Жигот на антихристот и печатот на Христос (втор дел)

Митрополит Јеротеј Навпактски

„И видов друг ѕвер како излегува од земјата и имаше два рога како кај јагне, а зборуваше како змев… и правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето; и ги заведуваше жителите на земјата со чудата што му беа дадени да ги прави пред ѕверот, велејќи им на жителите на земјата да направат лик на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. И му беше дадено да вложи дух во ликот на ѕверот, така што ликот на ѕверот да прозборува и да направи оние кои нема да се поклонат на ликот на ѕверот, да бидат убиени. И направи сите – мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови – да им се даде жиг на нивната десна рака или на нивните чела, та никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој го има жигот: името на ѕверот или бројот на неговото име. Тука е мудроста. Кој има ум нека го пресмета бројот на ѕверот, зашто е број на човек, а неговиот број е: шестотини шеесет и шест“. (Откр. 13, 11 – 18)

  • Жигот на ѕверот

Збор за ѕверот и за неговиот жиг се среќава во Откровението на Јован. Карактеристично и  класично место е еден дел од 13 глава од Откровението, коешто ќе го препишам и ќе го протолкувам.

Многу мислења се изнесоа за тој ѕвер. Очигледно се работи за антихристот. Затоа Арета, Епископот Кесариски, пишува: „Како за ништо друго не се раскажувало толку колку за доаѓањето на антихристот“. Антихристот е човек кој ги има дејствијата на сатаната. Затоа Евангелистот Јован вели: „излегува од земјата“. „Значи од земјата излегува, како што е раѓањето на сите луѓе. И тој е човек, по дејство на сатаната“. Имаше „два рога како кај јагне“. Продолжува Арета: „Роговите како кај јагне, но не исти, затоа што се претставува себеси кроток како Христос, за да заведува. Оттука е и сличноста на роговите, што означуваат слава“. И уште, тој антихрист зборувал како змев. „Како змев зборува, а не е змев. Не е дејствително Сатаната, тука оној што е подвластен, т.е. кој станал наследник на власта на ѓаволот“. Антихристот нема да е инкарнација на ѓаволот, туку ќе биде еден конкретен човек којшто ќе ги има дејствијата на сатаната.  

Антихристот ги заведува „жителите на земјата“. Но, кого заведува? Не ги заведува сите луѓе, туку само оние кои го имаат (приврзано) срцето за земните (работи), а не може да им направи апсолутно ништо на оние луѓе кои го имаат своето жителство на Небесата. (сп. Фил. 3,20)

Свети Андреј Кесариски пишува: „Ги заблудува оние чиешто постојано пребивање на срцето им е на земјата. Оние, пак, што го имаат стекнато жителството на Небесата, нив чувството не ги заблудува, бидејќи се заштитени токму преку најавата за Неговото доаѓање“ Така, антихристот има власт само над оние кои се незаштитени од благодатта на Христа и ги примаат во своето срце дејствијата на антихристот. На таквите луѓе им го дава жигот. „Да им се даде жиг на нивната десна рака или на нивните чела“. Фразата: „да им се даде“, го покажува доброволното ропство на луѓето, „бидејќи преку таквиот печат (знак) се остварува целосното покорување на таквите луѓе кон ѕверот“.

Зборот жиг „потсеќа на древниот источен обичај да се врежува или тетовира името на телесен или духовен господар, преку вжарен инструмент, на раката или на челото на наемници или робови на луѓе или богови“ (Панајотис Брациотис). Следствено, покажува зависност. Фразата дека жигот се дава на десната рака, според Арета, означува „за да се пресече дејствието на добрите дела“, додека, пак, жигот на челото означува „за откако со очите ќе биде примен уделот што доаѓа, да им предизвика помрачување на измамените, та во денот да не го поднесат благочестието благообразно“.

Со други зборови жигот на челото и на десната рака го покажува оддалечувањето на човекот од извршувањето на добрите дела, запазувањето на Христовите заповеди и уште го покажува помрачувањето на човекот. Тоа помрачување, пак,  не е ништо друго освен помрачувањето на умот кое соодветствува на падот на човекот. Тоа помрачување со јазикот на светите отци се нарекува робување на умот, умртвување на умот. Врз оние коишто се имаат помрачено во умот и се имаат оддалечено од Бога, антихристот има дејство, значи може да ги запечати.

Следствено, печатот на антихристот не е просто надворешно запечатување на одредени членови од човековото тело, туку е целосно поробување на заведените под антихристот. Затоа и ѓаволот не може да ги жигоса оние луѓе што живеат во Бога. Арета Кесариски забележува: „Но нема да го примат тоа, односно жигот, лицата што се обележани со божествената светлина“. Луѓето што ја имаат во себе во различни степени (просветление, гледање, постојано созерцание) Божјата благодат, ќе го избегнат печатот на ѕверот од Откровението, односно антихристот нема да може да има никаква сила над нив.

Тој жиг е „името на ѕверот или бројот на неговото име“, како што пишува во Откровението на Јован. Тоа значи дека „двојно е знаењето за него, или преку изговарање на самото име или преку број“. Кое е тоа име? Според Икумениј името не го пишува во книгата на Откровението или „зашто е недостојно да се запише во Библијата“, или за да не кружат мнозина околу тоа име, а и згора на тоа „на благочестивите им причинува тешкотии да го предосетат знаењето за доаѓањето и откако предвремено ќе го претположуваат излегувањето на цветот, постојано да отпаѓаат.

Св. Апостол и Евангелист Јован Богослов

Свети Андреј Кесариски нагласува: „Точноста на бројот, како и другите нешта за него напишани, ќе ги открие времето и искуството на трезвените. Да имаше потреба, како што велат некои од учителите, јасно да се дознае таквото име, оној кој го виде тоа – ќе го откриеше. Но, Божјата благодат не благоволи во Божествената Библија да биде назначено името на уништувачот, бидејќи во практичниот говор, според Иполит и многу други, може да се најдат многу имиња што го содржат тој број, било презимиња или главни имиња.

Многу нешта може некој да забележи во ова толкување на Свети Андреј Кесариски. Ќе се ограничам на три.

Прво, не ја знаеме точноста на името на антихристот. Ако требаше да го знаеме тоа име, тогаш самиот Евангелист Јован кој го виде ѕверот, ќе го запишеше во Откровението. Но Божјата благодат не сметала за добро да се запише името на антихристот во Светото Писмо.

Второ, точноста на бројот, но и на сè напишано за антихристот, ќе им се открие кога ќе биде потребно на оние што ќе се трезвеноумни, коишто ќе имаат трезвеност и согледување на Бога. Не е за секого да се обидува да го открие името и бројот на ѕверот, односно на антихристот.

Трето, многумина се обидоа да го најдат името на антихристот, но отпаднаа. Други, пак, ползувајќи ја грчката азбука, сметаа дека името е Латинос (Латинус); други, применувајќи ја еврејската азбука, мислеа на Нерон; трети, ползувајќи ја латинската азбука, го сметаа Диоклецијан или Тит (Панајотис Брациотис).

Доколку и ние живеевме во времето на Нерон или на Диоклецијан, цврсто ќе верувавме дека тие големи гонители се антихристот, бидејќи вршеле толку страшни гонења против Христијаните. Кој би можел да го порекне тоа? А сепак, тие поминаа, поминаа и толку векови и сеуште не дојде антихристот според претставата што ја опишува Христос, односно оној што ќе дојде во последните времиња, а потоа ќе следува Второто Пришествие.                    

Мислам дека најбезбеден цитат е оној на свети Иринеј што треба да го имаме секогаш на ум.  Пишува: „Побезбедно и побезопасно е да се чека исполнувањето на пророштвото, одошто да се испитува или да се одгатнуваат случајни имиња, бидејќи можат да се најдат многу имиња што го имаат претходно спомнатиот број“.

Жигот на ѕверот ќе го примат оние што ќе му се поклонуваат и ќе го обожуваат ѕверот: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими жиг на челото свое или на раката своја…“ (Откр. 14, 9) Односно, овде жигот се поврзува со прифаќањето и обожувањето на ѕверот. Оние кои го прифаќаат жигот немаат внатрешен мир: „Димот од мачењето нивно ќе се издига во вечни векови; и нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние кои ќе му се поклонат на ѕверот и на неговиот лик, и кои ќе го примат жигот на неговото име!“ (Откр. 14, 11) Оние кои го обожуваат ѕверот ќе бидат подложени на тешки искушенија: „И се појавија лоши и лути рани по луѓето, што го имаа жигот на ѕверот и се поклонуваа на ликот негов“. (Откр. 16, 2) Оние што го имаат жигот се заблудуваат од лажните пророштва: „И беше фатен ѕверот, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги заблуди оние што го беа примиле жигот на ѕверот и што се поклонуваа на ликот негов“. (Откр. 19, 20) Значи, оние кои се поклонуваат на ликот и го имаат жигот – тие ќе се заблудат од лажни пророци.

Оние кои му се поклонуваат на ѕверот, тие  го примаат неговиот жиг, додека, пак, напротив, оние кои не му се поклонуваат на ѕверот, не го примаат неговиот жиг. Евангелистот Јован вели: „И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговиот лик, и не примија жиг на челото свое и на раката своја“. (Откр. 20, 4) Значи, светителите кои одбиле да се поклонат на ликот на ѕверот, не го примија жигот на ѕверот, и покрај мачењата што ги поднесоа, па затоа се прославуваат на небесата.

Следствено, од сето ова се гледа дека жигот на ѕверот најтесно се поврзува со поклонувањето и обожувањето на ѕверот, со признавањето на ѕверот за бог. А тој жиг не е просто еден надворешен белег, туку внатрешно прифаќање на антихристот и негово признавање. Умртвувањето на умот е жиг на ѕверот и оние кои имаат мртов и помрачен ум се заблудуваат и постануваат робови на ѕверот од Откровението. Оние кои имаат просветлен ум, тие не го примаат жигот на ѕверот. Тоа е сигурниот заклучок од толкувањето на библиските места.

(Продолжува…)


Превод од грчки: Братството на Бигорската Обител
Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr