Богословскиот факултет во Солун со тежок удар против руската црковна експанзија

Извор:
Богословскиот факултет во Солун

Искушението на власта, кое произлегува од чувството на моќ на некого што може да ги искористи дури и механизмите на една светска суперсила, но и каналите на пропаганда за да изгледа убедлив, нема никаква врска со размислата на Отците.

Богословскиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун во своето соопштение ја карактеризира како „противканонски акт“ што најпрвин ги повредува „основните црковни начела“, но и како „силен удар против единството на Православната црква“ одлуката на Руската патријаршија да основа „егзархија“ на територијата на Александриската патријаршија.

„Богословскиот свет со болка ја следи подлата, главно поради етнофилетизмот, интровертност во бедрата на Православната црква“, наведува универзитетската установа во своето особено строго соопштение, суштински прозивајќи ја Руската црква дека се има предадено на „искушението на власта, кое произлегува од чувството на моќ“.

„Неправедно е и крајно богохулно против Светиот Дух, Александриската патријаршија, која после долги векови процветува преку мачеништвото и сведоштвото на смирените мисионери, да трпи вакво противканонско однесување од една сестринска и според Диптисите понова православна црква; уште повеќе што истата во меѓухристијанските односи покажува особена чувствителност да не ја навреди, на пример, добрата соработка со Римокатоличката црква,“ се наведува во соопштението што го пробудува богословскиот свет.

Целото соопштение:

Одделот за општествено богословие и христијанска цивилизација при Богословскиот факултет при АУС го изразува своето најдлабоко жалење за одлуката на Светиот синод на Московската патријаршија да создаде руска егзархија во јуриздикцијата на древната Александриска патријаршија. Конкретниот противканонски акт ги повредува најпрвин основните црковни начела, изразени во канонските одлуки на Вселенските собори, а претставува силен удар против единството на Православната црква. Следствено на ова дејствие е ослабувањето на авторитетот и сведоштвото на нашата Црква во современиот свет. Од испитувањето на историските извори се заклучува дека, на крајот, ваквите акти се свртуваат против виновниците за антиканоничноста.

Богословскиот свет со болка ја следи подлата, главно поради етнофилетизмот, интровертност во бедрата на Православната црква, која во последно време, за жал, се поврзува со логиката „око за око“. Овој дух, туѓ на Христовото Евангелие, најпрвин ги напаѓа законите на соборноста и единството, кои прв ги воведува самиот Основач на Црквата. Од учењето на Отците знаеме дека Црквата, која лежи на гора висока, блеска со евангелската порака заради „соединување на сите“. Во ова рамка, користењето на световната власт со цел градење на световно црковно владение, се смета за едно искушение, слично на Христовото во пустината, та затоа е отфрлено на категоричен начин од страна на Отците, а дури и од надворешните писатели, за што е карактеристичен пример рускиот писател Достоевски, во случајот на Великиот инквизитор од „Браќа Карамазови“.

Искушението на власта, кое произлегува од чувството на моќ на некого што може да ги искористи дури и механизмите на една светска суперсила, но и каналите на пропаганда за да изгледа убедлив, нема никаква врска со размислата на Отците. На многустрадалниот африкански континент, Црквата е изградена преку пожртвуваното служење на слабите, според светски критериуми, мисионери, но силни според благодатта од сесилниот Бог. Надменоста на кнезот на овој свет, согласно Апостолот на народите Павле, се струполува пред духовната сила на Божјите Светии, односно пред посветените работници на Господовото Лозје.

Неправедно е и крајно богохулно против Светиот Дух, Александриската патријаршија, која после долги векови процветува преку мачеништвото и сведоштвото на смирените мисионери, да трпи вакво противканонско однесување од една сестринска и според Диптисите понова православна црква; уште повеќе што истата во меѓухристијанските односи покажува особена чувствителност да не ја навреди, на пример, добрата соработка со Римокатоличката црква. Потенцираме дека, кога Руската црква беше подложена на злоставување од безбожничкиот режим, црквите од елинското предание со сета своја сила ја даваа својата помош за да ги поткрепат во верата православните браќа Руси и да ги ослободат од нивната болка. Во тој случај владееше духот на единството, кој е благословен од Бога. Понатаму, потсетуваме дека Московската патријаршија функционираше подобро додека практично соодветствуваше на духовните завети, искуството и преданието на древните Патријаршии, особено на Великата Христова Црква [се мисли на Вселенската патријаршија, која го добила овој назив од таквото именување на нејзиниот соборен храм, „Света Софија“ во Цариград, заб. на прев.]. Познати се многу случаи на духовно содејство на Вселенската патријаршија заради зацврстување на Православието на руската земја.

Светиот и велик собор на Православната Црква (Крит 2016) појасни дека: „Православните автокефални цркви не претставуваат федерација од цркви, туку Една, Света, Соборна и Апостолска Црква“, и како таква е должна да го негува и промовира своето единство. Истиот Собор одлучи дека е незамисливо да постои дијаспора во рамките на јурисдикцијата на помесните автокефални православни цркви. Следствено, Руската црква со овој свој чекор ги навредува и современите соборни одлуки кои беа прифатени и од самата неа, бидејќи таа веќе ги имаше потпишано сите предсоборски текстови.

Иднината на Православната црква претпоставува единство и затоа сите сме должни да работиме во таа насока, почитувајќи ги и зацврстувајќи ги црковните институции. Скорешното искуство од сеправославната соработка за Светиот и велик собор го отвори патот за креативна и плодоносна соработка на помесните цркви. Овој пат треба да продолжи.

Како последователи на апостолското и светоотечкото предание, нашиот апел е да се врати канонскиот поредок, преку кој ќе процути сведоштвото на Православието во светот и ќе се слави во Троица Бог. Одговорноста на сите за помирување е голема.

Претседател на Одделот,

Константин П. Христу, професор

Извор: Оддел за општествено богословие на Богословскиот факултет во Солун