух, минатото и иднината се поврзуваат. Ова особено доаѓа до израз во Светата Евхаристија, во молитвата на Анамнезата, во која во прв план се зборовите за сеќавањето на Второто Христово доаѓање. Смислата на споменатата молитва е непосредната врска помеѓу Воскресението Христово и идното сеопшто Воскресение, што е највпечатлив доказ дека Литургијата не зборува за царството кое веќе се остварило во историјата, туку за вечното Царство кое допрва треба да се случи.

Продолжува