Москва упаѓа каде што ќе посака, а останатите Цркви се прават дека не гледаат
Колку и да се обидува некој да ги протолкува со црковна терминологија дејствијата на Руската Црква, најверојатно ќе се најде во истиот безизлез во кој се најдов јас, започнувајќи го пишувањето на овој текст. Во време кога целата планета е во борба за својата иднина и бревта под тежината на последиците од пандемијата, Црквата на Русија покажува сила, препорачувајќи ни ја нејзината нова „црковна догма“. Една „догма“ која во многу потсетува на американскиот „шок и трепет“, покажува интересни сличности со инвазијата на руските тенкови во Прага, во агуст 1968 година, а би можело и лесно да ѝ се придодаде, парафразирана изреката на арогантниот француски „Крал Сонце“ – l’église c’est moi (фр. Црквата – тоа сум јас. Оригиналната изрека на Луј XIV, уште и наречен „Кралот Сонце“, е: Државата – тоа сум јас).
Многу политички и воени настани имаат сличност современата ситуација во Црквата на Русија, но за жал, ниту еден црковен. Црквата на Русија е навистина еден голем организам. Таа е огромна сила, со скоро неисцрпни ресурси и неверојатни механизми, така што прави што сака, бидејќи, едноставно, може. Она што не можеме со сигурност да го кажеме е тоа дали останува да биде Црква.
Фактот што руските свештеници служат во парохии на Константинополската Патријаршија без дозвола на Патријархот. Провокативната инвазија во јурисдикцијата на Александриската Патријаршија. Уникатното заложништво на Ерусалимската Патријаршија, која функционира со „пиштол на челото“, а ја негира состојбата, како и заканите на Цркви како Грчката и Кипарската, за намалување на туристичкиот прилив, или дури и формирање на руски црковни структури и во нивното владение. Сето ова е само врвот на сантата.
Дополнително видливо е и тоа што Црквата на Русија, наместо да го види проблемот од практичната, но и богословската изолираност во која се наоѓа, таа се восхитува самата на себе си и со своите дела покажува дека може да живее и без останатите. Како некој друг Нерон, кој го запали Рим и ги обвини Христијаните, така и Патријархот Кирил „ја пали“ секоја врска, поточно секоја свештена врска, помеѓу Православните, како би го обвинил со уште поголема ароганција Константинопол… „Не сум јас виновен, тие ме натераа“.
Во секој случај, причината од која паднав на искушението да го напишам овој текст, не е потребата да потсетам на сево ова погоре кажано, познато на секого, но да го прикажам огромниот проблем, „сантата“ која се крие под површината на водата и за која не говори никој.
А другите деветмина каде се?
По икономија, заради „муабетот“, но и заради стварноста, да ја прифатиме мојата гледна точка – дека Московската Патријаршија го има загубено патот. Таа функционира вонцрковно, неправославно и опасно. Упаѓа во Фанар, упаѓа во Александрија, го тероризира Ерусалим, ѝ се заканува на Атина. Останатите Цркви, другите Претстојатели, што прават? Зошто никој не зборува? Како е можно да ги следат овие невозможни дејствија и да не мрдаат со прст? Зошто никој не бара од Вселенскиот Патријарх да свика Велик Синод и да го испита прашањето на Русија? Зошто никој не се крева за сето ова што го следиме како од гром удрени (тие малкумина што продолжуваме да се бориме за црковните работи), како би се вратила Руската Црква во поредокот?
Многупочитуваниот Архиепископ Албански, што напиша толку текстови, загрижен за украинското прашање и за дејствијата на Константинопол, зошто не каже нешто? Антиохискиот, кој прекина општење со Ерусалимскиот за една парохија во Катар, како коментира? Ерусалимскиот, кој прекина општење со Романскиот за едно поклоничко место во негово владение, каде е?
Не сум историчар за да ги знам сите периоди на Православната Црква, но сум сигурен дека овој што го пронижуваме ќе биде сместен со најмрачните.
Ќе биде период во кој секоја Црква се изолира во својот микрокосмос, одбивајќи да се застапи за она во што верува, за да не ги расколеба рамнотежата и врските.
Виши клирици, претстојатели и водачи кои излегуваат на амвоните и ги повикуваат верниците да ги подражаваат мачениците и да го поддржуваат нивното верување, во исто време се прават дека не ја гледаат бедата во која западна Православната Црква. А ова е најлошото однесување што некој може да го покаже. Оној што не се крева против неправдата и неканоничноста, бидејќи не го интересира. „Е, аман, де, Московскиот му зел на Александрискиот десет попа од Џибути… Не е крај на светот…“ веројатно си мислат во себе, или се доверуваат на своите блиски соработници. Но, кога Москва ќе затропа и на нивната врата – тогаш ќе биде доцна.
За жал, погрешниот тон го даде самиот Вселенски Патријарх во Њујорк, кога рече дека „не му е гајле“ за руските дејствија. На прво читање звучеше убаво, силно, од висина. И јас исповедам дека му реков – браво. Но, сега, кога Москва излета од шините, да „не ни е гајле“ е веќе луксуз. И ако не бидне нешто сега, за да се врати рамнотежата, немојте да се изненадите ако ја видите кандидатката за „Трет Рим“ да го направи истото што во 1054 година го направи стариот Рим.
Извор: orthodoxia.info