„Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите, зашто во Него се сите живи!“

,,Преминувајќи ја долината на плачот, тие наоѓаат извори во неа, и дожд ја покрива со благослови; минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион” (Псалм 83, 6).

Таму е средбата, таму е радоста, таму е животот, а овде… во долината на плачот, во суетата, во празнотијата што има? Навистина овој живот е една долина на плачот. Едно несигурно пловење по разбеснетото море на животот, кој брза и не се враќа. Ох, колку човештвото воздивнува и тажи за трагедијата на земниот живот, за суетната краткотрајна животна радост. Зошто е сè така минливо? Која е смислата на сето тоа?

Бог од љубов го создаде светот и човекот. Го создаде човекот по Својот образ и подобие. Бог е животот и животодавецот, Бог е убавината, радоста и спокојот. Бог нѐ создал за вечно да живееме и да се радуваме во Него. Гревот е тој што го лишил човекот од овој најголем благослов и наместо него, ја довел смртта. Поради тоа, исправени пред неа, ние чувствуваме немоќ, безутешност и тага. И навистина, Бог е Оној по Кого копнее човечката душа. Душата го бара својот Создател, својот Прототип – вечниот живот. „А живот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единствениот вистински Бог и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17,3).

„Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите, зашто во Него се сите живи!“ (Лука 20, 38)

На прагот сме пред светиот и велик пост. Пред неделата во која се сеќаваме на страшниот суд Христов, Светата Црква востановила да се прави помен за сите порано упокоени православни христијани: цареви, патријарси, архиереи, јереи, јеромонаси, јероѓакони, монаси, монахињи и сите отци и праотци, дедовци и прадедовци, родители и прародители, браќа и сестри и роднини наши, сите од краиштата до краиштата на вселената. Во овој саботен ден наречен Задушница, верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Зарем е можно да имаме вистинска врска и општење со нашите починати ближни, кои не само што веќе заспале со вечен сон, туку и коските нивни се одамна изгниени? Токму во Христа преку причестувањето со Неговите Тело и Крв ние имаме вистинско општење. Он Самиот ни го дава Своето Тело и Крв како храна и пијалок, како лек за бесмртност, како залог за идниот живот. „Зашто Моето тело е вистинска храна и Мојата крв – вистинско питие“ (Јован 6,55).  

За време на проскомидијата свештеникот вади честички од лебниот принос(просфората) за сите живи, но и за сите упокоени православни христијани кои се упокоиле со вера и надеж во воскресение и вечен живот, и нив ги потопува во Светиот Путир во Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, велејќи: „Измиј ги гревовите на сите овде споменати…“

Да се помолиме милостивиот Христос Бог наш да ги упокои душите на починатите во населбите на праведните и да ги удостои со гледање на преслаткото Лице Божјо, откако ќе им ги измие сите гревови, а нас да не помилува и спаси како благ и човекољубец, амин!