Обраќање на Архимандритот Кирил Бигорски на првата меѓурелигиска Трибина во Дебар на тема: „Семејството: стожер на љубовта и општествениот развој“, одржана на 9 ноември 2024 лето Спасителово
Почитувани присутни,
Со голема чест и радост се собравме денес во овој знаменит и благороден град Дебар, кој низ вековите претставува жив симбол на соживот, взаемна почит и братство. Град каде што христијанските и муслиманските заедници секогаш биле блиски, каде што во домовите се негувале семејните вредности и каде што грижливо се пренесувал духот на широкоградоста и меѓусебното разбирање од поколение на поколение. Секако, имало и негативни ситуации и такви што сакале да внесат раздор, непочит и омраза, но, овде, за среќа, историјата ги памети само добрите примери и оние кои твореле добро. Во овој град, љубовта и почитта кон ближниот се градат на секојдневно ниво, правејќи го Дебар неприкосновен пример во нашата држава за заедништво и почитување на разликите. Мојот Старец и Игумен, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, со чиј благослов настапувам сега тука, често ја истакнува токму оваа одлика на дебарчани – нивната култура на соживот, широкоградост и отвореност. Тој ги почитува и поддржува нивните заложби за зачувување на заедничкиот соживот, при што верувам дека денешното наше заедничко присуство е плод на вековната традиција на заедништво и меѓусебна почит, толку важна за овој град, но нема да претерам ако речам и за светот. Токму затоа, им благодарам на сите кои се потрудија во организацијата на оваа прекрасна трибина, а особено на градоначалникот на општина Дебар, г. Хекуран Дука, на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со чијшто благослов сме вечерва тука и на почитуваниот Муфтија од Дебарското муфтиство, г. Решат Качалнику.
Настапувам пред вас како православен монах и свештеник и ќе ги изложам накратко видувањата на Православната Црква за бракот и семејството, како што мошне умесно и поучно го направи тоа почитуваниот имам г. Орхан Зенго од името на Исламската заедница. Наша заедничка цел е да ги зацврстиме семејните вредности кои ги делат и двете наши верски заедници – христијанска и муслиманска – и на тој начин да го надградиме духот на заедништво што отсекогаш владее во овој светол град.
Дозволете ми, со длабока почит кон секого од вас, да започнам со излагањето за семејството и бракот според учењата на Православната Црква, уверувајќи ве дека се инспирираме од истиот стремеж за љубов, разбирање и почит – вдахновение што доаѓа од едниот Бог, Кој особено се радува што сите ние овде, и Христијани и Муслимани, и Македонци и Албанци и Турци, се трудиме да живееме како браќа, бидејќи тоа и сме.
Своето обраќање за семејството ќе го започнам со еден навод од мојата внука Коприна, која кога имаше само 4 годинки изјави: „Колку е тажен светот да немам родители! Многу ќе бидам тажна. Ако умрите вие и јас ќе умрам“. Овие детски, навидум наивни зборови кријат во себе една голема онтолошка вистина: човекот има насушна потреба од здраво, функционално семејство. Детето има потреба од мајка и татко. Сите ние имаме потреба од родители. Впрочем, родителското начело потекнува од Самиот Бог, како врховен Отец на сите луѓе. Во христијанското откровение, родителскиот принцип на Бога прв ни го покажа Самиот Син Божји, Господ Исус Христос, Кој ги научи своите ученици да Му се обраќаат на Бога како на Татко: „Отче/Татко наш, Кој си на Небесата…“ Ги говорам овие нешта, за да ја предочам суштествената важност на родителството како основен елемент и стожер на семејството. Гледаме дека децата интуитивно и природно ја препознаваат улогата на родителите. Според природниот ред на нештата и био-психолошките неопходности, тие сакаат една жена како мајка и еден маж како татко. Верувам дека децата најчисто и неострастено ја согледуваат, а можеби и најточно ја дефинираат улогата на едно семејство. Прашањето е како возрасните гледаат денес на семејството.
Во нашава епоха, сведоци сме на една агресивно потсилувана тенденција што сака да ги редефинира традиционалните поими за брак и за семејство. Според мојот Старец и учител во монашкиот живот, владиката г. Партениј, „бракот меѓу еден маж и една жена, каков што го познаваме со векови, не е само социјален договор, туку и цивилизациска придобивка на Христијанството, длабоко вкоренета во евангелската мисла и култура. Христијанството ја преобразува древната институција на бракот, внесувајќи светост и длабока духовна димензија во таа заедница. Во античкиот свет, пред христијанското учење, бракот често имал практични и економски цели, а полигамијата и различните форми на неформални сојузи биле широко прифатени. Со доаѓањето на Христијанството, бракот не се гледа само како социјален сојуз, туку и како едно големо таинство, свет сојуз помеѓу еден маж и една жена, заснован врз љубовта и верноста. Бракот е всушност одраз на Христовата љубов кон Црквата, поставувајќи го идеалот за едноставност и исклучивост на заедницата, во која мажот и жената се соединуваат не само телесно, туку пред сè, духовно. Така, христијанскиот брак станува школа на љубовта, каде што мажот и жената се учат на пожртвуваност, трпение и меѓусебно почитување, што директно придонесува за изградбата на морално и стабилно општество. Во оваа смисла, христијанскиот брак не е само личен избор, туку цивилизациски столб, кој внесува ред, стабилност и хуманост во општествениот поредок. Тој е основата врз која почива европската цивилизација, вкоренета во библиската претстава за создавањето на човекот – мажот и жената – како една целина. Вистинскиот христијански брак е една работилница за светост“.
Сега живееме во време во кое овие вековни принципи и духовно-општествени придобивки биваат заборавени. Постојано слушаме нови дефиниции за тоа што е бракот и семејството. Се зборува за семејство со истополови родители, за кохабитационо семејство, за заменско семејство, за сурогат мајчинство итн. Притоа, сите тие дефиниции се однесуваат на социјално-правниот карактер на брачната заедница и ниедна од нив не говори за неопходната духовна димензија. Со еден збор, современите концепции на основната клетка на општеството ја сведуваат истата на само една чисто човечка творба, човечка институција. Осен тоа, тие очигледно се покажуваат како нездрави и за самата човекова личност, модели кои наместо да го унапредуваат човештвото, причинуваат социолошка, културолошка и психолошка дегенерација.
Затоа, не треба да се заборави дека бракот е, пред сè, едно Божествено востановение, институција што е осмислена и благословена од Самиот Бог. Имено, во првите страници од Светото Писмо читаме дека Господ на почетокот, при создавањето на материјалниот свет, ги сотворил Адам и Ева, мажот и жената, и ги благословил за брачен живот: И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (Битие 1,27:28). Значи гледаме дека уште од самиот почеток Господ го устроил бракот како светотаински и божествен сојуз, кој на најдлабок начин ја одразува Неговата љубов и промисла за човекот. Во моментот на создавањето, Бог не само што ги сотворил Адам и Ева – прамајката и прататкото – туку ги благословил со заповедта за плодење и множење, правејќи ги соработници во Неговото дело на творење. Тоа не е обичен природен повик, туку влегување во заедничко творечко дејствие со самиот Создател. Човекот станува со-творец Божји.
Во бракот, согласно со Божјиот Домострој, мажот и жената стануваат „една плот“ (Битие 2,24) и така мистично ја објавуваат вистината дека љубовта е суштината на Божественото битие и дека човекот, создаден според Божјата лика и прилика, е призван да учествува во таа љубов. Бракот го отелотворува Божјиот образ во светот преку љубовната и креативна заедница меѓу мажот и жената, која не само што е биолошка, туку и онтолошка, бидејќи во својата суштина ја отсликува заедницата во љубовта и единството на Светата Троица.
Благословот што Господ им го дава на првите луѓе е повеќе од благослов за живот; тоа е назначување за светотаинствено служење, за живот во заедница, во која љубовта не е само емоција, а уште помалку страст, туку начин на битисување. Мажот и жената се благословени да се „плодат и множат“, со што бракот се претвора во извор на живот, како што Бог е Извор на животот. На овој начин, брачната љубов станува „икона“ на Божествената љубов, постојано обновувајќи ја и отелотворувајќи ја врската меѓу Создателот и Неговото создание. Со ова, бракот добива димензија на едно возвишено служење, повикувајќи ги сопружниците да живеат во љубов што е слободна, безусловна и подготвена за жртва – истиот вид на љубов што Христос го покажа кон Црквата, распнувајќи се за неа. Така, бракот не е само природен сојуз, туку и Божествена творба, во која луѓето се преобразуваат и облагородуваат, остварувајќи го својот призив како слика и подобие на Бога.
Понатаму, важноста на бракот како Божја институција е акцентира на почетокот и на Новиот Завет, на Законот на Благодатта. Имено, Светиот Евангелист Јован Богослов, Апостолот на љубовта, ни сведочи дека првото чудо што воплотеното Слово Божјо го изврши на Земјата беше чудото токму на еден брак во малото галилејско гратче Кана. Таму, на свадбата на некои блиски на Пресветата Дева Марија, Господ Исус Христос, на молба од Својата пречиста Мајка, претворил вода во вино, бидејќи целото вино се беше потрошило. Така направи Исус почеток на Своите чуда во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него (Јован 2,11). Неслучајно Господ, при духовното пресоздавање на светот, избра да го започне Своето чудотворење токму на еден свадба, на светата тајна брак, истакнувајќи ја уште еднаш нејзината Божествена важност. Ова чудо во Кана не е само знак на Божјото милосрдие, туку длабоко откровение за божествениот карактер на бракот. Христовото присуство на свадбата е сведоштво за Неговата поддршка за брачниот сојуз, кој го издигнува од обичен човечки договор во света тајна на љубовта. Во мигот кога Господ ја преобразува водата во вино, обичната радост на човечкото славење станува облагородена со божествена сила, а бракот се претвора во сакрално учество во Божјата љубов и дарежливост. Ова чудо има и длабоко теолошко значење: исто како што Бог во Стариот Завет ги создаде мажот и жената како носители на животот, така и сега, во Новиот Завет го објавува бракот како тајна на љубовта и првата стапка кон спасението. Со присуството на свадбата, Христос не само што ја благословува заедницата на мажот и жената, туку и ги подготвува за возвишената цел на брачниот сојуз – соединувањето со Бога. Тој настан го посочува бракот како пат кон вечноста, како простор каде што љубовта се облагородува и прераснува во слика на Неговата непресушна љубов кон човештвото. Со еден збор, по Христа бракот станува нова заветна заедница меѓу Бог и човекот. Со тоа, Господ нè повикува на длабока почит кон оваа институција, која не е само социјален акт, туку и божествена тајна која го устремува човечкиот живот кон Небесата.
Ќе се вратам повторно на зборовите од мојата внука: „Колку е тажен светот да немам родители!“ Децата, според природниот поредок, имаат неопходност од родители во секој аспект на нивниот живот. Потребата за топлината, присуството и поддршката на родителите е неизмерна и непроценлива – таа е вградена во самото битие на детето. Но, дилемата на нашето време, во ерата на технократија и непрестајна трка по материјалните вредности и современите трендови, е дали родителите се навистина тука за децата. Живееме во општество кое ги вреднува видливите успеси, во кое човекот се оценува според неговиот успех на социјалните мрежи, според висината на неговиот доход и престижот на неговата позиција. Овој безмилосен ритам ја осиромашува човечката душа и го оддалечува од суштинските врски кои го облагородуваат животот. Родителите, заслепени од новите идеали за успех и самореализација, сè почесто се жртви на зависноста од социјалните мрежи и на бездушната трка за кариера и богатство, првонаредувајќи го, пред сè, својот дигитален имиџ, на сметка на семејната близина. Притоа, невидливата цена на оваа опсесија се плаќа со тежок данок: во изгубени моменти, во изгубено присуство, во изгубено воспитание. Родителите, погледнати низ очите на детето, се далечни, отсутни – дури и кога физички се присутни. Колку тажно е кога децата го бараат погледот на своите родители, но наместо на поглед кој зрачи со емпатија, нежност, радост и разбирање, наидуваат на екрани кои светат со друга светлина, светлина која не е топла и животворна, туку студена и илузорна. Екраните, кои ја крадат внимателноста на родителите, на детето му порачуваат дека неговото време и неговата љубов не се доволно важни. Детето сака мајка и татко, а не успешни бизнисмени и нашминкани слики во дигиталниот простор.
Во оваа бескрајна и би рекол бесцелна трка, возрасните губат допир со вистинскиот благослов на родителството – со можноста да бидат телесни и духовни водачи, учители, да пренесат мудрост, да понудат рамо, да принесат срце, да споделат мигови на нежност и разбирање. Присуството на родителите не може да биде заменето ниту со скапи подароци, ниту со површни гестови на внимание. Секое дете копнее за топлината на родителскиот збор, за вниманието кое не бара никаква цена, освен љубов и трпение. Но, во овој нов свет на парадоксална комуникација и површни врски, детето останува со длабокото чувство на тага и осаменост – во свет кој има сè освен неговите родители. Токму затоа, прашањето останува отворено и болно: дали во еден ваков свет родителите сè уште се тука за своите деца? И дали самите тие, во трката по успех и слава, забораваат дека вистинското богатство и вистинската слава лежат во срцата на нивните деца, во чистата љубов која само детето може да ја понуди? Жена, кога раѓа, има болки, зашто и дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот – вели Спасителот на светот (Јован 16,21).
Во свет исполнет со брзи промени и несопирливи предизвици, семејството останува стожерот на љубовта и вредностите што ги градат идните поколенија и го одржуваат општествениот поредок. Овој стожер е од суштинска важност за духовното здравје и благосостојба на секоја заедница, и затоа, неопходно е негово зацврстување со заеднички напори од сите религиски и социјални чинители. Христовото учење ни го открива семејството како икона на Божествената љубов, темел на општеството и најмала, но најсвета заедница, создадена според Божјата премудра замисла. Оваа порака за вредноста на семејството, која се раширила и во исламската традиција, треба да нè поттикне на заедничко дејствување и меѓусебна поддршка во зачувувањето на семејните вредности.
И доктрината на христијанската антропологија и исламската традиција го препознаваат семејството како клучна заедница во која се всадуваат одговорноста, трудољубието, трпението, честа, чесноста, почитта. Соединети во заедничкиот стремеж за воспитување и формирање здрави и стабилни личности, и двете верски заедници можат и мораат да создаваат мостови на соживот, кои ќе го зајакнат нашиот заеднички дом, нашиот социо-културен животен ареал, и повторно, нашето најдраго и најсвето нешто – семејството. Затоа, од суштинска важност е да ја пренесеме оваа заедничка визија за семејството како основна клетка на општеството, без разлика на религиската припадност, и да работиме заедно во промовирањето и заштитата на вистинските семејни вредности.
Во оваа смисла, како што учи мојот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, „секоја семејна заедница, кога е облагодатена од љубовта и добрината, станува место каде што се пресретнуваат земното и небесното, светлината Божја и душата човечка“. Нека токму оваа светлина нè води сите нас – и Христијани и Муслимани – во зачувување на семејството како столб на нашата заедничка иднина и како простор каде што се отсликува љубовта Божја, која ги обединува сите.
Ви благодарам.