Жигот на антихристот и печатот на Христос (четврт дел)

Митрополит Јеротеј Навпактски
  • Крајни констатации

По сето ова можеме да завршиме со одредени констатации:

Прво. Откровението на Јован не е првата книга во поглед на редоследот во Светото Писмо, туку последна книга, и тоа, символичка и доста тешка за толкување. Затоа и Отците на Црквата не се занимавале многу со толкувањето на претставите во книгата. Обично ние ја читаме книгата Откровение како прв и ги оставаме сите други, а би требало да ги прочитаме од почеток Евангелијата и Посланијата на Апостолите, коишто нè учат како треба да живееме како Христијани.

Второ. Во Откровението на Јован не се зборува само за жигот на ѕверот, туку и за печатот или запечатувањето од Јагнето, односно од Христа. Не можеме да ги одделиме тие две реалности и да ја толкуваме само првата, и тоа половично, а да го одрекуваме второто, односно печатот на Христа. 

Трето. Жигот на ѕверот е поврзан со поклонувањето и обожувањето на антихристот. Сè што нè поттикнува да го обожуваме антихристот е сатанско. Кога ќе го прифатиме и обожуваме она што ќе ни побара антихристот на сметка на Бога, тоа е печатот на антихристот. Согласно сето учење на Црквата, можеме да кажеме дека помрачувањето на умот е жигот на ѕверот.

Четврто. Печатот на Јагнето не е само надворешен акт, туку прифаќање и обожување на вистинскиот Бог. Главно е практикувањето на целиот црковен живот, односно светотаинскиот и аксетскиот живот. Оној што си го ослободува умот од робството на ѓаволот, чиј што ум се просветлува и таму внатре се одвива непрестајното споменување на името Христово, што е показател дека човекот станал храм на Светиот Дух – тој го прифатил печатот на Светиот Дух.

Петто. Оние што се запечатиле со Божјата благодат, не треба да се плашат од било каква сила на антихристот. Тие ќе поминат низ „Црвеното Море“, како Евреите, ќе избегаат од „угнетувањето на фараонот“ и ќе стасаат до „ветената земја“. Ѓаволот нема никаква власт врз Божјите чеда.

За оние кои Го следат Јагнето и ги примаат Неговите енергии, ѓаволот е запечатен во бездната, како што вели Евангелистот Јован: „И видов ангел како слегува од небото, кој имаше клуч од бездната и голема верига во својата рака и го фати змевот, древната змија која е ѓаволот и сатаната, што ја заведува вселената, и го врза за илјада години, и го фрли во бездната, и го заклучи и ја запечати над него, за да не ги заведува народите, додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за малку време“. (Откр. 20, 1 – 3)

Свети Андреј Кесариски, толкувајќи во врска со укинувањето и запечатувањето на ѓаволот, пишува: „Овде се говори за соборувањето на ѓаволот кое се случило за време на Господовите страдања, кога него, кој се сметаше за силен, семоќниот Христос нашиот Бог го врза, нас, пак, кои бевме негов плен, од неговите раце нè ослободи, осудувајќи го него во бездната“.

Запечатувањето на ѓаволот во бездната е времето на Црквата. Црквата, како Тело Христово, владее над ѓаволот. Карактеристично за тоа се житијата на светиите. Ѓаволот нема никаква власт над Божјите луѓе. Може да им се појавува многу денови на монасите и да војува против нив, но да не може да го оддели нивниот ум од соединувањето со Бога како што се пишува за Јован Исихаст.

Шесто. Должност на сите е, а главно на нас пастирите, да ги водиме Христијаните со методот на православната побожност за да се активира во нивното срце печатот на Светиот Дух и така, кога ќе дојде антихристот, тие ќе го препознаат, но најважно е што ќе стојат со Јагнето.

Следствено, повеќе треба да зборуваме за Христа и да Го љубиме, пазејќи ги Неговите заповеди. Да се молиме и да живееме светотаински живот, отколку да зборуваме за антихристот, бидејќи во тој случај, ѓаволот на многу начини нè заведува за да завладее над нас со стравот, да нè оддалечи од спомнувањето на името Христово и со наше содејство да го продолжува своето демонско дело.

На крај, целото предание на Црквата ни предлага да се погрижиме да не запечати Христос, да бидеме живи членови на Телото Христово и тогаш нема да се плашиме од никаков антихрист и никаков негов претходник, зашто „зашто поголем е Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот“. (1 Јн. 4, 4)


Превод од грчки: Братството на Бигорската Обител
Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr