Исповедање на верата – Основи на православната вера – XX дел

Исповедањето на верата во Света Троица е прв и најважен услов за влегување во Црквата. Тој услов го поставил Господ Христос, велејќи им на учениците да одат по целиот свет и да ги научат сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух (Матеј, 28,19). Од Светото Писмо произлегле баптисмалните (кршталните) правила на верата кои биле карактеристични за животот на раната Црква. Првото и најкратко исповедање на верата за оние кои сакале да се крстат, се однесувало на вистината дека Исус навистина е Христос. Имено, секој нов член на христијанската заедница го повторувал исповедањето на апостол Петар, кој на Господ Му се обратил со зборовите: Ти си Христос, Синот на живиот Бог (Матеј, 16,16). Да се исповеда дека Исус навистина е Христос, значи да Го признаеш Него за Спасител на светот и ветениот Месија, зашто ова име значи Помазаник Божји.

Апостолско исповедање на верата

Според учењето на апостол Павле, во посланието до Евреите науката за Крштението (6, 2) и исповедањето на верата (3, 1), се темел и почеток на познанието на Првосвештеникот на нашата вера Господ Исус Христос. Во првото послание до Тимотеј (3, 16) истиот апостол дава своевидно исповедање на верата, зборувајќи за Синот Божји и Неговото спасоносно дејствување во светот: И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во плот, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава. Во првото послание до Коринтјаните тој го предава исповедањето и на Отецот и на Синот, велејќи: Сепак ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сè, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè и ние сме преку Него (8, 6), а на крајот од второто послание до Коринтјаните, вели: Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас. Амин! (13, 13)

Овие зборови, како и оние на крајот од Матеевото евангелие (Матеј 28,19), претставува јадро на исповедање на верата во Света Троица во Новиот Завет.

Ранохристијанско исповедање на верата

Во искажувањето на верата на Црквата, посебно место заземаат кршталните катихези кои останале од некои Свети Отци, а во кои е изложено севкупното христијанско учење за Света Троица, Црквата, спасението и вечниот живот. Од извонредно значење се катихезите на Свети Кирил Ерусалимски, кои претставуваат еден од изворите  на Никејско-Цариградскиот Символ на верата.

На исповедањето на верата му припаѓаат и епископските молитви од првите векови на Христијанството. Во древната Црква епископот бил не само началник на една евхаристиска заедница, оној кој принесувал дарови, кој крштевал, туку и оној кој составувал молитви и исповедање на верата. Епископските молитви и богослужбени песни биле користени на Литургијата и по своја содржина претставувале своевидни толкувања на верата. Символите на верата на многу епископи од првата Црква, останувале во црковните заедници и после нивната смрт и служеле како основа за составување на подоцнежните символи на верата. Праксата на составување на исповедања на верата е присутна и денес во Црквата, кога новоизбраните епископи за време на својата хиротонија читаат исповедање на верата кое сами го напишале.

Со појавата на еретичките учења, Црквата настојувала во форма на кратки исповедања на верата, од една страна да ги утврди верниците во апостолската наука, а од друга страна да ги разобличи соблазните на еретиците. Сведоштва за таквите исповедања даваат древните црковни писатели: Св. Игнатиј Антиохиски во Посланието кон Тралијанците, Магнезијанците и Смирненците, потоа Св. Јустин Философ во своите Апологии и Св. Иринеј Лионски во своето дело Побивање и проверка на лажно нареченото знаење (Против ересите). Во Посланието до Магнезијанците, Св. Игнатиј со следниве зборови ја исповеда верата во Христа: „Го славам Исуса Христа Бога… Синот Божји, според волјата и силата Божја вистински родениот од Дева, Крштеваниот од Јован, за да се исполни секоја правда; во времето на Понтиј Пилат и Ирод Четворовласникот, заради нас вистински прикованиот на Крст со тело, од што плод сме ние, од богоблаженото страдање Негово, за со Воскресението Свое да издигне знак во вековите за Своите Светии и верни, па било да се тие од Јудејците, или од незнабошците, во едно тело на Својата Црква“.

Кршталното исповедање на верата на Помесните Цркви, катихезите на Отците на Црквата и епископските молитви одиграле пресудна улога во конечното формулирање на верата, искажано во одлуките на Вселенските Собори.

Продолжува