оказ за вистинското смирение е исповедањето пред отците не само на она што го правиме, туку и на она што го помислуваме. Наведеното постапување прави да чекориме по вистинскиот пат, избегнувајќи ја штетата и опасноста. Зашто, невозможно е демоните да го измамат оној што својот живот го уредува во склад со судот и мислењето на старците. Грешните помисли венеат и ослабуваат уште и од самото нивно откривање и објавување на отците. Змијата, која ја истерале од мрачната дупка уште кога било светло, се обидува да побегне и да исчезне. И злите помисли, кои се обелоденуваат со искрена исповед и соопштување, заминуваат од човекот…
Врз основа на сето она што е досега кажано дознаваме дека не постои друг пат на спасение освен обелоденување на своите помисли пред духовниците и неотфрлање на преданието на предците. Зашто, ниту тие се раководеле самите себе, туку биле раководени од Бога и од Бога вдахновеното Писмо, дозволувајќи им на потомците да им поставуваат прашања на напредните. Речното можеме да го сфатиме и да го дознаеме од многу делови на од Бога вдахновеното Писмо, но особено од расказот за светот пророк Самуил. Тој уште како мало дете му бил ветен на Бога од страна на неговата мајка. И кога се удостоил да го слушне божествениот глас, тој не ѝ поверувал на својата помисла. Бидејќи Бог двапати го повикал, тој отишол кај старецот Илија за да се поучи и да го упати како да постапи. Иако го повикал самиот Бог, сметајќи го достоен за Себе, бидејќи смирен, сакал да се поучи и да се посоветува со старецот.
Павле бил избран и повикан од Самиот Христос. Он можел веднаш да му ги отвори очите и да го поучи и да го упати кон патот на совршенството, но го испратил кај Ананиј и му ветил дека од него ќе го научи патот на вистината, говорејќи му: Стани и влези во градот и ќе ти се каже што треба да направиш (Дела 9,6), што нè поучува дека треба да го следиме водството на понапредните. Откако го научил, апостолот го применувал на дело реченото, пишувајќи и говорејќи за себе: Се искачив во Ерусалим за да ги видам Петар и Јаков и им го изложив на верните, посебно на највидните, Евангелието што го проповедам…, за да не трчам или за да не трчав попусто (Гал. 2,1-2). Чудно. Избраниот сад, кој се вознел до третото небо и кој слушнал од Бога неискажливи зборови, кој во себе и со себе ја имал благодатта на Светиот Дух, каде и да одел, која ги потврдувала зборовите на неговото учење со знаци и чуда што го следеле, признава дека му се неопходни советите од постарите апостоли.
Кој е толку суетен и горд што, слушајќи го кажаното, нема да се уплаши да го следи своето мислење како што се плаши од огнот на геената и од вечното мачење? Патот до совршенството Господ го обелоденува единствено преку раководењето од духовен отец, како што ни соопштуваат и зборовите на пророкот: Прашај го татка си – и тој ќе ти каже, старците свои – и тие ќе ти речат (5 Мојс. 32,7)