Јеротеј Влахос: Црковните канони за време на пандемија

Извор:

Навпактскиот митрополит Јеротеј Влахос испрати пастирско послание до верните, во кое наведува сведоштва од канонската практика на Црквата во врска со одговорноста на Христијаните за време на пандемии.

Познатиот грчки епископ и теолог ги повикува верниците, особено свештениците, да не бидат индиферентни кон болеста, туку да ги ползуваат вакцините како заштитно средство, „освен доколку лекарот кој ја следи вашата здравствена состојба и ја има потребната стручна квалификација, донесе поинаква одлука во врска со вашиот случај“.

Кон вакцинацијата не треба да се пристапува со „паратеолошки аргументи, политички интереси и конспиративни теории“, вели тој и истакнува дека дури на две места во својот Зборник на канони Пидалион ( на цсл Кормчија), преподобен Никодим Светогорец нагласува дека доколку за време на пандемија Христијанинот не внимава и стане причина за смртта на други, каноните го третираат како убиец.

Јеротеј Влахос, Навпактски митрополит

„Недопустливо е за вакцината против коронавирусот да се зборува со паратеолошки аргументи, поттикнати од политички интереси или конспиративни теории, кои се шират кај клирот и верните. Едно е научниот дијалог и научниот спор за подобрување на дотогаш постоечките средства за справување со вирусот – во рамките на научните институции, што е за пофалба, а сосема друго е одрекувањето на вакцината преку паратеолошки и конспиративни аргументи, кое за жал на најбрз начин се шири преку социјалните мрежи и создава немир и забуна среде Христијаните.

Обратете внимание на податокот дека движењето против вакцините во Америка преовладува во крајно фундаменталистичките протестантски кругови и среде луѓето опседнати со различни принципи на источните религии. Тука не би сакал да ги сместам и оние кои имаат други – лични политички или економски интереси за ова свое однесување.

За жал, идеите родени во тие фундаменталистички протестантски кругови во Америка им се пренесуваат и на луѓето во Православната Црква, без тие да се свесни дека овие ставови немаат теолошка основа и се туѓи на црковната свест. Навистина е жално што мнозина од луѓето со антиваксерски ставови се одликуваат со немање на сериозна теолошка мисла, на црковна свест и најпосле – со отсуство на сериозни научни аргументи.

Го прочитав сето она што е напишано против вакцините и сум изненаден од конфузноста во мислите и во пишаните коментари на луѓето, не можам да сфатам зошто недостасува „општиот став, какво е сеопштото мнение“. За жал владее ужасен хаос па напишаното во еден пасус до таа мера противречи на она во следниот пасус, што целото слово станува нејасно. Научните аргументи се испреплетуваат со „метафизички“, теологијата со паратеологија, христологијата со антихристологија и демонизам.

Науката сепак не е религија, ниту парарелигија, таа се раководи според научните критериуми и исто како и Православното богословие, нема ништо заедничко со фантазијата и екстремизмот. Во сето тоа преовладува заблудата која произлегува од заблудениот ум. И како што велат опитните богослови – лесно е да се заблудиш, но е многу тешко да се ослободиш од заблудата.

Како клирици сме должни да ги запазуваме мерките за хигиена за да не станеме причина и повод за заразување на Христијаните за кои се грижиме, бидејќи во спротивно, луѓето стануваат негативно настроени кон Црквата и ние ја носиме одговорноста за тоа.

Сакам да истакнам дека Св. Никодим Светогорец на двапати, колку што знам, вели дека доколку за време на пандемија Христијанинот не внимава и стане причина за смртта на други, според каноните треба да се третира како убиец. И поконкретно во својата Кормчија во дополнение на Апостолското правило бр. 66 тој пишува: „Како убиец да се осуди и оној човек кој за време на чума, знаејќи дека е заразен, оди по домовите и по населени места и ги заразува другите, станувајќи така причина за многу убиства“.

Во својот Исповедник (кога зборува за шестата Божја заповед) преподобен Никодим пишува: „Не убивај: оваа Заповед ја нарушуваат оние кои за време на чума, знаејќи дека се заразени, се собираат со другите и ги заразуваат; ја нарушуваат и оние кои се убиваат себе си и сите оние кои ја занемаруваат опасноста“.

Ете зошто им препорачувам на духовниците покрај другите работи тие што се исповедаат да ги прашуваат и ова: „Можеби намерно, знаејќи дека си болен, си одел кај други луѓе си ги заразил и тие умреле? Бидејќи каноните те сметаат за убиец“.

Сега ја разбирате сериозноста на оваа проблематика. Оној кој за време на пандемија, како што е оваа нашава, не внимава и ги заразува останатите, тој добива епитимја за убиство! И основен начин да се заштитиме себе си и другите е да бидеме вакцинирани, како што е случајот со други такви болести.

Доколку вашиот личен лекар, познавајќи ја вашата медицинска историја, ви препорача да не се вакцинирате, тоа не значи дека не треба да преземете други неопходни мерки за заштита и се разбира, не значи дека треба да ги советувате и убедувате Христијаните да не се вакцинираат. Во тој случај ќе одговарате пред Бога, како што пишува големиот учител на Црквата – Св. Никодим Светогорец.

Ве молам сериозно да го земете предвид горенаведеното и да не останете рамнодушни кон овој проблем, бидејќи сето тоа ќе значи дека се дистанцирате од соборниот и јерархиски организам на нашата Црква. 

Да се молиме на Бога да ни даде физичко и духовно здравје, а особено благоразумност, расудливост и внатрешен мир, кои во ова наше време ни се толку неопходни, за да не ни се случи да одиме во крајности.